Лексикон „Дајте музика“: Запознајте ги новите мини ѕвезди од популарното македонско шоу
Почетна » Новости » Шоу-бизнис » Лексикон „Дајте музика“: Запознајте ги новите мини ѕвезди од популарното македонско шоу

Лексикон „Дајте музика“: Запознајте ги новите мини ѕвезди од популарното македонско шоу

Маалото „Дајте музика“ е окупирано од нова генерација. Најпознатото катче исполнето со детски џагор, најискрени насмевки, креативни палавштини и песни е собиралиште на радосна дружина предводена од Јован (Јован Дукмеџиев), Наташа (Анастасија Џабирски), Филип (Филип Поповски), Саша (Саша Димитриевска), Кики (Кристина Мукаетова) и Тео (Тео Манев).

Бидејќи во старото-ново маало „скоро сè ретро еее“, да ги запознаеме главните ликови преку пополнување на лексикон, што во не толку далечното минато беше голема атракција кај најмладите. Лексиконите со прашања кружеа меѓу другарчињата и оставаа драгоцени спомени врежани на хартија.

Новите мини ѕвезди, кои се забавуваат „без таблет, ајфон и компјутери, со игри детски обични“, одговараат на кратки прашања:

Дајте музика

1

Најдраг спомен од снимањето на „Дајте музика“?

Јован: Јас навистина уживав во снимањето и секој момент ми беше специјален, па некако не можам да одберам омилен спомен! Ако морам да одберам, веројатно тоа би биле дружбата и забавата за време на снимањето.

Наташа (Анастасија): Случките зад камерите и другарувањето со екипата.

Филип: Имам преубави и незаборавни спомени од самиот почеток, до крајот на снимањето: првата клапа, првата трема, гордоста и чувството дека правиме нешто големо! Но, најголем спомен ми е незаборавната дружба со сите ликови во серијата, кои ми станаа најдобри другари и другарки. И секако, моментот кога повторно ја „фатив“ гитарата во раце и кога свиревме заедно со Јован.

Кики: Дружењето со „колегите“ покрај кои станувањето наутро во 6.30 часот, напорната работа и секојдневното учење реплики поминаа многу лесно и интересно.

Саша: Другарувањето, старите и новите пријателства.

Тео: Запознавање со сите познати личности.

2

Смешна случка која нема да ја заборавиш од сетот на „Дајте музика“?

Јован: Во епизодата со Елена Ристевска, требаше да се потпрам на еден шатор. Кажувајќи ја мојата реплика, јас случајно паднав и го смачкав шаторот, но наместо да престанам, јас продолжив со текстот! Многу ми е драго дека продукцијата токму таа сцена ја има внесено во епизодата.

Наташа (Анастасија): Паѓањето на Јован врз шаторот во епизодата „Непоканети гости“.

Филип: На една сцена, требаше да одглумам паѓање, при што јас вистински паднав! Нема да го заборавам натпреварот со Јован кои патики се „пооргинални“, како и малата Хана (ќерката на Тамара), која во епизодата „Талент шоу“ мислеше дека вистински се натпреваруваме и се расправаше со децата од противничкиот тим.

Кики: Сцената која требаше да ја одглумиме со Саша, Јован и Наташа во епизодата „Ајдук“ каде разговаравме колку сме среќни што го имаме маалото и се имаме себеси. Сите се заблагодарувавме на Јован за иницијативата, а после мојата реплика, каде ги споредувам другарите со семејството, Наташа како добра другарка најблиску до Јован требаше да го прегрне и бакне. Наместо да одглуми дека е среќен, Јован го избриша образот, по што јас и останатите од сцената буквално се „валкавме“ од смеење.

Саша: Перо Антиќ кога не можеше да даде кош.

Тео: Кога гостинот од „Гласна куќа“, кој дојде на сет да го игра братучедот на Филип во потрага по ајдукот, наместо „Полека Рамбо“ рече „Полека Ромео“. 😀

Дајте музика

3

Песна која не можеш да престанеш да ја слушаш деновиве?

Јован: Сакам да ги слушам сите песни кои се испеани во „Дајте Музика“, но посебна за мене лично е „Danke Meine Liebe“ од Игор Џамбазов. Откако за прв пат ја слушнав, песната ми стана „заразна“ и сега ми е меѓу најомилените песни. Исто така, јас обожавам да слушам сѐ од рок, метал, џез, блуз…

Наташа (Анастасија): Сите песни од Дајте музика (пуштени на најјако) и новата од Дуа Липа – „Don't Start Now“.

Филип: Како голем фан на Nirvana, утрото го започнувам со „Smells Like Teen Spirit“ и „Come as You Are“. Зависно од расположението, може да бидат песни од Дејвид Боуви и The Rolling Stones.

Кики: „Бели цветови“ од Каролина, „Наташа од 6-1“ од Јован и секако – химната на новата генерација „Ретро е“!

Саша: „Сакам овој ден да трае“ од Драгана Јовановска.

Тео: Макс Мастермајнд (Јован Дукмеџиев).

4

Филм кој би го гледал/а пак и пак и пак?

