Тинејџерите и пушењето. Како вашето дете да остане подалеку од цигарите?
Почетна » Семејство » Дете » Тинејџерите и пушењето. Како вашето дете да остане подалеку од цигарите?

Тинејџерите и пушењето. Како вашето дете да остане подалеку од цигарите?

Една од кошмарните ситуации за секој родител е да дознае дека неговото дете пуши. За жал, тинејџерското пушење не е ретка појава. Поради една или друга причина, многу тинејџери паѓаат во искушение да започнат да пушат.

Има родители кои си велат „Нека запали некоја цигара не е страшно, нема да му се допадне и ќе се откаже“ или „Добро што е само цигара, да не е нешто полошо“. Но, погрешно е да си мислите дека пушењето во тинејџерските години е само привремено и дека тој период ќе одмине. Иако за многу адолесценти пушењето е само експериментирање и никогаш не им прераснува во навика, статистичките податоци говорат дека 80% од возрасните пушачи започнале да пушат во тинејџерските години. Пушењето создава зависност без оглед на тоа дали се работи за возрасна личност или за тинејџер.

Ваша обврска како родител е да го спречите вашето дете да посегне по цигарите или ако веќе започнало да пуши, да го оттргнете од оваа лоша зависност.

Тинејџерка што пушиНад 80% од возрасните пушачи започнале да пушат кога биле тинејџери

Зошто тинејџерите започнуваат да пушат?

Тинејџерите се големи експериментатори – сакаат да пробаат сè, затоа што сметаат дека за нив не постојат граници и затоа што ги мразат забраните. Цигарите се примамлива и лесно достапна „авантура“, која голем дел од луѓето ја доживуваат.

Преку пушењето едни тинејџери покажуваат бунтовништво, други сакаат да се вклопат во друштвото, трети ги користат цигарите со замисла дека тие ќе им помогнат да ослабат. Последното повеќе важи за девојките отколку за момчињата. Исто така, многумина започнуваат да пушат за да изгледаат кул и самостојни, т.е. за да ја прикријат ниската самодоверба. Тинејџерите чии пријатели или родители се пушачи почесто завршуваат со цигара в рака.

Денес добра околност е донесувањето на Законот за забрана на пушењето на јавни места, па пушењето за време на вечерното излегување е донекаде отежнато.

Како да ги намалите шансите вашето дете да започне да пуши?

Полесно е да се спречи, отколку да се лечи. Не заборавајте дека е многу поедноставно да ги минимизирате шансите вашето дете да започне да пуши, отколку потоа да го принудувате да се откаже.

  1. Сфатете ја сериозно зависноста од никотин. На нашите простори пушењето не се смета како голем проблем, за разлика од развиените држави каде што постојано има кампањи против пушењето кои даваат добри резултати со оглед на тоа што бројот на пушачите е во тренд на опаѓање. Пушењето убива! Тоа немаше да биде испишано на кутиите ако не беше вистина.
  2. Дознајте какво е мислењето на вашето дете за цигарите. Дали според него пушењето е одвратно или привлечно? Многу полесно е да влијаете на оформувањето на неговото мислење пред, отколку откако ќе го фатите дека пуши.
  3. Научете го како да одолее на притисокот од врсниците. Најтешко за еден тинејџер е да каже „не“ на понудата за цигара, особено кога се наоѓа во друштво во кое сите пушат. Не е доволно само да го предупредите дека ќе се случи такво нешто, туку треба и да го подучите како да ја одбие понудата. Вашето дете може да рече „Мразам како цигарите ми ја замирисуваат облеката, одвратно е“ или „Не сакам здивот да ми мириса на пепелник“. Така, вашиот тинејџер на интересен начин ќе одбие да се вклопи во „кул“ пушачите.
  4. Зголемете му ја самодовербата. Тинејџерските години предизвикуваат самодовербата на девојките и момчињата да стои на стаклени нозе. Заинтересирајте се повеќе за животот на вашето дете и помогнете му да си ја зацврсти самодовербата. На тој начин ќе му биде полесно да каже „не“, и тоа не само кога се работи за цигарите, туку и за алкохолот, дрогата и другите форми на ризично однесување.
  5. Поставете добар пример. Истражувањата покажуваат дека тинејџерите почесто започнуваат да пушат ако имаат родители пушачи. За ваше, но и за доброто на вашето дете, престанете да пушите.
  6. Зборувајте за вашето искуство. Повеќето луѓе имаат запалено цигара во животот. Ако не сте пушач, објаснете колку ви било непријатно кога сте запалиле цигара и дека тоа е најлошото нешто што сте го ставиле в уста. Ако пак до ден денес не сте ги откажале цигарите, пожалете му се дека длабоко се каете што сте запалиле цигара и дека ви е жал што не сте се откажале пред да станете зависни. Кажете му дека цел ви е да ги откажете цигарите и дека нема да сопрете додека не ја исполните.
  7. Ако сте пушач, не пушете во домот. Излегувајте надвор секогаш кога ќе палите цигара. На тој начин ќе ги одржувате ѕидовите и завесите почисти, воздухот дома ќе ви биде попријатен и ќе ги заштитите најблиските од негативните ефекти на пасивното пушење. И најважно, децата нема да ве гледаат со цигара в рака, бидејќи таквата постапка им испраќа порака дека пушењето е прифатливо.
  8. Дознајте повеќе за неговите пријатели. Многу е важно да знаете со какви пријатели се дружи вашето дете, и тоа не само заради пушењето. Прашувајте го дали неговите другари/другарки пушат, но не за да ги накодошите на нивните мајки, туку за да воспоставите отворена и искрена комуникација помеѓу вас.

