Џордан Боун е инспиративна девојка, која и покрај тоа што е парализирана од градите надолу успеа да стане позната блогерка.
25-годишната Англичанка не може да ги движи прстите на рацете за што често добива лоши коментари и некултурни прашања. Сакајќи да ја раскаже својата животна приказна и да ги инспирира луѓето кои минуваат низ тешки периоди, Џордан на YouTube објави емотивно видео.
„За мене беше исцрпувачки да одговарам на коментари кои беа многу сурови и ме повредуваа, па започнав да барам начин да ја претворам лошата ситуација во добра“ – рекла Боун за Today.
Во видеото, кое досега е прегледувано над 2 милиони пати, Џордан раскажува дека пред 10 години имала сообраќајна несреќа која ѝ го променила животот. Таа воопшто не можела да се шминка, но во ниту еден момент не се откажала. Сега, нејзините туторијали се гледани од илјадници лица.
„Лудо е колку многу растеме со предизвиците со кои се соочуваме. Низ какви тешкотии и да минувате, дури и во најмрачните периоди, секогаш ќе има светлина која ќе свети посилно. Не знам низ што минувате во моментов, но знајте дека секој ден вреди да се живее“ – вели Џордан во видеото и порачува дека никогаш не треба да зборуваме за некого без да ја знаеме неговата приказна.
„Секогаш ширете позитивност и бидете љубезни. Животот е прекраток за да го трошите на негативност“ – додава таа.
Боун ја започна и кампањата #MyBeautifulStruggle за да инспирира и други личности да ги споделат своите приказни.