Јован: Иако необично, јас сум обожавател на цртани филмови. „Немо“ ми е број еден. Растев со тој цртан филм, и секогаш има посебно место во моето срце и никогаш не ми е досаден за гледање. Ако зборуваме за игран филм, тогаш „A Dog's Purpose“ или во превод "Целта на едно куче" би ми бил избор.

Наташа (Анастасија): „The Devil Wears Prada“.

Филип: „E.T. The Extra Terrestrial“, кој иако е од времето на моите родители, за мене е безвременски. При секое повторно гледање, откривам нови моменти и нови значења во него.

Кики: Серијата „Пријатели“.

Саша: „Avengers“.

Тео: „Гладијатор“.

ЈованЈован

5

Актер и актерка кои ги обожаваш?

Јован: За најомилен актер и актерка од македонската сцена, сигурно и веќе претпоставувате, кој друг ако не Весна и Игор од кои учиме, а и има уште многу да се научи. Од странската сцена, сакам да гледам филмови со: Вил Смит, Адам Сандлер, Камерон Дијаз, Џони Деп, Семјуел Л. Џексон итн.

Наташа (Анастасија): Весна Петрушевска, Анџелина Џоли, Бред Пит.

Филип: Том Холанд и Весна Петрушевска.

Кики: Моите учителки по актерство: Весна Петрушевска и Магдалена Ризова-Черних.

Саша: Таљат и Јелена од „Преспав“.

Тео: Џони Деп, Анџелина Џоли.

6

Најинтересна книга?

Јован: Без двоумење: „Џорџ и тајниот клуч на Универзумот“ од Стивен и Луси Хокингс. Одличен бонус е дека од книгата се учи многу за вселената и ѕвездите.

Наташа (Анастасија): „Дневникот на едно смотано девојче“ од Рејчел Рене Расел (сите 8 дела).

Филип: Иако ми беше задолжителна лектира, сепак би ја издвоил „Робинзон Крусо“, која ја прочитав во еден здив.

Кики: Многу сакам да читам, читањето е многу важно! Во моментов ја читам „Мери Попинс“ од П.Л. Траверс која иако ми е лектира, многу е интересна.

Саша: „Исидора Мун“.

Тео: „Diary of a Wimpy Kid“.

КикиКики

7

Кое хоби ти лежи на срце?

Јован: Свирењето гитара ми е во душа. Јас не можам да се замислам без музика. Свирам веќе 5 години и гитарата ми е сè уште единствена љубов. 😀

Наташа (Анастасија): Актерството.

Филип: Најомилено хоби ми е возењето на скирол и скијањето, бидејќи уживам во авантуристичките спортови. Би сакал да пробам и snow skate boarding, бидејќи тоа ги спојува двете мои најомилени хобија скијање и скирол. Уживам во едитирање и го совладувам Adobe Premier Pro и Wondershare Filmora со кои креирам интересни видеа.

Кики: Возење ховерборд, карате, хип-хоп и уживам во времето поминато на СТЕМ Академија.

Саша: Пеење, цртање, танцување...

Тео: Играње видео игри, пеење.

ЈованТео

8

Oмилен предмет на училиште и зошто?

Јован: Немам одредено омилен, но многу ги сакам предметите: биологија, музичко, и математика. Си ја сакам мојата класна по македонски јазик, а со тоа, уште повеќе и предметот.

Наташа (Анастасија): Македонски, бидејќи многу сакам да читам книги и обработувам дела; Природни науки, бидејќи има интересни теми од различни области од кои можам многу да научам.

Филип: Математиката, бидејќи ми претставува предизвик и прави гимнастика на мозокот, а кога еднаш ќе ја засакаш, ја сакаш целиот живот. Германски јазик, кој иако не е лесен, го учам уште од 6-годишна возраст, бидејќи едноставно ми се допаѓа, а ми се допаѓа и Германија како земја (воодушевен сум од Берлин, кој имав можност неодамна да го посетам).

Кики: Математика и општествени науки. Математиката зашто ме тера да размислувам, а општествените науки поради опфатноста на темите кои ги работиме.

Саша: Математика, зошто ми е многу интересно.

Тео: Историја, бидејќи се учи за минатото.

ЈованСаша

9

Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?

Јован: Ги сакам уметничките професии, но здравје, ќе видиме, времето ќе покаже.

Наташа (Анастасија): Актерка.

Филип: Како мал, сонот ми беше да бидам океанолог. Со мојот другар од градинка, Стефан, кроевме планови кои океани ќе ги истражуваме и во кои земји ќе живееме. Сакам да истражувам, го сакам водениот свет, а посебно сум воодушевен од китовите и ајкулите. Секогаш кога одиме на патување, посетата на аквариумот е задолжителна, каде останувам со часови и се воодушевувам на водениот свет. Не знам дали овој мој сон би можел да го остварам, но како и да е, убаво е понекогаш и да се сонува.

Кики: „План А“ ми е инженерство, а „план Б“ се знае. 😀

Саша: Пијанистка.

Тео: Актер.

Дајте музика

10

Најсреќен/на сум кога...

