Тестиравме Samsung Galaxy S10: Извонредни фотографии, но што сѐ друго треба да знаете пред да го купите?
Почетна

Тестиравме Samsung Galaxy S10: Извонредни фотографии, но што сѐ друго треба да знаете пред да го купите?

Кога Samsung Galaxy S10 ќе ви легне на дланката, недвосмислено знаете дека сте влегле во нова смартфон димензија. Сè што можевме да очекуваме од најновиот кандидат кој претендира да владее на тронот во вечната борба за најдобар паметен телефон е тука!

Од прва рака се уверивме дека со јубилејната итерација S10, Samsung покажува дека има многу скриени асови во ракавот. Главните адути се атрактивно руво со футуристички шмек, ултразвучен читач на отпечаток на екранот за отклучување, ултра широка камера за импресивни фотографии со видно поле од 123 степени, револуционерно безжично полнење на други уреди, најусовршен екран во семејството Galaxy досега, напредна интелигенција и одлични перформанси.

Galaxy S10

Три недели го тестираме S10 во различни услови. Па, што сè нè одушеви кај Galaxy S10, кои се новитетите за кои треба да знаете и кои се елементите на кои според нас им е потребно подобрување? Ова се првите впечатоци:

Да, навистина изгледа фасцинантно со футуристичка естетика

Не сме пристрасни со заклучокот дека дизајнот на S10 е беспрекорно елегантен и делува како да сме во допир со иднината.

Galaxy S10

Првенствено нè освоија хипнотизирачките призма бои, кои ја уловуваат светлината на футуристички начин. Преливањето на нијанси на „Призма Бела“ во зависност од околината има магичен ефект, што очигледно не е лесно за постигнување, бидејќи за креирање на истата, бил создаден спој од 1.000 нано-ленти, секоја со различна рефлективност.

Galaxy S10

Штом го вклучивме екранот, почетно нè „заведе“ вибрантноста на боите, а секунда потоа, погледот ни регистрира колку голем е екранот и ни застана за момент на црното крукче за селфи камера. (На квалитетот на екранот ќе се навратиме и малку подолу.) Очите особено ги разгалува чистата линија и глаткиот спој на дисплејот со задниот дел.

Големината не е предизвик за женската дланка, како што тоа е случај со многу други паметни уреди. Всушност, со димензии од 149,9 x 70,4 и „дебелина“ од 7,8mm постигнат е перфектен баланс помеѓу чувството на сигурност при држење и тенкост. Иако го користевме без маска, ни оддалеку не се чувствувавме дека ќе ни излета од раката при секој потег. Се разбира дека го ракувавме претпазливо, бидејќи секој премиум телефон во денешно време е кршлива скапоценост, но рамката е со параметри кои влеваат чувство на сигурност.

Мал „минус“ во дизајнот е местоположбата на копчето за вклучување/исклучување. Бидејќи на S10 се наоѓа погоре во споредба со неговите „претци“, ни беше попроблематично да го притискаме додека го користевме уредот со една рака.

Фановите на iPhone продолжуваат да се љубоморни што Samsung не се откажува од приклучокот за слушалки, иако во својата палета нуди и квалитетни безжични слушалки. Приклучокот стои на долниот дел од рамката на задоволство на сите љубители на музиката.

Минатата година, лојалните фанови на Samsung беа разочарани од дизајнот на S9, зашто беше речиси идентичен на S8, но годинава со S10, веќе ги радуваат повеќе прогресивни промени. Изгледот навистина е прашање на вкус, сепак, гласно говори и фактот дека досега не наидовме на некој што го виде S10 во живо и има каква и да било замерка за дизајнот.

Екранот е објективно најдобар, најсветол и најживописен, а и ги штити очите

Најдобар по сите параметри! Светол и живописен, а со најоптимален сооднос тело-екран, Galaxy S10 освојува со извонредниот квалитет. Најдобро го увидовме усовршувањето на дисплејот кога се вративме на телефоните кои претходно ги користевме (вклучително и iPhone XS) откако извесно време го тестиравме S10. Разликата е очигледна.

