Првите чекори: Дали вашето бебе е подготвено да прооди?
Почетна » Семејство » Бебе » Првите чекори: Дали вашето бебе е подготвено да прооди?

Првите чекори: Дали вашето бебе е подготвено да прооди?

Проодувањето е прекрасно доживување за родителите. Моментот кога бебето ќе ги остави зад себе бебешките денови и ќе зачекори во детскиот свет предизвикува бура од чувства кај мама и тато. Но, да бидеме реални, проодувањето најчесто не се случува преку ноќ.

Бебето со самото раѓање започнува да минува свој уникатен пат на развој, различен од оној на останатите бебиња. Не постои строго определен месец кога вашето малечко треба да ги направи првите чекори, но постојат знаци кои ќе ви покажат кога тоа е подготвено за нив.

Мајка со дете

Кога вообичаено проодуваат бебињата?

Многу често бебињата можат да се исправат на нозе со помош на мебелот и да ги направат првите чекори без родителска помош во периодот од 8 до 12 месеци, но тие ја развиваат оваа своја способност уште од моментот кога се родени. Околу 50% од бебињата одат без никаква помош пред да ја дувнат првата роденденска свеќичка.

Во текот на првата година од животот, бебето постепено развива способност за координација и ги зајакнува мускулите на секој дел од телото. Пред да се исправи на нозе, тоа учи самостојно да седи, да се врти од стомак на грб и обратно и да лази.

Проодувањето зависи од три фактора: сила на мускулите, способност за одржување на рамнотежа и темперамент. Последното најверојатно најмногу влијае на возраста на проодување. Повнимателните бебиња имаат потреба од повеќе време пред да решат да се одделат од мебелот, внимателно пресметувајќи го секој чекор и напредувајќи со брзина која ним им одговара. Но, кога ќе проодат, чекорат стабилно.

За разлика од доцните проодувачи, бебињата кои порано проодуваат се поимпулсивни и прелетуваат низ клучните периоди од развојот пред нивните родители да успеат да го подготват фотоапаратот за да ги овековечат. Тие се посклони кон повреди од повнимателните врсници.

„Бебето наполни една година, а не оди. Треба ли да бидам загрижена?“

Одговорот е НЕ. Иако често првата година се наведува како „рок“ до кој бебето би требало да ги има направено првите чекори, тоа е просек, а не правило. Нормалната временска рамка за проодување е 9-16 месеци. Секое дете е различно и има свој карактер кој родителите треба да го почитуваат.

Никогаш, ама никогаш не ја поврзувајте интелигенцијата со возраста на проодување. Ако едно бебе прооди на 9 месеци, не значи дека е попаметно од бебето кое ќе прооди на 15 месеци, како што многу родители сметаат. Бебето може да го одложи проодувањето поради недостиг на можности, темперамент, генетика, но не и поради ниска интелигенција. Возраста на проодување не е поврзана со развојот на бебето во иднина.

Не грижете се ако вашето бебе го одложи проодувањето. Кога еднаш ќе започне да оди, нема да знаете како да го запрете.

Кога треба да побарате помош или совет од стручно лице?

Дете

Побарајте совет од педијатар ако бебето:

  • Не може да седи без помош на 9 месеци;
  • Не може да стои со помош на 12 месеци;
  • Не го направило првиот самостоен чекор до 18 месеци;
  • Не е способно да оди стабилно на 2 години.

Запомнете дека секое бебе е различно и има своја временска рамка на развој. На пример, ако бебето е добар „лазач“ и е среќно со движење на подот, можно е да не покажува интерес да му се придружи на „исправениот свет“. Исто така, можно е и предвремено родените бебиња како и бебињата со поголема телесна тежина да го одложат проодувањето.

Како да препознаете дека бебето е подготвено за првите чекори?

Сте знаеле ли дека на бебињата им се потребни 1.000 часа пракса од моментот кога ќе можат самите да се исправат на нозе додека да проодат? Еве како ќе познаете дека часовникот на вашето бебе ги одбројува последните часови пред да започне да оди:

  • Има развиено „Parachute reflex“ или рефлекс падобран. Подигнете го вашето бебе и насочете го со главата надолу како да паѓа. Бебето кое е подготвено за проодување ќе ги испружи рацете нанапред за да го ублажи падот, додека бебето кое не е подготвено за проодување сè уште ќе ја насочува прво главата кон подот.
  • Стои на цело стапало, наместо на прсти.
  • Самостојно може да се исправи во стоечка положба, користејќи неподвижни објекти.
  • Може да ја префрла тежината од една нога на друга.
  • Може да лази нагоре по скалила (со надзор од возрасна личност).

Времеплов кон првите бебешки чекори

Проодувањето е резултат на серија промени, од глава до петици. Мускулите кои му се потребни на бебето за да ги направи првите чекори се развиваат одгоре надолу. Секојпат кога тоа ќе помине низ одредена развојна фаза, неговото тело ќе станува посилно и поподготвено за проодување. Еве како изгледа тоа временски:

0-6 недели

Има т.н. рефлекс на чекорење. Овој рефлекс е присутен уште на денот на раѓањето. Ако ги ставите стапалата на новороденчето на рамна површина, тоа ќе започне наизменично да ги подигнува, имитирајќи одење.

3-4 месеци

Може да ја подигне главата кога е легнато на стомак и со помош на рацете да го подигне горниот дел од телото од подот. На овој начин тоа ги зајакнува мускулите на вратот и грбот кои ќе му бидат потребни за одење.

4-6 месеци

Може да седи со помош. Во тој период се зацврстуваат мускулите на стомакот и грбот кои ќе му бидат потребни за самостојно седење, а подоцна и за одење.

5 месеци

Ако го држите вашето бебе во исправена положба на тврда површина, тоа ќе потскокнува горе-долу, зацврстувајќи ги мускулите на нозете.

6-8 месеци

Бебето станува сè посилно и може да седи без никаква помош.

8-10 месеци

Може да стои исправено на нозе, држејќи се за стабилен, неподвижен предмет.

9-10 месеци

Може да лази и да се исправи самото во стоечка положба. Во оваа фаза тоа учи да се движи. Некои бебиња започнуваат да лазат наназад, други го прескокнуваат лазењето, а трети се движат поместувајќи го задникот.

10 месеци

Започнува да ги витка колената и да чучнува.

11 месеци

Може да стои стабилно неколку секунди без помош, да оди додека го држите за раце или држејќи се за мебелот низ домот.

11-14 месеци

Околу 75% од децата во овој период ги прават своите први чекори без помош. Оние кои не се осмелуваат да одат самостојно, можат да се движат низ просторот стабилно, држејќи се за мебелот низ домот.

Првите нестабилни чекори се вистински рај за родителските очи. Чекајте ги трпеливо.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 26%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 6271 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.