Почетна » Семејство » Бременост » Интервју со д-р Марија Илијовска: „Неоткриена тироидна дисфункција кај жените може да го отежни забременувањето”

Интервју со д-р Марија Илијовска: „Неоткриена тироидна дисфункција кај жените може да го отежни забременувањето”

Неплодноста во бракот е сè поактуелен проблем во нашата држава, но и на светско ниво. Причините за инфертилитет се многубројни. Една од нив е и недијагностицирано нарушување на тироидната жлезда, најчесто кај жените, но не се исклучува ни машкиот партнер.

Д-р Марија Илијовска, специјалист по ендокринологија во „Њуборн Клиника“, укажува на важноста на нормалната функција на тироидната жлезда во процесот на забременување. „Неоткриената и нелекувана тироидна дисфункција кај жените може да го отежни процесот на забременување, а доколку дојде до концепција, може да предизвика проблеми за време на бременоста кои би биле фатални и за мајката и за плодот. Затоа, навремената дијагноза и соодветниот третман на тироидните заболувања се од исклучителна важност при процесот на забременување, но и во текот на бременоста“ – потенцира д-р Илијовска.

Д-р Марија ИлијовскаД-р Марија Илијовска, специјалист по ендокринологија во „Њуборн Клиника“

Секојдневно слушаме дека се зголемува бројот на брачни парови кои сe aфектирани од инфертилитет. Каква е моменталната состојба, колкав дел од светската популација се соочува со овој проблем?

На секои 6 лица во репродуктивната возраст, едно би се соочило со инфертилитет
Д-р Илијовска

Д-р Илијовска: Според најновиот извештај на Светската здравствена организација, објавен во април 2023 година, се проценува дека на глобално ниво околу 17,5% од возрасната популација е афектирана од инфертилитет во одреден момент од репродуктивниот период од животот. За поедноставно да се долови сериозноста на ситуацијата, тоа би значело дека на секои 6 лица во репродуктивната возраст, едно би се соочило со овој здравствен проблем.

Постојат повеќе причини кои може да доведат до инфертилитет, меѓу кои и нарушена функција на тироидната жлезда. Зошто е важна нормалната функција на тироидната жлезда при процесот на забременување?

Д-р Илијовска: Пред да одговорам на прашањето, на кратко би потсетила на неколку важни факти за тироидната жлезда. Таа е дел од системот на жлезди со внатрешно лачење, која е поставена на предната страна од вратот, составена е од два лобуси – лев и десен кои се поврзани со мост наречен истмус и е одговорна за лачење на двата тироидни хормони познати како тријодтиронин односно Т3 и тетрајодтиронин или тироксин односно Т4.

Тироидната жлезда е навистина фасцинантен и уникатен орган. Иако е релативно со мали димензии (тежи околу 15-20 грама), благодарение на тироидните хормони кои ги излачува, овозможува правилен раст и развој на секој орган, ткиво и клетка во организмот. Покрај тоа, таа е одговорна за непречено и адекватно функционирање на сите органи во човековото тело, вклучително и половиот систем.

Доколку тироидната функција е нарушена, се јавува дисбаланс на основните метаболни процеси, кој се манифестира со широка палета на симптоми и знаци во зависност од тоа за кој тип на тироидно заболување станува збор. Нарушувањата на тироидната функција, без разлика дали станува збор за намалено лачење на тироидни хормони (состојба позната како хипотироидизам) или зголемено лачење на тироидни хормони (односно хипертироидизам), може да предизвикаат проблеми со забременување и да бидат причина за инфертилитет.

Колку често имате пациенти со нарушена тироидна функција кои се соочуваат со неплодност во вашата секојдневна пракса?

Жените во споредба со мажите се 9 до 10 пати повеќе афектирани од нарушена тироидна функција
Д-р Илијовска

Д-р Илијовска: Тироидните заболувања не се ретки. Се смета дека на глобално ниво околу 1,6 милијарди луѓе се во ризик да развијат тироидно заболување, додека околу 5% од светската популација се проценува дека има одредена форма на тироидна дисфункција.

Брачните парови со тироидни заболувања многу почесто се соочуваат со брачна неплодност во однос на паровите со нормална функција на тироидната жлезда. Затоа, овој тип на пациенти се секојдневно присутни во нашата клиника. Секако би потенцирала дека жените во споредба со мажите се 9 до 10 пати повеќе афектирани од овој здравствен проблем. Се очекува дека една од 8 жени во текот на животот ќе има некој проблем со тироидната жлезда.

