Почетна » Новости » Животни стории » Срце полно добрина: 10 хумани дела на ангелот Тоше Проески кои не треба да ги заборавиме

Срце полно добрина: 10 хумани дела на ангелот Тоше Проески кои не треба да ги заборавиме

Ангелски глас, харизма, насмевка која плени со милост, неодолив шарм, срце полно со хуманост, позитивност, очи сјајни како ѕвезди, емотивност пренесена во песните... тешко може со зборови да се опише големината и убавината на нашиот Тоше Проески.

Тоше Проески
Блажена е душата што дава
Тоше

Нашата непреболена музичка ѕвезда зрачеше со хуманост и човечност, но и со скромност, па речиси никогаш не зборуваше јавно за своите добри дела. Тој само ќе речеше: „Блажена е душата што дава“ и даваше без да бара ништо за возврат. Многу од хуманите дела на Тоше се дознаа по неговата смрт во октомври 2007 година, а некои, можеби никогаш нема да ги дознаеме.

Никогаш нема да ги заборавиме неговите зборови „Ве сакам сите“, зашто ние навистина ја чувствувавме неговата љубов, дури и кога бевме публика пред малите екрани.

За Тоше Проески

По повод овој ден, ве потсетуваме на 10 добри дела кои нашиот хуманитарец ги имаше направено во својот живот:

За малиот имењак Тоше Илиев од Кочани

Потребни биле само неколку зборови од таткото на Тоше Илиев, за Проески да одржи хуманитарен концерт во Кочани пред 16 години. Средствата биле наменети за 8-годишниот имењак кој страдал од тумор на мозокот и морало да биде опериран во Германија.

Пред концертот, Проески го посети домот на малиот Тоше за да го потсети дека „мора да биде сè во ред кога Тоше пее за Тоше“. И вистина беше. Операцијата била успешна, а малиот Тоше сега е момче кое ги следи стапките на својот идол. Во чест на својот ангел-чувар, Илиев секоја година организира хуманитарен концерт насловен „По патеките на Тоше“, кој се одржува на 25 јануари. Денес тој концерт ќе се одржи по 4-ти пат.

За Тоше Проески

500-те денари за Рафит Хасани

Приказната на Хасани ја обиколи Македонија во 2012 година, а беше уште еден доказ за добрината на миленикот на нацијата, Тоше. Имено, неколку години пред да го напушти овој свет, една врнежлива вечер Тоше застанал со автомобилот до Рафит, кој продавал весници на булеварот „Партизански одреди“. Тој го прашал Хасани колку заработува во една вечер, на што добил одговор: „Околу 150 денари“. Без воопшто да размислува, Тоше извадил 500 денари од џебот, му ги дал на продавачот и му рекол: „Те молам оди вечерва дома, не можам да те гледам како киснеш“.

По тој настан, Тоше редовно го посетувал Хасани за да му однесе топол чај во термос.

За Тоше Проески

„Чиче, не сум некој фраер на мотор, јас сум Тоше Проески“

Во биографската книга за Тоше „Ова не е крај“, неговата сестра Дора раскажува за интересна случка кога Тоше му помогнал на старец кој носел тешки торби.

Еднаш со мотор тргна за Прилеп. По патот сретнал еден постар човек, кој едвај се движел поради торбите што ги држел во двете раце. Тоше застанал пред него и му рекол: „Чиче, може ли да ти помогнам?“. Kога човекот го видел со кацига на глава, во кожена јакна и панталони, се исплашил и дрско му одговорил: „Море бегај таму, ти ќе ми помогнеш!“.

Продолжил да го убедува: „Чиче, не сум некој фраер на мотор, јас сум само обично момче што сака да ти помогне“. Откако чичкото не му поверувал на зборовите, ја извадил кацигата и му рекол: „Чиче, јас сум Тоше Проески, еве погледни ме! Сакам да ти помогнам“. А старецот му одговорил: „Kако да не, ти си Тоше. Ајде, оди си, ме чека долг пат до селото“. Потоа брат ми му дал пари на првиот таксист што го сретнал и го замолил старецот што ќе го сретне на улица со торби в раце да го однесе до селото каде што живее. Многу луѓе доаѓаат да ни кажат дека Тоше им помогнал. Но, тој не зборуваше за тоа.

Дора

За Тоше Проески

За сограѓани кои ги сретнал на болница во Скопје

Сестрата на Тоше раскажува и за нивни сограѓани, на кои Тоше им помогнал со пари и сместување.

„Случајно во една болница во Скопје се сретнал со наши сограѓани. Ги поврзал со некои лекари. Потоа им понудил додека траат испитувањата да седат кај него дома. Останале една недела. Им дал пари и за операцијата. За среќа, сè добро се завршило.“

Дора

Изградбата на манастирот „Свето Преображение“ во Крушево

Проески колку што можеше ја финансираше и помагаше со физичка работа изградбата на манастирот и не се срамеше да го признае тоа. Светиот објект за Проески имал посебно значење, зашто како што раскажал тој во интервју за „Утрински“, темелите на манастирот ги пронашол неговиот татко со другарите и оттогаш започнале да го градат со помош на крушевчани.

