Д-р Филип Станковиќ – млад научник од Македонија кој го менува светот на тутунска индустрија
Почетна » Новости » Актуелно » Д-р Филип Станковиќ – млад научник од Македонија кој го менува светот на тутунска индустрија

Д-р Филип Станковиќ – млад научник од Македонија кој го менува светот на тутунска индустрија

Горд на својата работа, исполнет во меѓународната компанија каде работи, Македонецот Филип Станковиќ раскажува како е да се работи во интернационална средина и да успееш во група со 400 научници кои го менуваат секојдневието на тутунската индустрија. Како младиот инженер чиј сон бил да го спаси светот од глобално затоплување, сега работи на иновации на тутунските производи.

Филип Станковиќ

1. Интересен е податокот дека како Македонец сте помеѓу 400те научници кои работат за унапредување на тутунската индустрија во поглед на истражување и развој на иновативни бездимни производи. Како се случи тоа?

Јас сум скопско дете. Завршив основно училиште во „Браќа Рибар“, денешно „Димитар Миладинов“, потоа средно во Корчагин, па Машински Факултет во Скопје. По мојата двегодишна работа во приватниот сектор успеав да ја добијам престижната Fulbright Science & Technology стипендија за докторски студии во Соединетите Американски Држави. Тогаш имав младешки занес да го менувам светот и да го спасам од глобално затоплување со развој и дизајнирање на биогориво. На Универзитетот Washington State имав извонредни можности за експериментирање и учење, речиси неограничена слобода и средства за работа и од машински инженер докторирав како аналитички хемичар, хемиски инженер и експерт за пиролиза и аеросоли. Токму тоа беше врската со Филип Морис. Првиот неочекуван контакт беше преку LinkedIn. Не сум пушач, немав чуено за IQOS, ниту за сите иновации во тутунската индустрија во последните 10 години и се разбира пристапив со сите можни предрасуди кон ова и проследени со типични прашања од типот: Зарем не е се сведено на продажба во тутунската индустрија и оптимизација на процесите? Каков развој воопшто би можело да има таму? Колку е етички да се работи за една таква индустрија? Како тоа јас како истражувач на биогорива и аеросоли се вклопувам во приказната? Следеше мало истражување и дискусија со мојот сегашен претпоставен, после што ми стана потполно јасна исправноста на идејата за развој на иновативни производи кои би биле подобра алтернатива за оние возрасни пушачи кои не сакаат да се откажат од оваа навика. Клучот да се влезе во оваа приказна беше мојата експертиза за аеросоли.

На лично ниво, секогаш сум настојувал да ги убедам моите родители и пријателите да ги откажат цигарите, чадот од цигари се уште ми смета и не ја разбирам поентата на зачадени кафулиња и работни простории. Она што ме прави среќен е тоа дека денеска постои алтернатива и јас активно работам заедно со колегите на остварувањето на визијата за свет без чад од цигари.

2. На што конкретно си вклучен, како изгледа еден твој работен ден?

Обожавам предизвици, а особено во област, на која се уште се гледа непотребно со многу скептицизам и предрасуди и во индустрија чии напори за промена се секојдневно напаѓани и дискредитирани. Тоа значи дека работам со постојано чувство на огромна одговорност и сериозност. И оттука доаѓа адреналинот и желбата да им покажеме на скептиците но и на јавноста дека иновациите се можни секаде, па и во тутунската индустрија. Во новата ера на тутунската индустрија, Филип Морис е лидер и ние влегуваме со полна транспарентност во истражувањата за перформансот на нашите производи, отвореност за соработка со сите научни институции и приемчивост за совети за подобрување. Јас сум дел од тимот научници кој е задолжен за намалување на емисијата на штетни материи од нашите нови производи. Моја задача е да ја проучувам взаемната поврзаност на повеќе фактори како што е составот на супстратот (тутунот), температурата на загревање, конструкцијата на стиковите и параметрите на уредот за загревање и да го разберам нивниот ефектот на квантитетот на штетни материи во аеросолот. Моја крајна цел е изнаоѓање начини оваа емисија да се намали. Ова на дневна основа значи дизајнирање експерименти, организирање на работата во лабораториите околу овие проекти и надгледување на експериментите, анализирање на податоци, пишување научни извештаи и соработка на научни студии, како и консултација на дизајнерите на нови производи. Сето ова вклучува доста аналитичка хемија, термохемија, физика, механика и понекогаш инженерство.

Филип Станковиќ

3. Како е да се работи во меѓународна компанија, дали успеа да се прилагодиш на динамиката на работата?

