Почетна » Убавина и мода » Коса » Опаѓање на косата

Опаѓање на косата

Физиолошки, секојдневно од косата паѓаат 50-80 влакна кои се заменуваат со нови. Состојбата при која од косата опаѓаат повеќе влакна отколку што се создаваат се нарекува ефлувиум (effluvium). Доколку овој процес не се сопре, тогаш настанува ќелавост – медицински позната како aлопеција (alopecia).

Алопецијата се карактеризира со губиток на коса или влакна и може да биде привремена или трајна.

Опаѓање на косата

Најчести болести на косата, каде главниот симптом е разретченоста и недостатокот на коса се:

Симптоматски ефлувиум

Станува збор за минливо опаѓање на косата, кое настанува како резултат на оштетување на влакнестиот фоликул од егзогени или ендогени фактори.

Најчести причини кои доведуваат до овој тип на дифузно опаѓање на косата се:

  • Тежок психички стрес;
  • Строги диети;
  • Породување;
  • Малнутриција;
  • Одредени лекови – антиконвулзиви, антидепресиви, бета блокатори, антикоагуланти, лекови против акни кои содржат витамин А (орални ретиноиди), лекови за тироидни заболувања, орални контрацептиви, НСАИЛ – нестероидни антиинфламаторни лекови, лекови за намалување на нивото на холестерол, хормонска терапија и др.
  • Железодефицитна анемија;
  • Нарушување на функцијата на тироидната жлезда;
  • Тешки инфекции;
  • Операции;
  • Високо фебрилна состојба.
Опаѓање на косата

Клиничка слика: Главниот симптом е зголемено и ненадејно опаѓање на влакната, поради што настанува дифузно проретчување на косата. Дневно може да паѓаат од 150 до 1.000 влакна.

Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика и наодот од трихограмот (микроскопски преглед на коренот на влакното).

Лекувањето зависи од причината која го предизвикала дифузното опаѓање на косата. Откако причината ќе се санира, косата повторно спонтано расте.

Андрогена алопеција

Овој е најчест тип на алопеција кој се јавува како резултат на андрогена стимулација на фоликулите на влакната. Станува збор за генетски наследно заболување, каде како што кажува и самото име, губењето на косата е индуцирано од андрогените. Овој тип на алопеција е позастапен кај машката популација, но ги афектира и жените.

Клиничката слика е различна кај мажите и кај жените.

Андрогена алопеција кај мажи

Опаѓање на косата

Кај мажите, процесот на опаѓање на косата започнува најчесто во третата деценија. Се состои од 4 степени. Во првиот степен се јавуваат т.н. „тајни ќошиња“ во фронталниот, преден дел од главата. Во вториот степен, покрај присуството на „тајни ќошиња“ кои се поизразени, настанува проретчување во централниот дел, но сè уште се присутни „мостови од влакна“ меѓу соголените места. Во третиот степен, „мостовите од влакна“ отсуствуваат, а во четвртиот степен, присутен е само „венец на коса“ – хипократска ќелавост.

Од овој тип на алопеција страдаат сите мажи од белата популација.

Андрогена алопеција кај жени

Опаѓање на косата

Кај жените, андрогената алопеција започнува околу 30-тата година, а се интензивира кон средината на четвртата деценија. Процесот на опаѓање на косата се одвива во три степени.

Во првиот степен, проретчувањето на косата е ограничено и не ги зафаќа шишките, односно косата останува непроменета во областа 1-3 сантиметри непосредно над челото. При вториот степен, проретчувањето во централниот дел е поизразено, но ширината на шишките е непроменета. При третиот степен присутна е целосна ќелавост во централниот дел, со тоа што во предниот дел сè уште се присутни прамени на коса – шишките се зачувани. При андрогената алопеција кај жените, постои можност паралелно да се јави зголемена влакнетост над горната усна и екстремитетите.

Дијагнозата се поставува со помош на клиничката слика и наодот од трихограмот.

Лекувањето за андрогената алопеција кај жени вклучува локална апликација на раствори со естрогени и орална терапија со антиандрогени во комбинација со естрогени. (Треба да се внимава на контраиндикациите!). Кај мажите, третманот вклучува локална апликација на 2% миноксидил и орална терапија со финастерид. Можна е и трансплантација на коса.