Најсветлиот и најдобриот екран кој ви ги штити очите од сината светлина

Динамичкиот AMOLED дисплеј кај S10 е за 14% посветол од серијата S9 и динамично ги мапира боите за да ги прикаже што пореално и да го долови контрастот во секој кадар, што резултира со поостри и појасни детали. Значително се олеснува гледањето во екранот, дури и под силна сончева светлина. Не моравме со раката да правиме сенка или да се засолнуваме од сонцето за ги гледаме сите податоци на екранот.

Јавна тајна е дека Samsung е неприкосновен лидер за квалитетни екрани, но со новата серија, повторно се надминува. За разлика од сериите S8 и S9, кои нудеа резолуција 2960 x 1440, кај S10 ќе ве одушеви 3040 x 1440 QHD+ резолуција.

Од здравствена перспектива, најдоброто подобрување е неверојатното намалување на сината светлина на екранот со 42%, без воопшто да се променат боите. Научно е докажано дека сината светлина влијае негативно на биолошкиот ритам и значително го влошува квалитетот на спиењето. Па сега, ќе можете пред заспивање да уживате во филмови/серии или да играте за релаксација, со увереност дека тоа нема да ви ги заморува очите и нема да ви го влошува квалитетот на сонот.

За максимално непречено доживување, Samsung развија нов, уникатен „инфинити-О“ екран, во кој е инкорпорирана и предната камера. Малото црно крукче во десниот агол не го тангира целокупното искуство. Иако по првото вклучување, погледот прво ќе ви падне на него, воопшто нема да го перципирате откако ќе вдлабочите во користењето. Откако започнавме да правиме селфи фотографии, сфативме дека токму тоа крукче е супер водилка за секогаш да гледаме директно во камерата за совршени фотографии. Можеби и тајно оружје на селфи-зависниците?

Голем вирален хит е сокривањето на малото крукче со итри позадини. Многумина го сфатија како забавен поттик на креативноста и мамат илјадници насмевки.

Galaxy S10

Новитет е и фабричката заштитна фолија за екранот, која е компатибилна со вградениот сензор за отчитување на отпечаток. Колку и да е практична за екранот да остане беспрекорен без минијатурни драсканици, откако го тестиравме телефонот и без неа, заклучивме дека фолијата во одредена мера му ја отежнува работата на сензорот за отклучување.

Не е за занемарување ни „ноќниот режим“, за „затемнување“ на стандардните апликации, бидејќи е многу попријатен за очите во темни услови. Ако сте меѓу корисниците кои секоја ноќ се успиваат со телефонот во раката, особено ќе бидете задоволни од оваа опција.

Наситени, вибрантни бои, екран кој максимално се протега до рамката, заштита од сината светлина, импресивна резолуција... Не е изненадување што екранот на новото Samsung трио глобално добива најпозитивни оценки.

Отклучувањето со отпечаток на екран е револуционерно, брзо и безбедно, но заобиколете ја идентификацијата со лице

Револуционерна технологија за брзо отклучување со ултразвучен сензор вграден во диспејот

Пристапот е брз и едноставен! Samsung го донесе сензорот за отклучување на самиот екран, со што евидентно ни ја олесни постапката која ја повторуваме десетици пати на ден.

Поставете го прстот во центарот на долниот дел на екранот и веднаш сте внатре.

За да го постигне ова, Samsung прв во светот го инкорпорира револуционерниот ултразвучен скенер за отпечатоци, кој е многу побезбеден од традиционалните оптички сензори. Пионерскиот сензор испраќа звучни бранови до кожата за да го отчита вашиот отпечаток, т.е. релјефните контури на вашиот прст. Со тоа се регистрира 3D-слика од отпечатокот што е клучно за максимална безбедност.

Најинтересното е што ултразвучниот сензор ќе ги вчита деталите на вашиот отпечаток, дури и ако прстот ви е воден и независно дали сте во супер мрачна просторија или директно на сонце. Така што, без пречки и одложување и без оглед на амбиентот, веднаш добивате пристап до смартфонот.

Кога телефонот не е „разбуден“ и екранот е потполно темен, првичниот предизвик е да го погодите точното место за поставување на прстот, а нашето искуство вели дека за кратко време се развива „мускулна меморија“. Ако по неколку дена користење на оваа технологија се вратите на стар уред, веднаш ќе забележите колку многу ќе ви недостига, зашто е многу, многу практична.

