Што кога вашето дете лаже?
Почетна » Семејство » Дете » Што кога вашето дете лаже?

Што кога вашето дете лаже?

Секој родител мора да се соочи со лажењето на неговото дете. Без разлика дали се работи за измислица, преувеличување на вистината или пак за бели лаги, лажењето е проблем на кој што треба да му се посвети внимание уште кога детето е мало.

ЛагаНајчесто родителите ги игнорираат првите лаги на децата и не ги сметаат за штетни.

Зошто и кога лажат децата?

Предучилишна возраст

Повеќето деца се учат да лажат на возраст од 2-4 години. Како и сè друго, децата учат да лажат од нивните родители или од луѓето околу нив. Додека детето е мало, кога ќе каже „бљак“ за зеленчуците во неговата чинија или „грда кукла“ за куклата која што му е подарок за роденден пред гости, родителите започнуваат да го учат како тоа не е убаво и како треба да биде љубезно кон другите луѓе. Така детето ги учи првите лаги.

Најчесто родителите ги игнорираат првите лаги на децата и не ги сметаат за штетни. Всушност тие лаги се и добар показател за развојот на детето. Во почетокот децата не признаваат нешто или одрекуваат со цел да избегнат некаква казна или да добијат награда. На пример, детето може да одрече дека треба да оди во WC само и само за да може да поигра подолго со неговото другарче или пак може да одрече дека цртало по ѕидовите, за да не му викате.

На оваа возраст децата често имаат проблем да разграничат што е реалност, а што фантазија, па кога раскажуваат нешто си додаваат детали или ги преувеличуваат работите како што си ги замислуваат во нивниот мозок. Во оваа фаза од развојот, детето не обрнува внимание дека неговите слушатели оценуваат дали неговите искази се вистинити или не, па не се ни обидува да ги прикрие „трагите“ за да ја биде лагата успешна.

Училишна возраст

Кога децата ќе достигнат 5-6 годишна возраст, нивните лаги стануваат покреативни и поусовршени, но сè уште се наивни. Повторно измислуваат приказни и настани и настојуваат дека се вистински. На оваа возраст веќе можат да прават разлика помеѓу вистина и лага. Исто така, земаат во предвид дека нивните слушатели ја оценуваат приказната, но сè уште не се доволно умешни да смислат убедлива лага.

По шестата година, децата веќе започнуваат да користат и т.н. бели лаги за да бидат љубезни, затоа што стануваат посвесни за светот што ги опкружува и повеќе се социјализираат. Во оваа фаза од развојот почесто ја прикриваат вистината кога знаат дека може да ги разочараат родителите и не признаваат дека направиле нешто лошо за да избегнат казна.

Понатаму лагите стануваат сè поусовршени, но децата тогаш го губат невиниот изглед на лицето и родителите повеќе обрнуваат внимание на нивните лаги.

Како да постапите кога вашето дете лаже?

Повеќето родители слушаат дека нивното дете лаже и си велат дека е премногу мало за да разбере што е всушност лагата и дека не треба да се користи. Тие претпоставуваат дека детето ќе престане да лаже кога ќе порасне. Но, најчесто не е така и децата продолжуваат да лажат поттикнати од тоа што сметаат дека другите им веруваат.

Мајка-ќеркаВнимавајте како се однесувате и што кажувате, затоа што вашите деца ве набљудуваат и учат од вас.

За да не се случи вашето дете да израсне верувајќи дека лагата е начин преку кој може да се заштити или да добие нешто, потребно е да преземете мерки уште додека е мало. Еве неколку совети како да постапите кога ќе забележите дека вашето малечко се обидува на итар начин да ја заобиколи или промени вистината.

  1. Научете да го препознавате кога лаже. Многу е полесно да препознаете дете што лаже, отколку возрасен, затоа што децата сè уште не можат да го маскираат јазикот на телото. Побарајте ги очигледните знаци како гледање надолу или настрана, премногу висок тон на гласот, вознемиреност, чудна положба на телото или пак промена на деталите кога ви раскажува за даден настан. Но, не го третирајте како осомничен и не го испрашувате нападно.
  2. Не го прашувајте за она што веќе го знаете. Ако знаете со сигурност дека вашето дете цртало по ѕидовите или намерно не ја напишало домашната работа, нема потреба да го прашувате дали навистина се случило тоа и дали тоа е виновно. Така му оставате простор да лаже. За да се заштити и да избегне казна, првото нешто што ќе го направи – ќе се обиде да излаже. Кажете го отворено она што го знаете и потоа одлучете дали ќе ја казните неговата постапка.
  3. Не го нарекувајте лажго/а. Внимавајте со употребата на овој збор, всушност не употребувајте го воопшто. Ако не успеете да му покажете на вашето дете дека му верувате, тоа ќе ја изгуби самодовербата и најверојатно ќе развие комплекси. Уште полошо е да го наречете лажго пред негови другарчиња или други луѓе. Со тој збор вие кажувате никој да не му верува, а тоа може да донесе многу негативни последици во развојот на детето. Тоа ќе започне да се сомнева во себе, ќе мисли дека не може реално да ги оценува работите и дека не може да разграничи што е лага, а што вистина или што е фантазија, а што реалност.
  4. Бидете смирени и не покажувајте лутина ако го фатите во лага. Колку што сте посмирени, толку подобро ќе комуницирате. Доколку со лутина и бес му викате, тогаш го плашите да ја признае вистината и го поттикнувате да лаже повеќе и почесто. Кога сметате дека лагата може да наштети, поразговарајте со него за време на прошетка или насамо во собата.
  5. Научете го дека лагата носи лоши последици. Кога вашето дете ќе сфати дека лагата е лошо однесување, тогаш ќе знае дека не треба да ја користи. Можете да му ја раскажете приказната со волкот и овчарот (во која овчарот лажеше за доаѓањето на волкот). Така ќе му биде полесно да ги сфати последиците од лагата.
  6. Наградувајте ја искреноста. Ако детето признае дека направило нешто лошо, треба да направите „казната“ да биде помала, за да сфати дека искреноста е добра особина што ќе му донесе нешто убаво.
  7. Внимавајте на своето однесување. Децата учат од возрасните, од она што ги опкружува. Доколку вие користите лаги во негово присуство, тоа ќе научи дека лажењето е еден начин за комуницирање со луѓето и тешко ќе можете да го искоренете тоа од неговиот мозок. Иако родителите постојано настојуваат нивните деца да не лажат, истражувањата покажуваат дека тие самите ги лажат децата постојано. Внимавајте како се однесувате и што кажувате, затоа што вашите деца ве набљудуваат и учат од вас. Бидете искрени за бидат и тие.

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 26%
  • 74%
Се испраќа...

(Вкупно: 2418 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?