„Се чувствував како да полудувам“: Жена се отвори за проблемите со тироидната жлезда
Почетна » Новости » Животни стории » „Се чувствував како да полудувам“: Жена се отвори за проблемите со тироидната жлезда

„Се чувствував како да полудувам“: Жена се отвори за проблемите со тироидната жлезда

Жена отворено проговори за проблемите со тироидната жлезда за да им порача на луѓето да го слушаат нивното тело и да не ги игнорираат симптомите.

Колин Томас страдала од бројни симптоми, како опаѓање на косата, отеченост, умор и егзема, но не сакала да признае дека има здравствен проблем сè додека сопругот не ја поттикнал да побара лекарска помош.

Откако добила дијагноза хипотироидизам и соодветна терапија, нејзиното здравје се вратило во нормала. Еве го нејзиниот текст, кој појаснува како да ја препознаете оваа состојба и да побарате помош:

Колин Томас

Зјапав во мијалникот, полн со темноцрвени влакна. Влакна имаше и на подот, а некои од нив ми го затнуваа одводот во туш кабината. Не беа прамени, но опаѓањето беше забележително и алармантно. Тоа се случуваше секој ден. Траеше со недели. Косата која вообичаено ми е екстремно цврста и сјајна, беше безживотна и стануваше сè потенка од ден на ден. Го исчистив подот, го исфрлив ѓубрето и си продолжив со работа. Си помислив дека е само зимско опаѓање на косата, ништо сериозно.

Но, кога се погледнав во огледалото, едвај се препознав себеси. Бев многу отечена. Очите ми беа пропаднати и бев многу бледа. Летото одамна беше завршено, па помислив дека можеби само го загубив сјајот. Можеби само телото ми задржува вода. Имам висок притисок. Можеби е тоа. Но, тоа не го објаснуваше фактот дека алиштата ми стануваа сè потесни и покрај тоа што не јадев по многу од ништо.

Покрај проретчувањето на косата и отеченото лице, кожата ми беше сува и ме чешаше постојано. Развив егзема на прстите кои ми пукаа, ми крвавеа и ме печеа. Го препишав тоа на ладното и суво време. Се чешав до степен на лупење на кожата. А таму немаше ништо. Ниту оток, ниту убод, ниту осип, само кожа која чеша. Со сигурност не е ништо, си мислев јас. Но, мојот сопруг не беше толку убеден.

Набрзо, постојано бев уморна. Имаме две мали момчиња, едното само две години, а другото е помало од една година. Работев со полно работно време и секоја вечер бев истоштена. Ќе направев вечера, ќе ги легнев децата и ќе си легнев и јас. Поминував нула време со сопругот. Си ја сакав само перницата. Но, кога започнав да се враќам дома и да преспивам секој ден за да соберам сила да зготвам вечера, тој стана екстремно загрижен.

Да не сум повторно бремена? Не, негативен тест. Страдав од депресија и нарушување во исхраната кога бев помлада, па мојот сопруг беше убеден дека тоа е она што ми се случува. Му реков дека сум добро. Не бев вознемирена, ниту тажна, ниту пак лута за нешто, само се чувствував чудно. Не, се чувствував како луда.

Тој навистина си мислеше дека го губам разумот. Ги имав сите симптоми. Не можев да разберам, не можев да го објаснам, само се чувствував и изгледав како го*но. Станував ужасна мајка и уште полоша сопруга. Не можев да бидам приземна, без разлика колку многу се трудев. Едно утро, тој инсистираше да одам кај терапевт. Наводно страдав од ужасна форма на депресија. Знаев дека не е тоа и дека сите овие нешта кои ми се случуваат се реални. Но, не вредеше да се расправам, а можеби и беше во право. Немав одговори.

Закажав термин кај психијатар за следниот ден. Не сакав да губам време. Пополнив милион формулари, имав краток разговор за мојата медицинска историја и за моите чувства. Докторот рече дека звучи како да имам депресија, но сакаше да направи испитувања на крвта за да исклучи сè останато.

Ми се јави и ми кажа дека тестовите за TSH и T4 се абнормални, екстремно абнормални. Што значи тоа по ѓаволите? Тоа беше тироидната жлезда. Да бидам искрена, имав слушнато за таа жлезда, но немав поим што прави. Ми препорача да се видам со ендокринолог.

Ендокринологот ми рече дека бројките се највисоките што некогаш ги видел и дека нема претстава како воопшто сум функционирала во текот на денот. Тој би очекувал по цел ден да сум во кревет. Што значи сето ова? И уште поважно, што можев да направам за да го подобрам?

Официјалната дијагноза беше хипотироидизам. Оваа состојба се појавува самата од себе кога тироидната жлезда престанува да ги создава есенцијалните стимулирачки хормони. Тироидата регулира различни процеси во телото и помага во метаболизмот, функционирањето на срцето, функционирањето на мускулите и дигестивниот систем, па дури и во развојот на мозокот и коските. Кога не функционира соодветно, се чувствуваш комплетно како зомби. Ужасно е. Но, лекувањето е најчесто едноставно и може веднаш да започне.

Колин се чувствувала подобро неколку недели по започнувањето со терапијата. Килограмите започнале да се намалуваат, како и отеченоста, па таа повторно започнала да личи на себе. За TSH и T4 да се вратат во нормала биле потребни неколку месеци. Со текот на времето, дозата на лекарства кои ги земала Колин се намалила, но терапијата продолжува до крајот на животот.

Сепак, таа е благодарна што сопругот ја натера да побара лекарска помош.

„Знаев дека симптомите ми се реални. Но, не си верував себеси и не го слушав моето тело. Ако имате чувство дека нешто не е во ред, значи веројатно не е. Никогаш не си дозволувајте да не се грижите за себе“ – порачува таа.

Анкета

Анкета
Кога би можеле да изберете со која вакцина за заштита од КОВИД-19 да се вакцинирате, дали тоа би влијаело на вашата одлука за имунизација?
  • 33%
  • 8%
  • 59%
Се испраќа...

(Вкупно: 732 гласа)

Цитат

Животот секогаш ти нуди втора шанса. Таа се нарекува УТРЕ.

Дилан Томас

Виц

Женскиот проблем „немам што да облечам“ е во изумирање во време на пандемија.

Сега се појави „имам што да облечам, но нема каде да го носам“.