Софија е вистинска суперхероина.
На само 3-годишна возраст, таа ја извојува најголемата битка. По месеци исполнети со храброст, солзи, нежност и неизмерна сила, пред еден месец Софи извојува победа која ќе се памети.
Облечена во костим, со притаен блесок во очите и поддршка од својата мајка Кристина, малото девојче со гордост го заѕвони ѕвончето на Детската клиника во Скопје, симболично најавувајќи крај на своето лекување и нов почеток исполнет со живот, игра и светлина.

Кристина за Femina.mk се присети на моќниот момент:
Пред еден месец Софија симболично чукна на ѕвончето како знак на победа над леукемија, малку срамежливо и со моја помош бидејќи немаше предолго време контакт со толку голема група на луѓе, но звукот на ѕвончето предизвикува силни емоции во тој момент.
Видео:
Смелата мајка раскажа како случајно ја откриле болеста:
Борбата на Софија со леукемија започна во септември минатата година, тогаш имаше 2 и пол години. Сосема случајно, бидејќи имаше висока температура, ја однесовме на контролна крвна слика, мислејќи дека е настинка или вироза, при што имаше доста високи леукоцити.
Наредниот ден отидовме на Детска клиника повторно на проверка и таму имаше уште повисоки леукоцити, па веднаш нè хоспитализираа и со дополнителни анализи за два дена ни беше соопштена дијагнозата. Лекувањето траеше 9 месеци од кои поголемиот дел беа на хемато-онколошкиот оддел на Детска клиника, каде што бевме изолирани јас и Софија и не беа дозволени посети поради опасност од инфекции и намален имунитет. Имавме и кратки паузи дома, но сепак во изолација и намалени контакти.




Кристина вели дека најтешки биле деновите кога морале да ги жртвуваат семејните прослави и големите празници, односно моменти кога сè што посакувале било да бидат заедно со најблиските.
Најтешки моменти во тек на лекувањето, покрај тоа што хемотерапијата има многу несакани ефекти после секоја примена терапија, беа и деновите кога пропуштивме родендени на најблиските и празници и прослави каде семејството треба да е заедно. Но, морам да се заблагодарам на целиот персонал на Детска клиника кои правеа сè да заборавиме на моменти каде се наоѓаме, за тимот доктори кои го водат хемато-онколошкиот оддел кои се престручни и пред сè сочувствуваат со децата и мајките кои се борат.




Гледајќи ги пожртвуваните мајки на Детска клиника, Кристина констатира дека „нема појака мајка од мајка на дете кое прима хемотерапии“ и на сите кои се во иста ситуација им порачува да останат истрајни и упорни:
Мојата суперхеројка успеа и го победи канцерот и отсега, па натаму, со Божја помош ѝ посакувам само да има безгрижно детство. По Софија ѕвончето го чукнаа уште неколку наши другарчиња и искрено се надевам дека сите дечиња на хемато-онколошкиот оддел ќе си имаат свој ваков момент и да нема повеќе нови случаи. На мајките што остануваат само сакам да им порачам да бидат храбри, истрајни и упорни и да не губат верба во Бога. Енергијата на мајката помага на детето да биде уште похрабро, а верувам дека нема појака мајка од мајка на дете кое прима хемотерапии.





