Кинеската кујна е многу интересна, затоа што често спојува различни ароми и зачини. Ако сте љубител на кинеската храна, сигурно сте пробале пилешко месо во слатко-кисел сос. Невообичаената егзотична комбинација не е прифатлива за секого, но многумина уживаат во миксот на вкусови.
Ако и вие го обожавате ова јадење или едноставно сакате да пробате нешто ново, еве како да го приготвите.
Пилешко:
| 1kg | пилешки гради (без кожа и коски) |
| 1 | шолја брашно |
| ½ | шолја млеко |
| 2 | јајца |
| зачини: црн пипер, ѓумбир, лук во прав (по вкус) |
Зеленчуци и ананас:
| 1 | зелена пиперка |
| 1 | црвена пиперка |
| 1 | глава кромид |
| 2 | моркова |
| 500g | ананас (од конзерва) |
Слатко-кисел сос:
| ½ шолја | сок од ананас (од конзервата) |
| ¼ шолја | шеќер |
| ¼ шолја | црвен вински оцет |
| 3 с.л. | сок од лимон |
| 2 с.л. | пченкарно брашно |
Исечкајте го пилешкото месо на коцки (не премногу ситни).
Во длабок сад ставете ги јајцата и млекото. Матете додека не се добие хомогена смеса. Во друг плиток сад промешајте ги брашното и зачините.
Во тавче ставете околу 1cm масло. Загрејте го. Земете дел од парчињата пилешко и потопете ги во садот со јајцата и млекото. Потоа извадете ги и валкајте ги во садот со брашното. Ставете ги во загреаното масло и пржете додека не добијат златна боја. Превртувајте ги парчињата за да бидат испржени подеднакво од сите страни. Откако ќе се испржат, ставете ги во сад со хартија за да се исцеди маслото. Повторете ја постапката неколку пати, додека не го приготвите целото месо. Оставете го настрана.
Во мал длабок сад, промешајте го пченкарното брашно со малку вода, додека не добиете течна хомогена смеса.
Во тенџере ставете го сокот од ананас и додајте 1 шолја вода. Загрејте го на тивок оган. Полека додавајте од шеќерот, постојано мешајќи. Откако ќе се раствори шеќерот, полека додајте го винскиот оцет, па сокот од лимон, без да престанувате со мешање.
Додајте ја смесата од пченкарно брашно и вода. Продолжете постојано да мешате. Сосот ќе зоврие, па ќе почне да се згуснува. Тргнете го од огнот откако ќе ја постигнете посакуваната густина (треба да изгледа како сируп). Оставете го настрана.
Измијте ги пиперките, извадете ги семките и исечкајте ги на квадратни парчиња од 1-2cm. Излупете го кромидот и исечкајте го на мали парчиња од 1-2cm. Исчистете ги морковите и исечкајте ги дијагонално на тенки парчиња.
Ставете малку масло во големо тавче (ако имате вок, искористете го). Загрејте го на средна температура. Додајте ги сите зеленчуци (без ананасот) во тавчето и гответе додека кромидот не добие златна боја, притоа често промешувајќи.
Додајте го претходно приготвениот сос и продолжете да мешате додека не се соедини сосот со зеленчуците.
Ако парчињата ананас се во форма на круг, исечкајте ги на коцки. Додајте ги во тавчето заедно со приготвените парчиња пилешко. Мешајте на тивок оган, додека не се затоплат.
Можете да го сервирате јадењето со ориз со кари. Добар апетит!
За попривлечен изглед, можете да додадете неколку капки црвена прехранбена боја додека го приготвувате сосот.
Како алтернатива, можете да користите кафеав шеќер и ќе добиете потемна боја на сосот.

Џенифер Анистон
Што имаат заедничко маж и фотокопир?
– Потребни ви се единствено за репродукција.
Коментари (9)
Samo predlog davam...
potocno 3 s.l. sok od limon ili 2 s.l. pcenkarno brasno?
Напишете коментар
Ако сè уште не сте регистрирани, кликнете овде.