Со оглед на тоа што станува збор за нова технологија, која Samsung прв ја носи на пазарот, веројатно разбирливо е што еднаш на 7-8 обиди добивавме порака „Нема совпаѓање“ и моравме да се обидеме повторно. Веќе има софтверски апдејти кои се стремат да го минимизираат неуспешното отчитување.

Наша препорака е да ја избегнете опцијата за отклучување со препознавање на лице. Веродостојни тестови покажуваат дека е возможно да се пробие во телефонот само со фотографија или видео, зашто прецизноста е ниска. Тука треба да се спомене и дека новата генерација на Samsung го отстрани отклучувањето на телефонот од скенирање на ирисот на окото.

За најдобра безбедност, користете го сензорот за отпечаток и заборавете на стравовите поврзани со приватноста!

Камера со која и од аматери станувате професионалци

Живееме во „фото-ера“, кога визуелно ги овековечуваме моментите почесто отсекогаш. Па, секој посакува одушевувачки фотографии, а сега тоа ни е на дофат на рака. Со три задни и една предна камера, имате леќи за секоја прилика и навистина можете да правите чуда!

Прво го испробавме новитетот „ултра широка камера“, за кој навистина многу слушавме. И веднаш заклучивме дека сите комплименти се заслужени.

Ако сте обожавател на фотографијата, со оваа камера со видно поле од 123 степени ќе можете да си го подобрите портфолиото со зачудувачки фотографии. Честопати нема да ви се верува колку прекрасна глетка е она што е уловено на екранот.

Galaxy S10

Од една иста точка создававме три фотографии (со ултра широка камера, широкоаголна камера и телефото камера), кои на различен начин го отсликуваа она што ни беше пред очите, а тоа набрзо ни премина во навика додека изигрувавме туристи низ Битола.

Galaxy S10Фотографирано со ултра широката камера на S10 Galaxy S10Фотографирано со стандардната широкоаголна камера на S10 Galaxy S10Фотографирано со телефото камера на S10

Со новата ултра широка камера панорамите стануваат поспектакуларни.

Galaxy S10

Не можете да ни замерите што голем дел од времето го посветивме на тестирање на фото-способностите на S10, зашто наидовме на мноштво интригантни параметри и убедени сме дека и вие би постапиле слично.

Galaxy S10 Galaxy S10 Galaxy S10

Сакавме да видиме што ќе направи „Фокусот во живо“: Имате шанса да им дадете длабочина на фотографиите со ефектите „Фокус во живо“, кои се достапни и на предната камера за одлични селфи фотографии. Интензитетот на четирите различни можности за „боке“ ефект можете да го регулирате самите, односно можете да контролите колку да е заматена позадината, и тоа пред, но и по фотографирањето.

Си поигравме со опцијата за снимање во супербавно движење, која ќе им стане омилена на сите кои живеат авантуристички и динамично. Ќе можете во полн сјај да уловите моменти кои човечкото око не може да ги регистрира.

Стабилизацијата е драстично подобрена. Дури и кога снимате за време на динамично движење, резултатот е видео кое воопшто не ги иритира очите и не ви го „мати“ умот. Можете да снимате на концерт додека скокате на ритамот на музиката и сепак ќе бидете задоволни со релативно стабилна снимка.

Ја испробавме и интелигентната камера, која предлага композиција и автоматски ги подесува сите поставки според околностите. Од резултатите од предложените подобрувања бевме многу задоволни.

Galaxy S10

А споделувањето на спомените на Instagram е полесно и побрзо отсекогаш. Под секоја фотографија или снимка се појавува копче со контурите на логото на Instagram со кое избирате да споделите директно на профилот или како Instagram Story, па секунди ве делат од објавувањето на вашите дела на популарната социјална мрежа.

Исто така, првата опција (најлево) е наречена Instagram и кога е избрана, само што ќе завршите со фотографирање или снимање, веднаш преминувате на Instagram за да ја лансирате пред очите на пријателите или светот.

Ентузијастите за фотографија ќе уживаат во опцијата „Профи“, со која ќе можат да прилагодуваат различни параметри за да извлечат максимален ефект.

