Братот на Кетрин и Пипа Мидлтон се отвори за менталните болести: Депресијата е рак на умот
Почетна » Новости » Животни стории » Братот на Кетрин и Пипа Мидлтон се отвори за менталните болести: Депресијата е рак на умот

Братот на Кетрин и Пипа Мидлтон се отвори за менталните болести: Депресијата е рак на умот

Џејмс Мидлтон се отвори за борбата со депресијата и ја нарече „рак на умот“.

Во отворено писмо за Daily Mail, 31-годишнот брат на војвотката Кетрин и Пипа Мидлтон, зборуваше за долгото страдање во самотија, за анксиозноста, за дислексијата и за Синдромот на недостаток на внимание и хиперактивност (АДХД).

Џејмс Мидлтон

Една од причините поради кои тој одлучил јавно да ги признае своите ментални проблеми е за да им помогне на принцот Вилијам, војвотката Кетрин и принцот Хари во нивните заложби за подигнување на свеста за менталното здравје.

Еве дел од неговиот текст:

Џејмс Мидлтон

Секоја вечер сонот бегаше од мене. Какофонија од измислени звуци одѕвонуваше во мојата глава. Чувствував како десет различни радиостаници да се натпреваруваат за емитување. Во текот на денот, ќе се одвлечкав и ќе одев на работа, а потоа само ќе зјапав во екранот од компјутерот, посакувајќи часовите побрзо да поминат за да си одам дома. Не можев да одговорам ниту на наједноставните пораки, па не го отворав мејлот.

Не можев да комуницирам, ниту со оние кои најмногу ги сакам – моето семејство и најблиските пријатели.

Сите бои и емоции се исцедија од мојот свет и сè стана сиво и монотоно.

Знам дека сум благословен со богатство и дека живеам привилегиран живот. Но, тоа не ме прави имун на депресија. Непријатно е да се опишува таа состојба. Тоа не е само тага. Тоа е болест, рак на умот.

Тоа не е чувство, туку отсуство на чувства. Постоиш без цел или насока. Не можев да почувствувам радост, возбуда или исчекување... Не размислував на самоубиство, но не сакав ниту да живеам во состојбата на умот во која што бев.

Се чувствував и неразбрано, како вистински неуспех. Не би му го посакал чувството на очај и безвредност, изолацијата и осаменоста, ниту на мојот најлош непријател. Се чувствував како да полудувам.

Пред нешто повеќе од една година, во декември 2017, откако поминав низ 12 месеци прогресивно влошување на моето ментално здравје, ги спакував моите кучиња во автомобилот и без да кажам некому каде одам, отпатував во див предел кој го обожавав уште од мал.

Во неколкуте претходни денови, конечно се соочив со фактот дека не можам да издржам повеќе, дека не сум добро и дека очајно ми е потребна помош. Ова признание ми донесе некаков вид на смиреност: Знаев дека ако прифатам помош, ќе има надеж. Тоа беше мала искра во темнината.

Депресијата е само мал дел од комплексниот мозаик кој што сум јас. Уште од дете, знаев дека имам тешка дислексија – и буквите и бројките сè уште ми скокаат и се заматуваат на страницата пред мене и во некои денови имам проблеми да ги спелувам дури и наједноставните зборови.

Но, само пред една година ми беше дијагностициран Синдром на недостаток на внимание и хиперактивност (АДХД) и одеднаш сите слабости во мојот катактер започнаа да имаат смисла...

Тоа е причината што ми е тешко да се фокусирам, зошто мојот ум патува во екстравагантни фантазии, зошто едноставните задачи како местење на креветот ми изгледаат толку големи како пополнување документи за повраток на данок.

АДХД објаснува и други нешта: јас сум неспокоен, енергичен и импулсивен, започнувам задачи и не можам да ги завршам, некогаш делувам нетрпеливо и не слушам затоа што умот ми одлетува...

Но, сега започнувам да воведувам ред во мојот живот. Секој ден, составувам листа од 10 нешта кои сакам да ги направам. Ако знам дека навистина морам да се концентрирам на некоја задача, можеби ќе земам лекарство препишано од мојот доктор за да ги контролирам моите симптоми.

Ова исто така го објаснува и моето минато.

Од мал, бев љубопитен да ги расклопувам нештата и повторно да ги склопувам... Но, кога ќе ме повикаа да читам наглас од книга пред целото одделение, буквите ми скокаа наоколу, формирав чудни зборови и читав различна приказна од сите останати. Бев преплашен да не бидам исмејуван и засрамен што читав многу бавно.

Исто така, започнав да чувствувам притисок дека не бев способен правилно да пишувам. Зборовите ми станаа неразбирливи чкртаници, бидејќи не знаев како да ги спелувам (најчесто и сега не знам).

Најголемиот дел од 2017 година ми помина како во магла. Едвај функционирав, престанав да разговарам со моите пријатели... Но, постојано се убедував себеси дека сум добро. За сè го обвинував стресот на работа. Во меѓувреме, моето семејство беше премногу загрижено, но не можеше да ја скрши бариерата на моето молчење.

Сакав да лежам во кревет по цел ден и само силната анксиозност, која беше како некој да ми се дере во лице, ме поттикнуваше да станам наутро.

На крајот од таа година, по месеци непреспани ноќи, анксиозност и инерција, сфатив дека морам да се консултирам со мојот доктор... Откако еднаш ја разбрав мојата состојаба, сè си дојде на свое место и имаше смисла.

Се чувствувам должен да зборувам, за да можам да им помогнам на други кои страдаат како што страдав јас.

Ако можам да ве оставам со само една мисла, таа би била: „ОК е да не бидеш ОК“. Ова е мантрата која ми даде сила за да зборувам.

Џејмс Мидлтон Џејмс Мидлтон

Анкета

Анкета
Каде ќе одите/бевте на одмор ова лето?
  • 25%
  • 6%
  • 5%
  • 6%
  • 3%
  • 3%
  • 11%
  • 12%
  • 27%
Се испраќа...

(Вкупно: 5997 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?