10 начини да се зближите со вашите деца
Почетна » Семејство » Дете » 10 начини да се зближите со вашите деца

10 начини да се зближите со вашите деца

Денес децата растат толку брзо што пред вие да успеете да си одделите доволно време за нив, тие ќе ве надраснат и ќе се оддалечат од вас. За да не го пропуштите нивното растење и за да бидете постојано дел од нивниот живот, потребно е да поминувате повеќе време со нив и да се вклучувате во активности кои ним им се интересни.

Мајка и ќеркаОрганизирајте пикници во природа и излегувања со вашето дете

Еве неколку едноставни начини за повеќе да се зближите со вашето дете:

  • Одете на состанок со вашето дете. Кога сакате да поминете повеќе време со вашиот сопруг – излегувате заедно. Па, исто и кога сакате да поминете повеќе време со вашите деца за да им посветите внимание, излезете заедно. Без разлика дали тоа ќе го правите еднаш неделно или еднаш месечно, излегувањето ќе биде ваш мал ритуал кој сигурно ќе ве зближи. Одете на пица или пак во слаткарница. Тоа е идеална можност за отворено да разговарате со вашето дете. Така детето нема да се чувствува како да е на испрашување, а и вие ќе добиете време за релаксација.
  • Покачете го адреналинот во природа. Не мора да биде 1-ви мај за да направите мал излет. Одете на фамилијарен пикник во природа. Посетете некоја голема ливада и трчајте и играјте со вашето дете. Ако е доволно возрасно, може да организирате возење со велосипед до најблиската ливада. Понесете и фотоапарат за да ги овековечите веселите моменти на кои секогаш ќе се сеќавате.
  • Гледајте филмови и емисии заедно. Без разлика дали тоа се филмови од типот на „Хари Потер“ или цртани филмови, седнете и вие до вашето дете. Најдобро е да го соберете целото семејство, да направите пуканки и сите да уживате заедно пред телевизорот. Гледајте и поучни емисии кои ќе ги поттикнуваат вашите деца да мислат, да стануваат љубопитни и да ви поставуваат прашања.
  • Играјте заедно. Вклучете се во игрите на вашето дете. Ако тоа обожава да игра на компјутер, седнете и вие до него и играјте еден против друг. Имајте во предвид дека старомодните игри како „монопол“ и „не лути се човече“ може да не му се интересни на вашето дете. Бидете современ родител којшто знае да биде во чекор со времето.
  • Раскажувајте приказни од младоста. Децата обожаваат кога слушаат како некој им раскажува, особено ако во приказната се вклучени ликови кои тие ги познаваат. Во зависност од нивната возраст, раскажете им соодветна интересна или смешна случка од вашето детство од којашто може да извлечат поука или пак кажувајте им како вие сте ги решавале љубовните проблеми во тинејџерските години.
  • Гответе нови рецепти заедно. Отворете книга со рецепти и дајте им на вашите деца да изберат еден што им изгледа убаво. Набавете ги потребните состојки и влезете заедно во кујната за да го приготвите избраното јадење. Без разлика на возраста, децата можат да ви помагаат. Се разбира, треба да внимавате какви задачи ќе им доделите. Ако се мали, дајте им да ги мијат зеленчуците, а ако се доволно возрасни, дозволете им да сечкаат со нож. Дури и ништо да не испадне од новото јадење, сите ќе се забавувате и ќе го паметите долго време.
  • Дотерувајте се заедно. Направете ѝ фризура на вашата ќерка или пак земете малку гел или пена за коса и средете му ја косата на вашиот син. Мијте ги забите заедно и постојано кажувајте им колку се убави. Тоа ќе им ја зголеми самодовербата, а ќе добиете и повеќе време за зближување.
  • Разменувајте си модни совети. Кога сте на шопинг, влезете во улогата на стилист и давајте совети. Објаснувајте ѝ на вашата ќерка дека секогаш треба да се облекува соодветно за возраста и да се обидува да ги прилагоди трендовите на својот стил на облекување. Потоа, дозволете ѝ да одбере неколку парчиња облека за вас. Кога се подготвувате за излегување, дајте ѝ неа да ги избере обувките што вие ќе ги носите. Така ќе знае дека нејзиното мислење ви е важно и вашата врска уште повеќе ќе се зацврсти.
  • Праќајте SMS пораки. Доколку вашите деца се доволно возрасни за да имаат свој мобилен телефон, од време на време праќајте им пораки. Според нив, тоа е „кул“ начин за комуникација. Но, не претерувајте со мајчинската љубов и загриженост во пораките. Употребете некои од знаците кои тие ги користат за поздрав или искажување на љубов како ХОХО (прегратки и бакнежи), kiss (бакнеж), <3 (срце) и сл.
  • Разменувајте си музика. Ако вашето дете е повозрасно, особено ако е тинејџер, тогаш сигурно поголем дел од своето време слуша музика. Обидете се да дознаете која е неговата омилена музика, кои се неговите омилени пејачи/групи и вклучете се со свое мислење. Договорете се секој од вас да состави топ листа со омилени песни и разменете си ја. Вие може да му предложите музика од музички икони како Мајкл Џексон, Боб Марли, Битлси, а за возврат да добиете листа со современа музика. Така вие ќе се доближите повеќе до неговиот свет, а вашето дете ќе ве смета за кул мајка.

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 26%
  • 74%
Се испраќа...

(Вкупно: 4128 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?