Постар пријател на татко ми, кој сега е починат, сонувал како некој го води на место каде што порано имало манастир. И навистина се случило тоа – на посоченото место од сонот, татко ми и другарите ги нашле темелите кои биле длабоко закопани. И оттогаш почнала неговата изградба, тешко се собирале средства, но некако по 13 години успеале да го направат манастирот, без вода и струја, а тоа беше најтешкиот дел.

И мислам дека од моментот кога татко ми почна да ја гради таа црква со другарите, се промени целата ситуација во моето семејство, пред сè, егзистенционалната. Самото споменување на тоа ме потресува до ден-денешен, а татко ми секој ден е таму и се грижи за сите тие работи.

Признавам и чувствувам дека мојот живот, а и на целото семејство, се промени откако почна да се прави манастирот. И никогаш нема да заборавам ниту на Македонија, ниту на Крушево, ниту на манастирот, зашто целата моја слава, здравје и среќни ситуации кои ми се случуваат секојдневно му ги должам токму на тој празник – Св. Преображение.

Тоше

Мирот си го наоѓам тука. Мирот ми е тука и мислам дека ова е суштината. Нема слава, нема популарност, славата не ми е битна, никогаш нема да проаѓам преку живи лешови за слава затоа што не ми е потребна. Ја сакам музиката и ова го правам заради музиката, а не заради слава. Овде ми е мирот и знам дека после сè, ќе завршам тука.

Тоше за манастирот

Искра радост во краткиот живот на Милена Димова

Милена и ТошеМилена и Тоше

Најмалите секогаш беа најсакани, најпрегрнувани и најбакнувани од Тоше за време на концертите, но од него не беа занемарувани ни оние коишто немаа можност да присуствуваат на нив, како на пример 7-годишната Милена Димова, која почина во 2000 година.

Милена, поради проблеми со белите дробови, секогаш била поврзана за боца со кислород и не било возможно да биде дел од концертите на својот идол Тоше. Откако тој слушнал за нејзината голема желба да го запознае, неколкупати ја посетил во домот во Неготино, а подоцна на болница во Скопје.

Иако срдечниот пејач веднаш понудил да одржи хуманитарен концерт за да ѝ помогне на Милена, родителите му кажале дека за неа нема лек и дека е доволно неговото присуство. Тој не пропуштал да ја утеши и да ѝ влее оптимизам со зборовите: „Душичке, секогаш кога ќе можам, ќе дојдам да те видам. Ќе пораснеш голема, Господ ќе ти помогне, ќе оздравиш“. Милена гледала во него принц од бајките, кој ѝ го разубавувал краткиот живот.

За Тоше Проески

Реновирањето на Клиниката за детски болести во Скопје и посетите на болните деца

Како заштитно лице на кампањата „Пријатели на Клиниката за детски болести“, Тоше беше најзаслужен за целосното реновирање на Одделот за хематологија и Клиниката. Тој неколкупати ги имаше и посетено децата сместени таму за да ги израдува не само со подароци, туку и со своето присуство.

Ненајавената посета на малата Душица Павловска, која беше ранета за време на војната во 2001 година

Душица и ТошеДушица и Тоше

Душица имаше само 3 години кога беше ранета со куршум во стомакот.

Инцидентот се случи за време на војната во 2001 година во Тетово.

Откако Тоше дознал дека девојчето посакува да се запознае со него, тој веднаш се појавил во домот „25 мај“ каде било сместено тоа.

Мало дело за исполнување на голема желба.

За Тоше Проески

Традиционалните хуманитарни концерти „Со музика за живот“

Еуфоричните и магични концерти кои Тоше секоја година ги одржуваше во месец декември секогаш имаа една намена – да им се помогне на оние на кои тоа им е најпотребно.

Дарување на крв

Тоше Проески многупати учествуваше во крводарителски акции, постојано залагајќи се за да ја подигне свеста кај луѓето за важноста на дарувањето на крв. Во негова чест, од 2010 година наваму, двапати годишно, во јануари и октомври, се организираат вакви акции. Денес е 12-тата ваква акција.

За Тоше Проески

Тоше е добитник на Хуманитарната награда Мајка Тереза, а во 2004 година е именуван за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Неговиот хит „За овој свет“ или „This World“ станува химна на УНИЦЕФ. Тој е една од ѕвездите кои засекогаш ќе бидат запишани во историјата на македонската музика и кои вечно ќе останат во нашите срца.

Тоше почина без да умре, а ние кога ја слушнавме лошата вест, умревме без да починеме.

Игор Џамбазов

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9492 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.