Инспирација за секого! Елена Бубало неуморно вежба и во втората бременост и држи онлајн тренинзи од дома
Почетна » Новости » Занимливости » Инспирација за секого! Елена Бубало неуморно вежба и во втората бременост и држи онлајн тренинзи од дома

Инспирација за секого! Елена Бубало неуморно вежба и во втората бременост и држи онлајн тренинзи од дома

Биохемиски инженер по професија, успешен фитнес тренер, креаторка на Total Body Workout by Bybalo, посветена мајка и сопруга... Елена Бубало е вистинска инспирација.

Елена Бубало Елена Бубало

Енергичната Македонка, која моментално го очекува второто дете, продолжува да вежба и додека е во блажена состојба, а она што е уште повеќе за почит, е што во услови на коронавирус, не ги прекина часовите со своите клиентки, туку ги „пресели“ онлајн.

Накратко, како функционира еден ваков тренинг на дистанца?

Мора да се најде начин да си делуваме позитивно, вежбањето е еден од тие начини.
Елена

- Уште првиот ден кога решивме дека клубот нема да работи од безбедносни причини, но по кратко време тоа беше и решение на Министерството за здравство, мене ми беше невозможно тоа дека вечерта нема да имам тренинг. Одма отидов во сала, им пишав на девојките што си беа во термините тој ден дека продолжуваме онлајн редовно, секоја во секој термин. Немав испитано ни која програма ќе ја користам, ни како ќе го изведам тоа. Но, едно бев сигурна, дека тренинг ќе има, тие сакаат да вежбаат, а бев тука за тоа да им го овозможам.

Првите часови додека се организиравме беа поедноставни вежби што можат да се изведуваат дома, но веќе си продолживме со редовната програма со реквизити за во домашни услови. И сето тоа сега личи како да сме го правеле отсекогаш. И плус поредовни излезе да се вака, бидејќи се дома тој период и нема оправдувања, туку се вежба. Мора да се најде начин да си делуваме позитивно, вежбањето е еден од тие начини.

Елена Бубало

Како реагираат луѓето кога ќе видат колку си активна во напредна бременост?

- Бидејќи ми е втора бременост, како и вежбањето со нејзе, сите оние што ме знаат, беа со мене или следеа за првата, ова им беше повеќе од очекувано и само ме подржуваат и не се изненадени. Но, не е исто и со тие што не ме познавале тоа време, што и не се многу во спортот, па добивам коментари: „па нели не смееш со тежина да работиш“, зашто креваш тешко, не го малтретирај бебето“. Има и такви кои се фасцинирани, бараат совет за нив и ме подржуваат.

Елена Бубало

На Instagram добиваш огромна поддршка и поттикнуваш восхит. Но, дали покрај позитивните има и негативни коментари и критики?

- Па, секогаш има и такви и такви коментари. Негативните се најчесто во порака, но да бидам искрена се ретки, јас и не сум со некој провокативен профил, па на кој може сè да се очекува да се пише. Сметам дека сè е умерено, како и начинот на живот што го водам. Но, може нема толку негативни коментари колку што има невообичаени прашања. Но, мора да се одговори на секого, да се прими критика, бидејќи тоа е еден од начините од кои учиме да бидеме подобри.

На што треба најмногу да внимаваат трудниците доколку тренираат во текот на бременоста?

Тоа е индивидуално и зависи од типот на бременоста. Но, има генерални работи на кои треба да се внимава. На пример, една од најважните работи е пулсот кој мора да се регулира во текот на целиот тернинг, за да не се донесе плодот во хипооксична состојба (намален дотур на кислород). Нормално вежби за стомакот, вежби со скокови се избегнуваат како и вежби кои можат да предизвикаат повреда и се поризични. Но, наспроти ова има многу други работи што смеат да се прават и вежбаат, но тоа да биде со правилно одбран тренер и консултација со доктор.

Елена Бубало

Дали ја промени исхраната кога дозна дека си бремена? Има ли некои намирници кои сега ги консумираш поинтензивно?

Премногу внимавам што ќе јадам и притоа што ќе му внесам на плодот преку мене.
Елена

- Ни за првата, ни за оваа бременост не направив никакви промени. Имав режим пред првата бременост и го продолжив во текот на бременоста. Со текот на годините го сменив режимот, сега сум на друг кој го продолжив во текот и на оваа бременост. Тоа е нешто со кое сум најмногу оптеретена дури и повеќе од вежбањето. Премногу внимавам што ќе јадам и притоа што ќе му внесам на плодот преку мене. Нема нешто посебно повеќе или помалку да јадам освен додатоци во исхрана и суплементи. А сега периодов со седењево дома, намален ми е внесот на калории, односно порциите ми се помали, што е и нормално бидејќи помалку трошам и помалку се движам во текот на денот.