„Помош! Дознав дека мојот тинејџер пуши“

Најлошиот начин да му пристапите на решавањето на овој проблем е да започнете бесно да викате и да му држите лекции на вашиот тинејџер. Ако сакате да бидете навистина слушнати и да избегнете долготрајна домашна војна, земете ги во предвид следниве совети:

  1. Смирено поразговарајте. Секој родител би бил во шок кога би дознал дека неговото малолетно дете пуши. Тоа е нормално. Но, не треба да дозволувате бесот и лутината да ве надвладеат, затоа што викањето и казнувањето се контрапродуктивни. Смирено седнете да разговарате со вашето дете. Кажете му дека знаете дека пуши. Откако преку ненападни прашања ќе дознаете зошто пуши, помогнете му да му одолее на искушението.
  2. Укажете му дека пушењето е одвратна навика. Набројте му ги сите негативни страни на пушењето – лош здив, пожолтени нокти и прсти, лоша миризба на косата и облеката, жолти заби, суви испукани усни. Сигурно тој/таа веќе ги знае овие непривлечни последици од пушењето, но добро е да ги слушне гласно набројани сите наеднаш.
  3. Дајте му алтернатива преку хоби. Објаснете му дека не треба да ги прифаќа лошите навики на неговите пријатели за да изгледа фраерски, туку дека треба да си создаде свои навики, кои другите ќе сакаат да ги копираат. На пример, предложете му да научи да свири на гитара. Потенцирајте му дека секој изгледа многу поатрактивно со гитара в рака отколку со цигара.
  4. Потсетете го дека лошите последици од цигарите не се само приказни. Вашиот тинејџер сигурно знае дека цигарите се штетни за здравјето, но постои голема веројатност да живее со идејата дека лошите работи им се случуваат само на други луѓе. Потсетете го дека пушењето остава сериозни долгорочни последици врз здравјето, како рак, проблеми со срцето, проблеми со дишењето, кашлица. Доколку познавате некој што имал здравствени проблеми поради цигарите, не пропуштајте да го споменете во вашите разговори. Така вашето дете ќе сфати дека последиците се реална закана.
  5. Пресметајте колку пари би заштедил кога не би пушел. Врежете му главата дека пушењето не само што бавно убива, туку и бавно го празни џебот. Пресметајте колку пари би заштедил кога не би пушел во текот на една година и според интересите, набројте му што сè би можел да си купи со нив (мобилен телефон, скапа облека, козметика).
  6. Ако ви рече „Не се секирај, можам да ги оставам кога ќе посакам“, предизвикајте го да го стори тоа уште веднаш за да ви докаже дека е искрен.

Избирајте соодветно време и место за да го советувате вашето дете. Не го правете тоа пред други луѓе и не го опсипувајте со „лекции“ 24 часа на ден. Справувањето со тинејџерите е голем предизвик. Бидете трпеливи и ќе успеете да постигнете вашето дете само да ги фрли цигарите еднаш засекогаш.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 26%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 6137 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.