Лажи, лажам, лажи ме, гајле си немаме!
Почетна » Колумни » Чисто пријателски » Лажи, лажам, лажи ме, гајле си немаме!

Лажи, лажам, лажи ме, гајле си немаме!

Лага. Lie. Mentietur. Gënjeshtër. Allongez. Лежать. Во македонскиот јазик е именка од женски род, означува исказ што не е точен, не е вистинит или алтернативно, измама, намерно искривување на вистината. Иако нејзиниот род е ист со оној на Ева, која што прва го скина јаболкото и го загриза, по совет на змијата (која ја дели истата судбина ко лагата, од ист род се) сепак, ние како жени не поседуваме ексклузивно право на оваа практика за која сè уште не можам да решам дали е најдобрата или најлошата работа што му се случила на човештвото откако Дарвин декларираше дека потекнуваме од мајмуните.

Лажга

Сите лажеме, намерно или со предумисла, наивно и подло, нема исклучоци. Слатко сме склупчени во мрежата на создавање настани и идеи пред сите кои се волни да не слушаат, не затоа што сме лоши луѓе, туку затоа што така нè научиле, искуството, родителите, пријателите и партнерите. Лажеме дека ќе дојдеме на време, иако редовно доцниме, дека ни се допаѓаат неговите/нејзините пријатели, местото, ручекот, идејата, дека сме се вратиле во 12 кога всушност сме си дошле утрото, и сите овие прекрасно спакувани подароци се оние, бели лаги. За црните одбирам да не пишувам, затоа што ќе треба да се определува фактичка ситуација во судска постапка.

Чуваме тајни кои секогаш ги раскажуваме, некој на хартија, некој на кафе, се колнеме во ствари кои никогаш не се случиле, а негираме настани коишто ни се врежале во меморијата како лузни од стакло. Но, во природата на човекот е да ги заштити оние што ги сака, ако сме благородно расположени, да се заштити себе.

Една од моите омилени песни е „Come Undone“ од Robbie Williams и таму во таа моја прекрасна песна, има еден стих, совршено напишан за засекогаш да ја разјасни мистеријата околу лажењето, тој совршен порок без кој сите останати би биле невозможни: „If I stop lying, I'll just disappoint you“. Наивно сакам да верувам дека тоа е ултимативната инспирација позади секоја лага, причината поради која сите сакаме да бидеме подобри, поубави, попаметни и за нијанса поинтересни од сите останати, скоро уникатни.

Тоа е како прашањето „Како си?“ колку ти е добро или лошо во сопствената кожа. Иако најголем дел од нив навистина не ги интересира како се чувствувате, ооо не, всушност потајно се надеваат дека нивното присуство прави да бидете добри, а ако ви е лошо, бар ним им е подобро.

Сепак, на крајот од сите денови, не само овој, лажењето на сам себе е убедливо најопасно, затоа што никој друг не живее со вашата рационализација и емоционална потреба, никој не кохабитира со вашиот ум и фантазија. Сè додека другите им веруваат на вашите и моите лаги, сте и сме безбедни, станува страшно кога ќе почнеме ние да си веруваме. Зар постои поголема трагедија од свесно лажење на себе си?

Автор: Виолета Бојковска
Авторката е девојка што станува сабајле во 7. Или во 1 попладне. Таа е една фина, нежна романтична душа што бара Љубов. Или некој на којшто ќе му го искине срцето. Секогаш пожртвувана другарка што ги цени блиските. Или ултра хедонист без обѕир за никој. Се радува на убавините на светот. Или се привикнува на монотонијата на животот. Не ѝ замерувајте, Близнаци е во хороскоп.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 5873 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.