„Животот е прекраток за лажни пријатели“
Почетна » Новости » Занимливости » „Животот е прекраток за лажни пријатели“

„Животот е прекраток за лажни пријатели“

Витни Флеминг е мајка на три деца, која помеѓу бројните обврски успева да оддели само малку време за дружби и тоа само со вистинските пријатели. Таа е категорична дека секоја мајка треба да има пријателки кои можат да ја разберат, кои нема да ја осудуваат за нејзините одлуки и пред кои не треба да глуми дека има совршено чист дом или дека е секогаш смирена.

Нејзиниот текст, со кој ја истакнува важноста на вистинските пријателства, стана хит на интернет.

Пријателки

Цел живот сум била екстроверт.

Муабетам со касиерката. Разговарам со таксистот додека ме носи на аеродром. Иницирам разговор со таткото кој стои настрана на фудбалскиот натпревар или со мајката која седи сама пред родителскиот состанок.

Едноставно, сметам дека животот е многу полесен кога си пријатна личност.

Бидејќи сум дружељубива, имам разнолик круг од мајки-пријателки. Сметам дека е важно да бидеш отворена за различни перспективи и животни можности.

Но, иако не ми пречат празните муабети и муабетењето на училишните настани, како што стареам, има едно нешто што го знам со сигурност: „Животот е прекраток за лажни пријатели“.

Имам три активни тинејџери, работа со полно работно време, сопруг кој патува и куче кое бара многу грижа и внимание. Во добрите денови, јас сум хаос. Во лошите, ги држам краевите со селотејп и молитва.

Сакам да бидам добра личност, добар пријател, но немам време за игри. Не можам да ги поминам неколкуте слободни часови на „пријатели“ кои се јавуваат само кога им треба нешто или се пасивно-агресивни кога имаме недоразбирање. Не сакам да се грижам за секој збор што излегува од мојата уста или да бидам осудувана за секој мој потег. Не сакам да се натпреварувам со други жени за тоа како изгледаме, како ги воспитуваме децата или колку се успешни тие.

И сум премногу уморна на крајот од секој ден за да глумам нешто што не сум.

Никој нема време за тоа.

Ми требаат пријатели кои веруваат во најдоброто од мене, дури и кога го покажувам најлошото; пријатели кои ме охрабруваат на секој чекор од моите нови авантури и кои плачат со мене кога ми треба рамо за плачење; пријатели кои се појавуваат со вино во раката по лош ден, а со кафе по непреспана ноќ.

Вистински пријатели кои знаат дека и јас би го направила истото за нив.

Сакам да бидам со мајки кои раскажуваат за своите непријатни искуства, кои зборуваат за проблемите во нивните бракови или стравови за нивните деца. Обожавам жени кои отворено ги споделуваат нивните магични креми за кожа и кои признаваат дека нивната кујна е чиста само затоа што ги турнале работите во фиоката. Ми требаат луѓе кои не се ежат кога ќе им кажам дека бев во депресија или дека постојано имам проблеми во односите со една од моите ќерки.

Сакам пријателства кои ме исполнуваат, бидејќи никој не е задоволен кога поминува време со лажни пријатели.

Јас сум среќничка. Создадов и одржав пријателства кои го задоволуваат мојот глад за реалност. Заедно поминавме низ породувања со нашите деца и низ смрт на некои до нашите родители. Се држевме за раце на погребите на пријатели и низ солзи се збогувавме, гледајќи како камиони за преселба ги носат нашите предмети на другиот крај од земјата. Леевме солзи-радосници кога децата кои ги сакаме како наши ќе достигнеа важен момент во нивниот развој или си делевме пица навечер кога мислевме дека не можеме да бидеме мајки ниту една минута повеќе – преживувајќи само затоа што се имавме една со друга.

Имавме тешки разговори кога искреноста, без разлика на бруталноста, беше најдоброто нешто што можевме да го понудиме, и се воздржувавме кога знаевме дека некој има потреба да се „истуши“. Сме си давале совети за сексот и сме се охрабрувале при справувањето со тешките свекрви. Сме си ја разголувале душата и сме чувале тајни од надворешниот свет.

Без осудувања. Без очекувања. Без задни намери. Без натпреварувања. Без лажни пријатели.

Само љубов, прифаќање и многу смеа.

Животот е краток и никогаш не можеме да знаеме што ќе ни донесе утрешниот ден.

Најдете пријатели кои ќе ви го исполнат животот со радост и поддршка без разлика на сè.

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 26%
  • 74%
Се испраќа...

(Вкупно: 4118 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?