Важни моменти во развојот на бебето: 0-6 месеци
Почетна » Семејство » Бебе » Важни моменти во развојот на бебето: 0-6 месеци

Важни моменти во развојот на бебето: 0-6 месеци

Бебињата растат и се менуваат со молскавична брзина, а за родителите е вистинско задоволство да го следат нивниот развој. Првата насмевка, седењето без помош, првите неразбирливи „зборови“ – сите овие моменти се скапоцени за родителите, но и говорат многу за развојот на бебето.

Најголемиот дел од бебињата совладуваат одредени вештини на слична возраст. Овие постигнувања или важни моменти најчесто им помагаат на педијатрите да го следат развојот на бебето. Но, мора да се потенцира дека тие се само водич, а не правило. Секое дете е различно и различно се развива. Неретко се случува здрави бебиња, кои совршено нормално се развиваат, да заостанат во одредени области, а да ги испреварат своите врсници во други.

Бебе

Прочитајте кои важни моменти во развојот треба да ги достигне вашето бебе пред да наврши седум месеци, каква е вашата улога во тој период и кои знаци треба да ве поттикнат да се обратите кај стручно лице.

Важни моменти во развојот: 0-3 месеци

Бебе

Еве низ кои важни моменти вашето бебе треба да помине пред да го започне четвртиот месец од својот живот:

  • Се смее, особено кога ќе го слушне гласот на мама и тато;
  • Има добра контрола на главата;
  • Ги подигнува главата и рамената кога е легнато на стомак. А може и да прави мини склекови со рацете, т.е. може да го подигне горниот дел од телото со помош на рацете кога е легнато на стомак;
  • Може да држи тропалка неколку секунди ако таа му е ставена во рацете и да тропа со неа. Исто така, ако има играчки кои висат над него, ги удира;
  • Може да следи објект во движење со очите и главата;
  • Ве препознава дури и ако се наоѓате на другиот крај од собата благодарение на подобрениот вид;
  • Ги исправува нозете и клоца додека лежи на грб или на стомак;
  • Започнува да ја отвора и затвора дланката која дотогаш ја држеше во тупаница;
  • Ги става рацете во устата;
  • Се подобрува координацијата меѓу рацете и очите;
  • Се оттурнува со нозете кога стапалата му се ставени на рамна површина;
  • Започнува да испушта звуци (користејќи самогласки) и да ги имитира звуците кои вие ги правите.

Важни моменти во развојот: 4-6 месеци

Бебе

Еве низ кои важни моменти вашето бебе треба да помине пред да го започне седмиот месец од својот живот:

  • Сака да си игра и се смее гласно;
  • Започнува да повторува исти слогови (комбинација од согласки и самогласки) како ба-ба-ба, да-да-да или ма-ма-ма;
  • Го препознава своето име;
  • Посегнува по предмети и може да ги преместува од едната рака во другата, развивајќи ја координацијата меѓу рацете. Се труди да ги достигне предметите кои му се поставени на одредено растојание;
  • Ја користи целата дланка за да земе одреден предмет;
  • Ги истражува објектите со помош на рацете и устата. (Во овој период сè ќе завршува во устата на вашето малечко.);
  • Може да се врти од стомак на грб и обратно. Најверојатно второто ќе му биде потешко;
  • Може да седи со помош и има одлична контрола на главата;
  • Пројавува интерес кон својата рефлексија во огледалото и започнува да ги набљудува движењата на сопствените раце;
  • Може да ја одржува целата тежина на телото кога го држите во исправена положба;
  • Неговиот вид се подобрува и започнува да гледа објекти на поголемо растојание. Можно е во овој период да се вознемирува кога е во контакт со непознати лица.

Каква е вашата улога во развојот на бебето во овој период?

Вашите интеракции со бебето се од клучно значење за неговиот развој во овој период. Тоа ќе учи преку игра и преку слушање на вашиот глас.

Бебе

Еве што треба да правите во овој период за да му помогнете на вашето најмило во развојот:

  • Зборувајте му. Иако тоа сè уште не ги разбира вашите зборови, преку интеракцијата со него, вие ја поставувате основата за развивање на неговите јазични вештини. Раскажувајте му што правите, слушате, гледате или мирисате и постојано опишувајте ги предметите кои се наоѓаат околу вас. Не заборавајте дека вашиот глас ги пренесува вашите емоции.
  • Читајте му и пејте му секојдневно. Заедно прелистувајте ги сликовниците и опишувајте му што гледате во нив. Читањето го поттикнува развојот на говорот и мислењето, а пеењето му помага да учи, да се смири и забавува.
  • Играјте игри. Игрите во кои вие сокривате предмети, а тоа треба да ги пронајде или пак во кои го сокривате вашето лице, како и игрите во кои ги покажувате деловите од телото се многу важни во овој период.
  • Овозможете му да минува колку што е можно повеќе време на стомак. Користете ги омилените играчки за да го мотивирате да ја подигнува главата или да се врти од грб на стомак.
  • Поттикнете го да седи. Дајте му можност да минува одредено време во седечка положба. Заобиколете го со перници доколку не може да седи само.
  • Гушкајте го. Прегратките и бакнежите ќе придонесат да се чувствува сакано и безбедно.

Кога да побарате совет или помош од стручно лице?

Иако најчесто задоцнувањата во развојот се нормални, потребно е да бидете информирани кои знаци и симптоми може да укажат на одреден проблем. Колку порано еден проблем ќе биде откриен, толку подобро ќе може да биде третиран. Верувајте им на своите инстинкти.

Разговарајте со докторот на вашето дете ако тоа:

  • Има премногу стегнати или премногу лабави мускули;
  • Не посегнува по предмети;
  • Посегнува по играчките само со едната рака;
  • Не може стабилно да ја држи главата и не покажува никакво подобрување;
  • Не реагира на гласни звуци, силна светлина или насмевки;
  • Не се смее и не покажува приврзаност кон најблиските;
  • Не прави обиди да се превртува од грб на стомак и обратно или да седи.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 26%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 6269 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.