Порано се велеше „сега си бремена, јади за двајца“, но сега се советуваат трудниците да внимаваат на покачената тежина и за нивно добро и за доброто на бебето. Какви се твоите ставови во овој правец?

- Пола од одговорот на ова прашање го има во претходното. Никако не се сложувам со тоа, и нема потреба. Поважен е видот на храна кој ќе се внесе, здрави намирници, избалансирана храна, витамини, минерали, повеќе протеини. Да не се јаде брза храна, тесто, грицки, шеќери. Така повеќе се придонесува за здравје на плодот, а не со количината, сепак плодот не е 60кг, па не може дупло да јадеме. И патем би кажала дека не признавам ни „стрвност“ според мене сè е во главата и моќта на дисциплината и желбата да се биде здрав.

Јога, аеробик, пилатес, пешачење, пливање... Според тебе, која е најдобрата физичка активност за една бремена жена?

- Не можам да кажам што е најдобро, а верувам и дека нема таков одговор. Прво не се почнува нов спорт откако ќе се дознае дека жената е бремена, туку се продолжува со истиот што претходно го правела со намален интензитет и прилагодливи вежби. За мене ни едно од тие на пример не ми е, туку Кросфит ми годеше ептен оваа бременост каде што тренер ми беше сопругот. Она што најчесто можеме да го прочитаме е дека се препорачува пешачење, јога, пливање како најмногу безбедни спортски активности, но сепак нема правила, сето тоа е индивидуално.

Ти веќе си мајка на Андреј, кој наскоро ќе наполни три години. До кој месец спортуваше во првата бременост?

- Андреј следниов месец полни 3 години. Вежбав скоро до последен ден, денот пред пораѓај држев часови и буквално функционирав одлично како да не бев во таа состојба. После три недели се вратив во сала, не да вежбам, туку да држам часови, а после месец и половина од породувањето, повторно почнав да вежбам полека без многу напор додека не се вратив во форма.

Елена Бубало

Тренинзи држиш заедно со твојот сопруг Атанас Михајловски во Спортскиот центар АЛЕБРАС. Како балансирате помеѓу приватниот живот и работата?

- Тоа е нешто што сонував да го правиме. Уживаме двајцата во оваа работа, заедно учиме, се надополнуваме, патуваме надвор од државата за да учиме нови работи. Работиме два различни типови на тренинзи, различни ставови имаме, но баш заради тоа сметам дека сме стигнале до ова ниво и сега функционираме одлично заедно и во клубот.

Кој е идеалниот период од денот за вежбање? Наутро, попладне, навечер?

- За тоа има различни истражувања, мислења и ставови. Од сето она што јас сум го учела, искуството за овие 10-тина години, ми покажало дека нема таков период. Првата причина за тоа е дека секој од нас има различен начин на живот, во тоа спаѓа одење на работа, обврски, слободно време, типот на човекот и затоа секој треба да вежба кога му одговара, кога е одморен и кога може да даде максимум од себе. Затоа има различни групи, термини, тренинзи за да може секој според својот стил на живот да извежба, а на крајот тоа е најбитното.

Во услови кога силно се препорачува седењето дома, имаш ли совет како да се зачува мотивацијата за вежбање?

Сега конечно скоро сите имаме време, можеме да се посветиме на себе.
Елена

- Па, реално сега барем се нема оправдување. Од типот немам време, уморен сум и ред оправдувања што нема крај ако ги цитирам. Сега конечно скоро сите имаме време, можеме да се посветиме на себе, да одбереме тренер кој нè мотивира, да извежбаме и да направиме здрави оброци (бидејќи и за тоа немавме време) или да почнеме некој режим на исхрана. Јас верувам и сум убедена секој што ќе го направи тоа за 2 месеци, па и помалку ќе има видливи резултати. Само треба да се сака и секое НЕ МОЖАМ за горенаведеното значи НЕ САКАМ. А, јас знам дека сите сакаат и треба уште одма тоа да го направат.

Елена Бубало

Анкета

Анкета
Сметате ли дека е добра мерката за задолжително носење на заштитна опрема на лицето (маска, шал)?
  • 64%
  • 36%
Се испраќа...

(Вкупно: 6547 гласа)

Цитат

Можеш да ги исечеш сите цвеќиња, но не можеш да ја спречиш пролетта да дојде.

Пабло Неруда

Виц

Се качувам на вага по завршувањето на карантинот.

Вагата покажува: „Ве молам почитувајте социјално дистанцирање. Качувајте се еден по еден!“