Конкретно кои нарушувања на тироидната жлезда може да бидат причина за инфертилитет?

Д-р Илијовска: Функционалните заболувања на тироидната жлезда, кои доведуваат до нарушено создавањето на тироидните хормони, може да предизвикаат проблеми при забременување. Доколку станува збор за намалена продукција на тироидни хормони, тоа е состојбата позната како хипотироидизам, а во случај на зголемена продукција на тироидни хормони, се нарекува хипертироидизам.

Не треба да се заборават и автоимуните состојби на тироидната жлезда, како што е Хашимотовиот тироидитис, кои во голема мера се и главен виновник за нарушена продукција на тироидни хормони. Каква е поврзаноста на автоимуните тироидни заболувања и неплодноста, е една навистина интересна и актуелна тема која бара поширок осврт, но тоа во некоја следна прилика.

Кои пореметувања може да бидат предизвикани од заболувањата на тироидната жлезда доколку не се дијагностицираат и третираат навремено?

Д-р Илијовска: Неоткриена и нелекувана тироидна дисфункција кај жените може да го отежни процесот на забременување, а доколку дојде до концепција, може да предизвика проблеми за време на бременоста кои би биле фатални и за мајката и за плодот. Мајките имаат зголемен ризик за спонтан абортус, предвремено породување, породување со царски рез, можност за крварење по породувањето, додека кај плодот недостигот на тироидни хормони може да доведе до неадекватен раст и развој.

Кај мажите, нарушената функција на тироидната жлезда може да резултира со еректилна дисфункција, пад на либидото и промени на параметрите на спермата со што се намалува плодноста.

Дали адекватна терапија за конкретната тироидна болест може да резултира со плодност кај заболениот партнер?

Д-р Илијовска: Кај пациентите со дијагностициран хипотироидизам, третманот вклучува воведување на терапија со синтетски тироиден хормон. Терапијата треба адекватно да се дозира со цел постигнување на еутироидна состојба, односно нормална функција на тироидната жлезда. Што се однесува до хипертироидизмот, третманот може да биде медикаментозен, оперативен или со користење на радиоактивен јод. Целта е иста како и при хипотироидизмот, да се постигне еутироидна состојба.

Доколку тироидното заболување е единствената причина за инфертилитет, со ординирање на соодветна терапија и со нормализирање на тироидната функција, значително се подобрува плодноста кај заболениот партнер.

Пар на доктор

Какви се актуелните препораките, односно кога е неопходно пациентите кои се соочуваат со инфертилитет да се консултираат со ендокринолог за преглед на тироидната жлезда?

Се препорачува да се направи евалуација на тироидната жлезда доколку жената неуспешно се обидува да забремени повеќе од 12 месеци
Д-р Илијовска

Д-р Илијовска: Кај женската популација, се препорачува да се направи евалуација на тироидната жлезда доколку жената неуспешно се обидува да забремени повеќе од 12 месеци, во случај ако има нередовни циклуси или има претходни неуспешни бремености. Исто така, неопходна проценка на тироидната функција е потребна кај пациентките со веќе дијагностициран синдром на полицистични јајници, ендометриоза и позитивна фамилијарна анамнеза, односно доколку пациентката има во своја фамилија некој кој е претходно дијагностициран со одредена тироидна дисфункција.

Што се однесува до машката популација, со оглед на тоа што тироидните заболување се јавуваат значително поретко компарирано со женската популација, многу често не се помислува на тироидна дисфункција при евалуација на машки стерилитет. Сепак, потребни се испитувања на функцијата на тироидната жлезда доколку мажот активно се обидува со партнерката да дојде до забременување повеќе од 12 месеци пропратено со еректилна дисфункција и/или при нарушување на одредени параметри на спермата.

За крај, би потенцирала дека без разлика дали тироидната дисфункција е дијагностицирана кај еден или во исклучително ретки случаи кај двата партнери, доколку тоа е единствената причина за инфертилитет, со ординирање на соодветна терапија и постигнување на еутироидна состојба, во најголем дел од случаите би се постигнало комплетно лекување на инфертилитетот.

Медицина

Д-р Марија Илијовска
специјалист по ендокринологија
„Њуборн Клиника“

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 18184 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.