За жал, прогнозата кај овој тип на алопеција е неповолна.

Алопеција ареата

Alopecia areata претставува ненадејно губење на косата, кое се манифестира во вид на добро ограничени тркалезни или овални области.

Опаѓање на косата

Причините за појава на овој тип алопеција во целост не се дефинирани. Се смета дека игра улога генетската предиспозиција, но и влијанието на други фактори како емоционалниот стрес и присуство на хронични воспалителни фокуси (заби, синуси, грло и др.).

Како причина за alopecia areata се претпоставува дека е и нарушувањето на имуниот систем, односно негово насочување против сопствениот организам – автоимунитет. Фактот дека голем број на автоимуни заболувања, меѓу кои и витилиго, Хашимото тиреоидитис и системски лупус, се поврзуваат со овој тип на алопеција, уште повеќе ја потврдува оваа теорија.

Клиничка слика: Разликуваме три фази кај alopecia areata. Првата, фазата на прогресија, се карактеризира со појава на едно или повеќе жаришта каде што започнува опаѓањето на косата. Кожата на местата каде што косата опаѓа е мазна и сјајна. Во оваа фаза, влакната во зафатената област лесно се откинуваат. Со ширењето на жариштата, процес кој често трае со недели, може да дојде до нивно спојување и формирање на поголема соголена област на главата. Втората фаза е фаза на стабилизација, период кога косата ниту опаѓа ниту расте, по што следува фазата на регресија.

Болеста најчесто трае 3-6 месеци, по што во најголем дел од случаите повторно израснува коса. Но, еволуцијата на ова заболување е доста неизвесна, затоа што постојат случаи каде и понатаму се јавуваат нови жаришта, кои можат да го зафатат целиот скалп, како и другите делови од телото. При агресивен тек на alopecia areata, се случува губење на целата коса за 10-15 дена.

Дијагнозата се поставува со помош на клиничката слика и со микроскопско прегледување на корените на влакната – трихограм.

Лекувањето има за цел стимулација на фоликулите за повторна продукција на влакна. Може да биде:

  • Локална терапија: салицилна киселина во алкохолен раствор, цигнолин, кортикостероидни масти, локална имунотерапија, интрадермална апликација на триамцинолон ацетонид итн.
  • Општа терапија: системски кортикостероиди и ПУВА (UVA терапија).

За жал, исходот на болеста често е непредвидлив.

Трихотиломанија

Трихотиломанија е самоиндуцирана алопеција, при која губењето на косата се должи на намерно и најчесто несвесно кубење на влакната. Оваа состојба е типична за децата и вообичаено е несвесен одговор на привремен стрес. Кај возрасните се јавува поретко и е резултат на некое психичко нарушување.

Опаѓање на косата

Клиничка слика: Луѓето кои страдаат од ова заболување преку кубењето на влакната ја намалуваат психичката напнатост, по што чувствуваат задоволство и смиреност. Најчесто се афектирани деловите од скалпот кои се лесно дофатливи со рацете, но кај дел од случаите се зафатени и веѓите и трепките. Ако личноста е десничар, промените се во деловите од скалпот кои се полесно достапни за десната рака, и обратно.

Дијагноза: Пред да се постави дефинитивна дијагноза дека станува збор за трихотиломанија, потребно е да се исклучат други заболувања кои даваат слични симптоми, како alopecia areata или tinea capitis (габично заболување на окосмениот дел од главата – скалпот, веѓите и трепките).

Лекувањето зависи од причината која довела до појава на заболувањето и најчесто вклучува консултација со психолог или психијатар.

Дистрофичен ефлувиум

Овој тип алопеција се јавува при хемотерапија и радиотерапија. Состојбата се карактеризира со дифузно губење на косата, а најчесто по завршување на третманот кој довел до опаѓањето, косата се обновува.

НАПОМЕНА: Доколку забележите зголемено опаѓање на косата, посетете го вашиот лекар со цел да се открие причината и ако е потребно навремено да се даде соодветна терапија.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9512 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.