„Компјутерот не е игра и не може да ги замени родителите“: 9 совети за родители од д-р Ранко Рајовиќ
Почетна » Семејство » Дете » „Компјутерот не е игра и не може да ги замени родителите“: 9 совети за родители од д-р Ранко Рајовиќ

„Компјутерот не е игра и не може да ги замени родителите“: 9 совети за родители од д-р Ранко Рајовиќ

Доктор Ранко Рајовиќ несомнено е еден од најистакнатите стручњаци во нашиот регион кога станува збор за раниот развој на детската интелигенција. Тој е основач на системот на учење „НТЦ“ (Никола Тесла Центар) кој ги стимулира интелектуалните способности кај децата и на МЕНСА Југославија (денешна Србија).

Прочуениот татко на четири деца несебично го шири своето широко знаење со другите родители, помагајќи им да си ги подобрат своите методи на воспитување. Тој се залага за свет во кој децата помалку ќе ја користат технологијата, а повеќе ќе играат и ќе поминуваат време со своите мајки и татковци.

Еве дел од неговите совети:

Ранко Рајовиќ
  1. Не го затрупувајте детето со играчки. Многу од играчките баш и нема многу да ги користат. Детето сосем убаво си игра и кога има помалку играчки, па со својата фантазија додава елементи за да си ја разубави играта. Важно е родителите да ги препознаат интересите на детето, па по пат на тие специфични интереси, да им ги развијат мисловните процеси, новите идеи, така се развива и креативноста. На пример, ако детето сака диносауруси, нека му купат 3Д диносауруси, сложувалки со диносауруси. Можат да му купат и атлас на светот, па детето да ги научи државите од светот, зашто го интересира каде живееле диносаурусите, потоа можат да гледаат некој филм за нив, да купат фигури со диносауруси со кои може да прават многу нови игри и сцени. Сите тие активности придонесуваат за развој на креативноста.
  2. Поставете граници. Детето мора да има јасни граници кои ги поставуваат родителите. Природно е детето да се обидува да ги премине тие граници, но границата е тука, па лесно ќе го вратиме детето. Доколку родителите не поставуваат граници и му дозволуваат на детето да прави што сака, тогаш влегуваме во проблем, зашто детето самото себе не може да си одреди граница. Ако го знаеме ова, тогаш со многу љубов и трпение, нема да згрешиме.
  3. Ограничете го времето пред екран. Мора да поставите граница, понекогаш може да попуштите, но граница мора да постои. Новите технологии се корисни, но родителите мораат да знаат дека можат да бидат штетни ако детето ги користи премногу. Штетноста е во тоа што детето губи чувство за време, па може да игра и по 20-30 минути, а има случаи кога детето игра и по 2-3 часа. Тоа преминува во навика и повеќе никој не може да ја замени играта.
    Супер е кога детето има мобилен телефон, зашто ќе биде мирно и ќе се одморите од него. Па зошто имате дете ако морате да се одморите од него? На детето морате да му се посветите, а мозокот најмногу се развива во движење од втората до петтата година. „Работа“ на детето од втората до петтата година е да се движи, врти, скока, а не час или два да гледа во мобилен.
  4. Кажете „Не“ на учењето напамет. Децата денес не ги поврзуваат информациите и не се научени да мислат. Учењето напамет е застарено и треба што поскоро да престане да се применува. Тоа физиолошки не е во склад со нашиот мозок и е бесмислено. Учењето треба да биде игра, на децата училиштето треба да им е интересно, да се смеат и да немаат страв од одговарање. Децата треба да сакаат да го покажат своето знаење, да креваат рака, дури и ако одговорот не е точен.
  5. Научете ја границата меѓу штитење и презаштитување. Како биолошки организам, детето мора да се развива, да излегува и на дожд и на ветер и на сонце, па дури и да падне, можеби да ги одере лактите и колената. Меѓутоа, има родители кои не им дозволуваат на децата да паднат. Тоа е презаштитување и тоа е она што го спречува развојот на детето.
  6. Детето треба да оди, а не да се вози во количка. Одењето е многу важно за развојот на мозокот, а многу родители денес децата ги возат во количка до четвртата, па и до петтата година. Покрај тоа што влијае на когнитивниот развој, долгото туркање на децата во количка доведува и до појава на рамни стапала, кои денес ги имаат околу 70% од децата. Секако дека децата треба што повеќе да одат, а идеално е кога постојат услови да одат боси.
  7. Дозволете му на детето да паѓа. Разбирливо, додека учи да оди, детето мора да паѓа. Ама родителите им купуваат каиши за проодување, поводници, па гледате родители кои одат со децата со каиши и не им дозволуваат да паднат. Функцијата на проодувањето не е да не му дозволуваме на детето да паѓа, напротив, да научи да паѓа. Да падне 500 пати во четири месеци. Секојпат кога мало дете ќе падне, тоа нема да се повреди. Ако не научи да паѓа на две години, кога ќе научи? Веројатно никогаш. Воспитувачите велат дека денес сè помалку деца имаат рефлекс да ги стават рацете пред себе кога паѓаат. Мозокот мора да научи да паѓа, исто како што мора да научи да мисли. Ако родителите ги прават нештата наместо децата, не им дозволуваат да паднат, со секоја помош, нема да се развива одреден дел од мозокот како што треба. Детето мора само да се избори.
  8. Не го забранувајте скокањето на креветот. Секој скок го преместува тежиштето на телото налево или надесно, па децата мораат да ги активираат сите мускули за да одржуваат рамнотежа, а управувањето е активност на мозокот. Наместо да му браните на детето да скока, внимавајте на неговата безбедност. Ако навистина сакате да го забрзате развојот на интелигенцијата на детето, родете му брат или сестра, зашто едно дете ќе скока пет минути, а две ќе скокаат заедно пет часа.
  9. Компјутерот не е игра и не може да ги замени родителите. Шетањето, паркот, природата, шумата, одењето на село – овие нешта му помагаат на развојот на детето. Работа на родителот е детето да биде што посреќно и поподвижно. Времето кое родителите го поминуваат со децата е незаменливо. Кога детето ќе прооди, тоа е среќно, но тоа е неизмерна среќа и за родителите, слична е ситуацијата кога ќе научи да вози велосипед или некоја друга вештина. Сето тоа го усреќува детето, но истовремено и вас. Тоа е време кое многу брзо поминува. Знам дека сите се враќаме уморни од работа, детето ни скока на главата, но сфатете дека родителите не може да ги замени ниту таблет, ниту мобилен.
  10. Ранко Рајовиќ

„Родители разбудете се. Грешките тешко се поправаат!“ – порачува Рајовиќ на своите предавања.

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 26%
  • 74%
Се испраќа...

(Вкупно: 4121 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?