Уживам во интеракцијата со доктори, научници од најразлични земји и култури и во прилагодувањето на нивниот стил на комуникација. Секој донесува со себе куфер полн со вредности, вештини, мудрости, карактеристики, стереотипи и предрасуди од земјата во која што израснал, но на крајот од денот, најефективните научни, инженерски и бизнис решенија, како и универзалните човечки вредности испливуваат на површина во една меѓународна компанија и средина. Речиси 10 години сум дел од таа интернационална приказна, преку праксата во Германија, краткиот престој во Словенија и докторските студии во Америка и за мене денеска таа е многу поприродна отколку една национално обоена средина. Се разбира, Македонците се многу вредни, снаодливи, брзо ги прифаќаат новите правила на игра и лесно се претопуваат во секоја нова средината. Токму поради таквите свои карактеристики се високо ценети.

Овде секој ден е динамичен. Не може да се објасни како е да имаш беспрекорна комуникација со колеги, фантастичен простор за развој и работа, најсовремени истражувачки инструменти и средства за истражување. Секој ден е борба со нови технички и научни предизвици, и со кратки рокови за испорака на решенија. Околу мене се наоѓа меѓународен тим од исклучителни инженери и научници кои се секогаш спремни за соработка, исклучително позитивни и отворени за нови идеи и така заедно лесно ги совладуваме предизвиците. Речиси секој работен ден во Cubе-от се раѓа по една идеја вредна за патентирање. Постојат и други задоволства да се биде во Нојшател, Швајцарија, а тоа се канцеларии и лаборатории со поглед на Алпите, врвен ресторан за храна кој секоја недела не' води низ кулинарско патешествие околу светот, тераса лоцирана на самиот брег на Нојшателското езеро со infinity pool. Едноставно кажано, постојат сите услови кои прават стимул на истражувањето и пронаоѓањето нови и нови идеи.

4. Каде ја гледаш иднината на тутунската индустрија?

Иновација, транспарентност и отвореност за соработка! Долго време тутунската индустрија немаше мотив за промени, но денешниот свет кој тежнее кон повисок квалитет на живот ја принуди да размислува и вложува во алтернативни производи со цел да се избегне согорувањето на тутунот и чадот како основен извор на заболувањата предизвикани од пушењето. Во истражувањата се вклучени научници од најразлични профили, а податоците се јавно достапни од токсиколошките и клиничките истражувања, се со цел да се оформи подлога за подобро разбирање на овие производи. Компанијата за која работам е една од најиновативните компании со постојано растечко портфолио на патенти, отворена е кон споделување сознанијата од своите истражувања, ги кани сите научници да се придружат во дебатата и напорите за намалување на ризикот од пушењето и цврсто верува и вложува во новиот свет кој го гради. А тоа е неминовно свет без чад од цигари.

Филип Станковиќ

5. Што сакаш да правиш во слободно време?

Секоја година имам различен предизвик и хоби. Таргет за оваа година e добивање дозвола за пловење со едрилица во Швајцарија, а догодина се надевам да бидам дел од компанискиот тим на Bol D'or Mirabaud, светски најпознатата регата на затворени води која се одржува секоја година на Женевското Езеро. Се релаксирам со добри подкасти, документарци и филмови, а со сопругата ја користиме секоја прилика да ги истражиме убавините на Швајцарија, Јужна Франција и Италија.

6. Каква е вашата порака од младите научници од земјава?

Работете го она што го сакате или научете да го сакате она што го работите. Науката е трнлив пат кој бара многу жртви и одрекувања и не секогаш постои соодветна награда за вложениот труд. Меѓутоа тоа го гради и зајакнува карактерот. Политиката ја отежнува мобилноста, но науката не познава граници и доколку сте млад научник во Македонија, најбитен е вашиот фокус на развивање на својата мрежа соработници од странство, користете ги сите можности да посетувате конференции и вмрежување, најдете начин да отидете на повеќемесечни научно-истражувачки престои во најразвиените центри и основното, борете се за пристап до најновите публикации во вашата област. Доколку почнувате да размислувате за науката како професија, прво размислете која област е интересна за вас, во која област би сакале да бидете експерт и без да ве плаќаат, второ, составете листа од придобивки кои вашиот труд и проширени знаења би му ја донеле на татковината и светот, и трето, најдете ментор кој е во врвот на областа од ваш интерес, имајте храброст да му пристапите, но и да ги спакувате куферите за нова авантура во Америка, Западна Европа, Скандинавија, Канада, Кина, Јапонија, Кореја, итн. Постојат голем број успешни професори и научници од Македонија во светските институции и претпоставувам на секој од нас би му било задоволство да помогне во остварувањето на амбициите и развојот на нашите млади научници. Меѓутоа, тоа никако не значи дека сакам да ги мотивирам младите да си одат од Македонија, туку да пробаат да стекнат знаење и ново искуство, во најпрестижните истражувачки центри во светот како би можеле тоа искуство да го пренесат назад во Македонија и да помогнат во развојот на науката и иновациите. Ова ќе придонесе за јакнење на врската меѓу иновациите и бизнисот во Македонија бидејќи тоа е клуч за успех на компаниите во 21ви век. Јас секако Ви стојам на располагање!

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 8694 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.