Сума сумарум: Просечните фотографии стануваат одлични, а одличните фотографии се претвораат во ремек-дела.

Galaxy S10

Имате повеќе од доволно батерија, па можете и безжично да полните други телефони

Со нормално користење на телефонот, на крајот на денот ни преостануваше околу 30-35% од батеријата – податок што апсолутно ќе го израдува секој смартфон-зависник. Што значи дека можете да поминете минимум 24 часа без да го наполните телефонот.

Освен што ќе можете да се радувате на секогаш функционален уред, мошне кул е што придобивате супермоќ безжично да ги „вратите во живот“ туѓите празни телефони.

Еден од свежите новитети кој крева прашина е што телефонот „de facto“ се претвора во безжичен полнач. Каде и да сте, наполнете ја батеријата на пријателите додека неуморно „летате“ од една авантура во друга, на мајка ви или сестра ви која заборавила да си го наполни телефонот пред да излезете на кафе-средба, на саканиот за време на патување, на вашите безжични слушалки...

Едноставно го активиравме „Wireless PowerShare“, го поставивме празниот S8 врз S10 и веднаш започнa полнењето.

Galaxy S10

Е сега, ако сакате да сте дарежливи, морате да бидете спремни дека телефонот кој го полните ќе ви „исцица“ одреден процент од батеријата. Направивме мал тест со полнење во времетраење од 30 минути. S10 започна со батерија на 100%, а S8 со 14%. 30 минути откако ги поставивме еден врз друг, ситуацијата се промени на 73% со 29%, сосема доволно за S8 да продолжи со нормално функционирање.

Навистина полезна опција која ќе посакате да ја има секој мобилен уред, особено кога патувате и не секогаш сте во можност да го освежите напојувањето.

Уште едно подобрување е Брзото Безжично Полнење 2.0 со кое безжично го полните Galaxy S10 исто толку брзо како и со жичен полнач.

Перформанси кои ќе ги изненадат и најактивните смартфон ентузијасти

Екстра брзо отворање на апликации и скокање од една активност на друга? ДА. Непречено фотографирање со динамично менување на различните камери? ДА. Играње на игри со комплексна графика? ДА, без „кочење“.

Конзистентност е зборот кој најдобро ни го опишува новото Samsung искуство. Кога и да притисневме копче, вклучевме апликација, отворавме камера или зачувувавме промени, сè се случуваше со непроменета брзина. Не успеавме да достигнеме ниво на мултитаскинг кој би го забавил работењето! Воочливо сè се случува побрзо, благодарение на меморијата која е помоќна од меморијата на повеќето лаптопи во Македонија.

Поконкретно, Galaxy S10 доаѓа со 8GB RAM и 128GB внатрешна меморија, како и можност за надградба со microSD картица, што не е возможно кај iPhone и Pixel.

Смартфоните стануваат поголеми и поголеми, и тоа е одлично, но предизвик е да се користат со една рака, што честопати ни се наложува како задолжително. Иритира кога треба да се напрегате со палецот за да притиснете копче во далечниот лев горен агол, нели? Со новиот софтвер One UI, Samsung се стреми кон подобра навигација, т.е. раката да се задржи на што поприродни движења. Така, со One UI „вградените“ апликациите на Samsung придобиваат нов изглед со кој клучните интерактивни елементи се во долниот дел на екранот, на дофат на палецот.

Galaxy S10

Со вештачка интелигенција, S10 учи како го користите телефонот и во позадина предвреме ги лоадира апликациите во период од денот кога вообичаено ги отворате. Па, кога ќе притиснете на нив, се лансираат со молскавична брзина.

Исто така, телефонот самостојно ги затвора апликациите кога мисли дека е минимална веројатноста да ги користите и со тоа го продолжува животот на батеријата и ослободува ресурси.

Сè на сè имате невидлив асистент кој ќе се погрижи телефонот да ви служи во најдобро светло.

Galaxy S10 се оцртува како лесен избор за оние кои го сакаат најдоброто од најдоброто и сепак имаат доволно длабок џеб да си го дозволат, зашто обединува доволно возбудливи иновации за да ги задоволи и најпребирливите корисници.

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 26%
  • 74%
Се испраќа...

(Вкупно: 4167 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?