Вошки на главата кај вашето дете
Почетна » Семејство » Дете » Вошки на главата кај вашето дете

Вошки на главата кај вашето дете

Вошките на главата се многу чест проблем кој ги засегнува децата во предучилишна и училишна возраст. Лесно се распространуваат, особено се досадни и се голем кошмар за секој родител, но тие не се опасни и не шират болести. Денес постојат многу средства кои на едноставен и ефективен начин можат да ги уништат вошките на главата.

Тажно девојчеВошките се многу чест проблем кај децата во предучилишна и училишна возраст

Што се вошки и како да ги препознаете?

Вошките се мали инсекти без крилја, имаат шест нозе, живеат во човечката коса и се хранат со мали количества крв од скалпот. Тие се со големина на семка сусам и многу брзо се движат, па затоа и тешко се откриваат. Најчесто може да се најдат во задниот дел на главата во областа над вратот и зад ушите.

Јајцата на вошките, наречени гниди, се бели и се прилепени на влакната од косата, во близина на скалпот. Гнидите се забележуваат уште потешко. Појавата само на гниди не е сигурен индикатор за присуството на вошки. Кај децата кои имаат гниди на својата коса постои 35-40% ризик да имаат и вошки.

Многу е распространето мислењето дека вошките се појавуваат само кај лицата кои не одржуваат хигиена. Но, тоа е само мит. Вошките можат да се појават кај секого, без разлика дали одржува беспрекорна хигиена или не.

Показатели за присуството на вошки:

  • Интензивно чешање, кое се појавува како резултат на алергиска реакција кон плунката која вошките ја инјектираат кога се хранат од скалпот.
  • Слабо чувство на скокоткање, исто како нешто да се движи низ косата.
  • Црвени точки и раздразнетост на скалпот или на вратот, кои може да се инфицираат.
  • Детектирање на вошка на скалпот.

Како се пренесуваат?

Најзасегнати од овој проблем се децата, но и нивните семејства. Девојчињата страдаат почесто од вошки, отколку момчињата.

Вошките не скокаат, ниту пак летаат. Најчесто се пренесуваат преку близок контакт глава со глава, но поретко можат да се пренесат и преку контакт со предмети кои му припаѓаат на лице кое има вошки (капи, шалови, четки и чешели, шноли и стегачи, венчиња и сл.).

Може да се случи вошките да се пренесат и преку крпи, облека, ќебиња и перници кои претходно ги употребувало лице кое има вошки.

Како да се ослободите од вошките?

Денес постојат различни шампони, спрејови, лосиони и прашоци кои се користат едноставно, а ефективно ги отстрануваат овие одбивни инсекти.

Многу е важно да ги следите инструкциите од упатството. Никогаш не употребувајте повеќе средство отколку што е посочено во упатството. Ако вашето дете има многу долга коса, најверојатно ќе ви биде потребно уште едно пакување од средството.

По третманот, најдобро е да ја исчешлате косата на детето над кадата. Средствата или ги усмртуваат или ги зашеметуваат вошките, па тие многу лесно излегуваат од косата. Наведнете го вашето дете над кадата и чешлајте со специјален чешел со многу блиску поставени запци. Чешлајте од тилот кон челото.

Доколку не пронајдете мртви вошки 8-12 часа по третманот, тогаш најверојатно средството не било ефективно. Консултирајте се со стручно лице за да ви препорача друг производ.

Пожелно е да ја повторувате процедурата со чешлањето на секои 2-3 дена. За подобро да се чешла, косата треба да биде влажна. Откако ќе изминат 7-10 дена, можете уште еднаш да го искористите средството против вошки.

Ако не сакате да користите средства против вошки, тогаш најдобриот начин да се ослободите од вошките е да ја чешлате косата со специјален чешел додека е водена. Повторувајте го чешлањето секој втор ден во текот на две недели. Овој метод особено се препорачува ако детето коешто има вошки е под 2 години.

Запомнете, вошките се пренесуваат лесно. Ако вашето дете има вошки, голема е веројатноста и вие да имате. Проверете ги сите членови на вашето семејство за да бидете сосема сигурни дека никој во вашиот дом нема вошки.

Погрижете се и за домот

Вошките не живеат долго кога не се на човечкото тело (околу 48 часа). Сепак, добро е да преземете мерки за да го исчистите вашиот дом од овие досадни инсекти еднаш засекогаш. Еве неколку совети:

  1. Исперете ги со жешка вода сите алишта кои вашето дете ги носело пред да го употребите средството против вошки.
  2. Исперете ги чаршафите во кои спиело вашето дете или лицето кое било засегнато од овој проблем.
  3. Сите алишта кои не можете да ги исперете со жешка вода, како и плишените играчки, ставете ги во најлони кои се добро запечатени и чувајте ги така 2 седмици.
  4. Сите чешли и четки потопете ги во алкохол или во средство против вошки, а потоа потурете ги со врела вода.
  5. Со правосмукалка поминете го целиот ваш мебел и подот.

Превенција

Тешко е да го спречите ширењето на вошки кај децата кои посетуваат градинка или одат на училиште. Тие постојано се во близок контакт со други деца и често си разменуваат различни предмети или делови од облека.

Можете да го посоветувате вашето дете да не се доближува со главата до другите деца, да не си разменува предмети како капи, шалови, чешли и модни додатоци за коса. Сепак, не можете да очекувате дека тоа постојано ќе внимава и ќе ги почитува тие правила. Децата се деца, постојано играат и занесени во играта забораваат на вашите совети. Затоа, вие треба да бидете свесни за овој чест проблем, да ги препознаете знаците за присуство на вошки и навремено да реагирате при нивна појава.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9729 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.