Писмо од мајка за нејзините деца: „Понекогаш ви држам лекции кога ви треба прегратка. Знам дека не сум совршена“
Почетна » Новости » Занимливости » Писмо од мајка за нејзините деца: „Понекогаш ви држам лекции кога ви треба прегратка. Знам дека не сум совршена“

Писмо од мајка за нејзините деца: „Понекогаш ви држам лекции кога ви треба прегратка. Знам дека не сум совршена“

Мајките го посакуваат само најдоброто за нивните деца. Но, мајчинството не доаѓа со прирачник и понекогаш тие прават грешки за кои жалат подоцна.

Една мајка им напиша писмо на своите деца за да им каже дека ги сака дури и во моментите кога нејзините постапки не се правилни. Со текстот, Џес Мери сака да им покаже на мајките дека не се сами во нивните борби, дека никој не е совршен и дека не треба да бидат престроги кон себе кога ќе згрешат.

Мајка

Драги деца, кога ќе згрешам...

Понекогаш се будам наутро и гледам дека сте пораснале преку ноќ. Вашето лице е дефинирано, вашите очи изгледаат постаро. Дел од мене со возбуда ви се восхитува, знам дека има уште многу пред вас. Друг дел се плаши, бидејќи времето лета и не можам да го забавам. Се плашам дека не бев секогаш будна и внимателна, и дека некако ја преспав магијата на вашето растење. Се прашувам, дали доволно уживав? Дали ви го дадов она што ви беше потребно? Дали срцето ви е полно? Дали духот ви е нескршлив?

Не сум секогаш добра во ова. Не сум секогаш онолку добра колку што сакам да бидам како ваша мајка. Сакам да бидам одлична, и понекогаш сум, но понекогаш не сум.

Понекогаш знам што треба да правам, понекогаш не.

Понекогаш постапувам правилно, а понекогаш тотално промашувам.

Секој ден правам грешки.

Понекогаш викам кога треба да сум внимателна со вас. Понекогаш ви држам лекции кога сè што ви треба е прегратка. Понекогаш тотално и потполно промашувам. Го знам тоа. Ја мешам вашата болка со кукање или вашето тажно срце со лошо однесување. Се гледам себеси како грешам и подоцна жалам што не сум реагирала поинаку.

Промашувам кога сум изморена и вие ги добивате остатоците од мене на крајот од долгиот ден. Посакувам да не беше така, но понекогаш е така.

Промашувам кога сум исплашена. Се плашам од големи нешта и од мали нешта. Навистина мислев дека возрасните знаат сè, но сега, кога сум дел од нив, знам дека тоа не е точно. Понекогаш, стравот ми го пара срцето и не можам да мислам на ништо друго. Заборавам да се релаксирам и да уживам. Заборавам да се смеам и кикотам. Работам на тоа.

Промашувам кога сум изгубена. Се борам со сопствените демони и тоа нема никаква врска со вас. Понекогаш се работи за анксиозност или депресија, но никогаш, ама никогаш не е ваша вина. Се стремам кон постигнување на добросостојба за кога вие ќе стигнете до тие пречки, да можам да ви помогнам да го направите истото.

Знам дека е лесно да се држиме за негативните нешта и да забораваме на позитивните, но сакам да биде поинаку. Кога ве гледам, МНОГУ СЕ ГОРДЕАМ. Кога ве гледам, гледам добрина. Гледам некој кој е моќен. Се чудам како ми било доверено толкаво богатство. Вашето срце е чисто и меко. Вие сте нежни и љубезни, вие сте живи и бестрашни.

Засекогаш ќе бидам ваш најголем фан и ваш најгласен навивач.

Ве молам, продолжете да ми помагате да ве видам и да ве запознам. Продолжете да ми кажувате кога ќе ви ги повредам чувствата. Продолжете да ги споделувате со мене вашите стравови и вашите несигурности и заедно ќе пронајдеме решение.

Не ми пречи да грешам, но ми пречи да го изгубам вашето срце. Вашето срце е она што мене ми е важно.

Се надевам дека мојата слабост ќе ве научи на нешто. Се надевам дека кога ќе наидете на вашите сопствени кршливост, измореност, страв и збунетост, дека ќе се помирите со нив. Се молам вашите несовршености да не ве плашат како што ме плашеа мене. Се молам да не бегате од нив, туку да се борите со нив.

Не постапуваме секогаш правилно и тоа е во ред.

Сите ние сме професионални грешници, а и вие ќе правите многу, многу грешки. Ќе направите безброј грешки, како што направив јас, но ниту една од нив нема да ја помрачи светлината која ја гледам кога ќе ве погледнам. Вие сте мое богатство.

Дури и кога животот лета, понекогаш имаме момент. Понекогаш можеме да ја испружиме раката и да го зграпчиме времето и да го задржиме. Светот запира, сè е тивко, и ние навистина се гледаме еден со друг. Во овој момент, кога ќе ги погледнам личностите кои што сте и кои што станувате, сè што можам да помислам е...

Ова утро, во кое ми се чини дека сте пораснале преку ноќ, сакам да ви кажам дека сте прекрасни. Ме восхитувате секој ден. Кога ве гледам, ме инспирирате. Ме инспирирате да ја соберам големината која ја поседувам. Во ова семејство, ќе правиме грешки, но ќе ги правиме заедно и цврсто ќе се крепиме еден со друг.

Знам дека никогаш, ама никогаш, нема да бидам совршена, но засекогаш сум ваша и засекогаш ќе бидам во вашиот тим. Тоа можам да ви го ветам.

Ве сакам.

Со љубов,

Мама

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 73%
  • 27%
Се испраќа...

(Вкупно: 20010 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?