Што кога вашето малечко ќе ви каже „Те мразам“?
Почетна » Семејство » Дете » Што кога вашето малечко ќе ви каже „Те мразам“?

Што кога вашето малечко ќе ви каже „Те мразам“?

Од сите вербални оружја кои децата ги имаат во своите ракави, зборовите „Те мразам“ можат да им нанесат најголема штета на емоциите на мајките. Насолзените очи, моменталната лутина и сомневањето во родителските квалитети се само некои од последиците кои зборовите на презир можат да ги предизвикаат.

Ако неодамна сте ги слушнале овие зборови од устата на вашето малечко, не сте сами. Речиси секоја мајка во одреден период од животот се соочува со вашиот проблем. Но, дали вашето дете навистина чувствува омраза кон вас? Одговорот е „не“.

Децата имаат ограничен речник. Тие не знаат да објаснат кога се лути, фрустрирани или кога нешто лошо им се случило, па најчесто зборовите „Те мразам“ се нивниот начин за да ви ги пренесат своите емоции или за да го добијат она што го сакаат.

Налутено дете

Еве како да се справите со оваа ситуација:

  1. Одолејте му на искушението да му возвратите на ист начин. Можеби скршеното срце ќе ве натера да возвратите во иста мера, кажувајќи му на вашето дете „И јас те мразам“, но така нема да го решите проблемот. Ако реагирате на овој начин, вие ќе му покажете на својот мал ученик дека најдобар начин за да се справува со вербалниот напад е преку вербален контранапад.
  2. Останете смирени и фокусирајте се единствено на чувствата на вашето дете. Природната реакција на секоја мајка би била да вресне на цел глас: „Не можеш да се однесуваш така со мене, јас сум ти мајка“ или „Така ми се заблагодаруваш за сè што сум направила за тебе“. Но, ваквата реакција само ќе му покаже на вашето дете дека ја губите контролата врз ситуацијата. Не се фокусирајте на себе. Во тој момент најважно е она што го чувствува вашето дете.
  3. Не му се потсмевајте и не ги потценувајте неговите чувства. Децата имаат потреба да почувствуваат дека родителите ги признаваат нивните чувства, без да се обидуваат да ги потценат или променат. Покажувајте почит кон малите чувства на вашето детенце, колку и смешна да ви изгледа причината зад нив. За него, тие секогаш ќе бидат големи нешта.
  4. Однапред подгответе си одговор како „Јас те сакам за двајцата“. Кога ќе се соочите со ваква ситуација, не дозволувајте да ве изненади.
  5. Ако ви е тешко да се контролирате, повлечете се и кажете му дека ќе разговарате по 15 минути. Тоа ем ќе ви даде време да се смирите и да ги задржите своите лични чувства надвор од разговорот, ем ќе му укаже на детето дека и родителите некогаш чувствуваат бес и омраза, дека тие чувства се нормални, но дека не траат долго.
  6. Запомнете дека вашето дете не го мисли тоа и нема намера да ве повреди. Децата на мала возраст се егоисти. Тие сè уште немаат голем капацитет да размислуваат како нивните постапки влијаат на другите, па најчесто го пренесуваат само она што го чувствуваат. Тие не ја сфаќаат омразата на истиот начин како возрасните. Запомнете дека вашето дете сè уште не умее да ги разликува и именува своите емоции, но ги чувствува со силен интензитет. Кога ќе ви каже „Те мразам“ тоа најчесто значи „Чувствувам лутина, па ова е единственото нешто што ми паѓа на памет“.
  7. Помогнете му да научи да ги именува чувствата. Кога вашето дете ќе ги стегне тупаниците, ќе го намурти лицето, ќе се наоружа со агресивен поглед и ќе ви каже дека ве мрази, речете му: „Гледам дека чувствуваш лутина“, а потоа...
  8. ...Прашајте го „Но зошто?“ и обидете се да слушате без да го прекинувате и без да станувате дефанзивни. „Прво вечера, а потоа десерт“, „Ајде, време е за спиење“, „Прво напиши домашна работа, па ќе играш на компјутер“... Можеби причината за изговарањето „Те мразам“ е ваша неодамнешна одлука која не се совпаднала со желбите на вашето дете. Или пак, можеби тоа сака да го привлече вашето внимание или да ви каже дека нешто лошо му се случило надвор од домот. Обидете се да дознаете што чувствува за да можете да му помогнете.
  9. Ако неговата лутина е резултат на ваша одлука, не ја менувајте само за да ги промените неговите чувства. Претходно сте кажале дека е време вашето дете да стане од пред компјутерот? Стојте на тоа. Кажете му „Во ред е да бидеш лут/а, но и покрај тоа треба да го исклучиш компјутерот“. Не дозволувајте однесувањето на вашето дете да ве поколеба. Доколку отстапите, вие му давате до знаење дека со користење на овие зборови тоа може да ви ги промени одлуките кога не се согласува со нив.
  10. Кога му поставувате ограничувања, давајте му и алтернативи. На пример, наместо да му кажете само „Не може да јадеш чоколадо“, додајте „Но, можеш да јадеш или јаболко или банана“ или на „Не може да играш на компјутер“, дајте му избор „Но, може или да ги собереш играчките или да ѝ помогнеш на мама да ја подготви масата за вечера“.
  11. Потенцирајте му дека тоа мрази одредена постапка на некоја личност, а не самата личност. Речете му: „Можеби мразиш кога мама ти забранува да гледаш ТВ или кога те тера да си легнеш, но ти не ја мразиш мама“.
  12. Укажете му кои зборови да ги користи наместо „мразам“. Кога вашето најмило ќе ви се налути или ќе сака да го покаже својот бес, научете го да вели „Ти се лутам“ наместо „Те мразам“.
  13. Престанете да се споредувате со семејствата кои ги гледате на ТВ. Совршено културните и воспитани деца, со беспрекорно чиста облека што ги гледате на екраните се фикција. Речиси секоја мајка во одреден период минува низ вашите проблеми.
  14. Кога читате приказни заедно, разговарајте за тоа како ликовите во нив се справуваат со лутината и фрустрациите. Децата подобро учат преку примери.
  15. Не го користете ни вие зборот „мразам“ пречесто. Ако детето слуша родител кој често вели „Ја мразам својата работа“, „Мразам да чекам во редица“, „Мразам банани“, тоа ќе си мисли дека „мразам“ е прифатлив збор, па поголема е веројатноста често да го користи.

Како родител, треба да знаете дека вашето малечко ќе се лути, ќе кажува лоши зборови и ќе чувствува негативни емоции, исто како и возрасните. Ваша задача не е да го усреќувате во секоја минута од денот и не сте лоша мајка ако не го правите тоа.

Вашата задача е многу потешка – да го претворите во личност која умее да ги контролира своите емоции и која покажува почит кон туѓите чувства. Па, ако вашето дете ви каже дека ве мрази само поради некоја ваша одлука или забрана, имајте на ум дека тоа ве става во кошот на родители кои одлично ја вршат најтешката и најубавата работа на светот.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9729 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.