Фармерките задолжително треба да присуствуваат во секој плакар. Но, не само оваа сезона, туку постојано, затоа што никогаш не излегуваат од мода. Скоро секое друго парче облека може да се комбинира со фармерки – идеални се како за секојдневен, така и за вечерен парти изглед.
Купувањето на фармерки што на убав начин ја акцентираат женската фигура е голем моден предизвик, особено ако не сте во топ форма. Добрата вест е тоа што денес има огромен избор на модели и секој може да пронајде соодветни фармерки.
Не се обидувајте да ги следите последните трендови при изборот. Ако имате позаоблен изглед и повеќе килограми не избирајте да носите фармерки тип „цевка“, само затоа што тој стил е модерен. Најважно е да знаете да го балансирате стилот на фармерките со пропорциите на вашето тело.
Еве како да ги акцентирате убавите делови, а притоа да ги прекриете недостатоците со помош на фармерки кои одговараат на формата на вашето тело:
Ако вашето тело нема облини, т.е. рамената, струкот и колковите ви се скоро со еднаква ширина, тогаш најверојатно ќе си помислите дека ви одговараат фармерки со машка кројка. Но, всушност вие треба да изберете фармерки кои ќе му дадат облини на вашето тело.
Избирајте: фармерки со низок струк и со тесни ногавици. Фармерките тип „цевка“ се идеални за вас. Користете големи ремени во посветли бои кои ќе им дадат ширина на вашите колкови.
Избегнувајте: фармерки тип траперки, кои се шират постепено од коленото надолу. Тие ќе направат вашите колкови да изгледаат уште потесни и ќе пропуштите да му дадете облини на вашето тело. Исто така, прескокнете ги широките фармерки кои можат да направат вашата фигура да потсетува на машка.
Доколку вашите колкови се пошироки од вашите рамена и сте пополни во долниот дел на телото, отколку во горниот, тогаш вие имате форма на телото во вид на круша. Целта ви е да го одвлечете вниманието од широките колкови и да ги акцентирате вашите нозе.
Избирајте: фармерки кои се пошироки во долниот дел на ногавиците, затоа што така ќе ги балансирате широките колкови, но не треба да се премногу широки и да изгледаат како траперки. Избирајте низок струк, за да го избегнете создавањето на празен простор во областа на половината кога ќе седнете, т.е. да не ви се гледа долната облека. Тоа е голем проблем со кој се соочуваат жените со овој тип на фигура. Колку што е потемна бојата на фармерките, толку подобро. Доколку сте во можност пронајдете фармерки кои ќе имаат широк колан. Фармерките од потенок материјал полесно ќе паѓаат надолу и со тоа ќе ја издолжат вашата фигура, а еластичните фармерки подобро ќе го поправат проблемот со тенкиот струк.
Избегнувајте: фармерки со тесни ногавици тип „цевка“, затоа што тие ќе ги акцентираат сите облини што се обидувате да ги прикриете. Големо „не“ треба да им кажете и на широките фармерки со машка кројка.
Доколку сте пополни и вашата тежина е рамномерно распределена по телото, тогаш имате форма на јаболко. Целта ви е преку облеката да создадете фигура на песочен часовник.
Избирајте: фармерки чии ногавици се шират од коленото надолу. Побарајте фармерки кои се еластични и се растегнуваат, затоа што тие подобро ќе стојат на вашата фигура. Струкот да не им биде ниту премногу низок, ниту пак висок и задниот дел да биде повисок од предниот. Задните џебови треба да бидат големи и прилепени, за да бидат во хармонија со вашата фигура.
Избегнувајте: широки фармерки во светли бои. Светлите бои ќе ја истакнат вашата заоблена фигура, а широките фармерки ќе направат вашето тело да изгледа поголемо. Најдобро е врз фармерките на нема никакви детали како многу петлици, конец во боја на рабовите и сл.
Доколку рамената и градите ви се со еднаква ширина како колковите, а половината видливо со помала ширина, тогаш имате тело со фигура на песочен часовник. Доколку немате проблем со тежината, вие имате тело какво што посакува секоја девојка.
Избирајте: фармерки кои ќе ја истакнуваат формата на вашето тело. Фармерките тип „панталони“ одлично ќе ја издолжат вашата фигура. Ако сте ниски, нема да погрешите ако носите високи потпетици. Добар избор се и фармерките направени од еластични материјали и со низок струк.
Избегнувајте: фармерки кои се посветли и имаат многу детали во областа на колковите, затоа што непотребно ќе им дадат повеќе ширина.
Ако имате широки рамена и/или големи гради, а мали тесни колкови, тогаш имате тело со форма на обратен триаголник. Потребно е да привлечете повеќе внимание кон колковите за да ја балансирате оваа форма.
Избирајте: фармерки кои се широки во областа на колковите и бутовите, а се стеснуваат надолу. Всушност овој тип на фармерки одговара само на вашиот тип фигура. Избирајте фармерки кои имаат многу детали на предниот дел кај колковите. Деталите како конец во боја по рабовите, акцентирани џебови, џебови од страните или избелен материјал ќе направат колковите да ви изгледаат пошироки и со тоа ќе се балансира вашата фигура.
Избегнувајте: фармерки со тесни ногавици, т.е. тип „цевка“, затоа што ќе дојдат до израз вашите тесни колкови.

Мерилин Монро
Жената му се јавува на мажот:
– Каде си?
– Мила, се сеќаваш ли на онаа златара каде го виде прстенот кој многу ти се допадна?
– Аууу, да!
– Е, јас сум во кафеаната од другата страна на улицата.
Коментари (0)
Напишете коментар
Ако сè уште не сте регистрирани, кликнете овде.