Јован: Најсреќен сум кога со сестра ми и моите родители семејно се дружиме. Гледаме филм, се шетаме, патуваме итн.

Наташа (Анастасија): Имаме проба на часовите во актерската школа на Весна Петрушевска и кога пеам по дома. 😀

Филип: Многу работи ме прават среќен, дури и ситници кои можеби се безначајни. Но, сепак кога сум со моите другари, без разлика што и да правиме, мислам дека сум најсреќен.

Кики: Патувам со семејството во полн состав на некое интересно место.

Саша: Кога играм, пеам и глумам.

Тео: Кога си играм со другарите.

ЈованНаташа (Анастасија)

11

Омилена храна?

Јован: Се разбира, сармата на мама. 😀

Наташа (Анастасија): Макарони салата и топло-ладен колач.

Филип: Не би можел да се одлучам помеѓу кинеска и мексиканска храна, бидејќи и двете ми се омилени, но, и шницлите на баба ми исто така ми се омилени.

Кики: Шницлите со пире на баба.

Саша: Риба.

Тео: Тестенини.

ЈованФилип Дајте музика

12

Најголема желба?

Јован: Хахаха, ги има многу! Да продолжи серијалот „Дајте Музика“ и да има уште многу вакви проекти, а јас да сум дел од нив. Исто така огромна желба ми е да присуствувам на концертите на сите мои омилени бендови.

Наташа (Анастасија): Да го посетам Париз, Ајфеловата кула, музејот Лувр и Дизниленд.

Филип: Имам две големи желби и не би можел да издвојам која ми е поголема. Едната е да глумам во некој филм – светски хит но, со истите ликови од „Дајте музика“, а другата желба ми е да нуркам и пливам со делфини и ајкули, што се надевам дека некогаш ќе се оствари.

Кики: Да сме здрави и среќни.

Саша: Да отпатувам во Вселената, да го видам Универзумот.

Тео: Да има многу деца во маалото во кое живеам за да си играме повеќе.

13

Имаш ли домашно милениче? Какво животно е и како се вика?

Јован: Имам златен ретривер (кој навистина е златен) и се вика Аксл.

Наташа (Анастасија): Мало водно желче, се вика Тори, интересно е што ми го препознава гласот и секојпат кога ќе дојдам дома се исправува на две нозе и сака да излезе од аквариумот да се гали. 😀

Филип: До минатиот декември имав милениче папагал кое беше милениче на целото мое семејство. Кики беше еден мал брливко кој зборуваше и имитираше звуци. Нема да заборавам дека секогаш ме поздравуваше со некој интересен збор кога ќе се вратев од училиште. За жал, тој веќе не е со нас, но, засекогаш ќе остане во моето срце. Инаку, јас сум голем обожавател на кучиња, без разлика дали се тие расни или улични кучиња. Во последно време, сестра ми ме убедува да вдомиме и улично маче, но, сега засега, оваа наша желба сè уште ја немаме реализирано.

Кики: Го имам померијанецот Фан веќе две години, а од неодамна го имаме и папагалот Траки.

Саша: Немам.

Тео: Немам.

Дајте музика

14

Каде посакуваш да отпатуваш сега?

Јован: Некои патувања кои без сомнеж би сакал да ги повторам се да одам во Прага, Лондон, Барселона. Општо обожавам патување, а за нови локации, би сакал некој ден да одам во скандинависките земји како Финска, Шведска, Данска, Норвешка итн.

Наташа (Анастасија): Некаде на море.

Филип: Во моментов, би сакал да отпатувам на некое место со многу снег, каде би можел по цел ден да скијам и пијам топло чоколадо.

Кики: Со нетрпение чекам да отпатувам во Виена на Европското ракометно првенство со семејството и друштвото и да навиваме за македонската репрезентација од трибините.

Саша: Сандански.

Тео: Хаваи, Бали.

Дајте музика

15

Имаш ли скриен талент? Ќе ни го откриеш?

Јован: Гордо ќе кажам, покрај сѐ, 4 години одев на играорна. Ретко кој знае, јас сум и играорец. 😀

Наташа (Анастасија): Дизајнирање, правење новогодишни и роденденски декорации, цртање (украсување) на камчиња, шолји, тањирчиња, разни предмети од керамика/порцелан/стакло, со специјални бои, кои се печат во рерна, а цртежите остануваат трајни.

Филип: Пеењето и цртањето! Сакам да цртам и измислувам стрип јунаци, но, исто така, уживам и во цртање акварели. Пеам кога свирам гитара, а ете, имав можност и да се обидам и во „Дајте музика“ и морам да признаам дека целосно уживав.

Кики: Со „Дајте Музика“ открив дека сакам да пеам. 😀

Саша: Танцување.

Тео: Правење жапчиња од хартија, пливање.

„Дајте музика“ се емитува секои среда, четврток и петок од 19 часот на МРТ 1.

Дајте музика

YouTube: Дајте Музика / Dajte Muzika

Инстаграм: dajte_muzika

Фејсбук: Dajte-Muzika

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 26%
  • 74%
Се испраќа...

(Вкупно: 3873 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?