Мамо, јас сум геј!
Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Мамо, јас сум геј!
Мирисање оригами

Мамо, јас сум геј!

Човекот учи додека е жив. Односно, сè се движи, сè се менува. Барем тоа се тие познати и излитени фрази кои упорно се обидуваат да ме убедат дека секојдневното повторување на едните исти изрази е мајка на знаењето.

Отсекогаш сум сметала дека децата се огледало на своите родители. Со незначителни мали отскочни нијанси, јас се сметам за слика и прилика на моите создавачи.

Кога станува збор за тоа специфично прашање околу хомосексуалноста, мајка ми секогаш велеше – „Не ми пречат, сè додека не се во мојот двор. А под мојот двор, ја подразбирам мојата држава“.

Не ја обвинувам. Таа има свое мислење. Не е воопшто лоша личност, агресивна, ниту насилна, едноставно е искрена. И сметам дека тоа е за почит.

Тоа што можам да го изјавам за себе е дека долго време потсвесно бев под нивно влијание. Всушност, поделена во мислењата во врска со темата наречена хомосексуалност. Ова е една од оние деликатни теми на кои не можев да се одлучам, затоа што – колку имав аргументи за, толку имав и против.

Хомосексуалност

Апсолутно се согласувам дека секој има право на сопствен избор. На љубов, на поддршка и разбирање. На среќа. И цврсто стојам позади мислењето дека пар хомосексуалци сигурно би биле повредни, повнимателни и попожртвувани родители на едно мило детенце, од половина хетеросексуални парови кои ги познавам. Но, не сакав да замислам што би било, ако дознам дека моето дете има хомосексуална ориентација. Знам, звучи сурово и грубо, но за мене, водењето љубов првенствено подразбира интимен акт помеѓу маж и жена и не верувам дека може да биде посовршено од тоа.

Признавав дека нема да ми е сеедно ако ќерка ми донесе девојка дома или син ми – дечко. Самата помисла на некој толку близок и свој да има хомосексуална ориентација ме поразуваше.

И жал ми е што се чувствував така.

Не ме гнаси, едноставно – ме болеше бре.

Не сакате да видите внуци? Не сакате да играте на свадбата на вашите деца?

Огорчениот метален вкус на оваа реалност ме удираше тапо по главата додека истовремено размислував како овие индивидуи треба да бидат подготвени за вистински предизвик, знаејќи во какво затворено општество живуркаме денес, полно предрасуди и осуда.

И помислувам – како би се бореле за сопствените права, ако домашните не ги поддржуваат, онака искрено и од срце? Таквата битка, според мене е однапред загубена.

Како јас да истапам со поддршка на геј парада, кога не верувам во таков тип на заедница?

Некогаш одамна сумирав – не, не ми пречат. Нека си се љубат, нека си живеат. Имам и пријатели и познаници хомосексуалци и се прекрасни луѓе... ама сè додека не се дел од мојата потесна фамилија или блиски луѓе што многу ми значат.

Не е исто рандом колега да ви рече – јас сум педер и синот да ви го каже истото, зарем не?

Бидете искрени и кажете – нема ли да ве здоболи, барем малку?

Нема ли?

И верувале или не, моите мислења доживеаја тектонско поместување од сосема непозната личност. Се сеќавам дека таа ми одговори дека воопшто не гледа, ниту чувствува потреба да се става во центарот на нештата.

МОЈАТА потреба да играм на свадба, МОЈАТА потреба да дочекам внуци, МОЈАТА, МОЈАТА, МОЈАТА.

Зарем родителската љубов не треба да биде чиста, искрена и безрезервна?

Зарем нема да го сакате своето чедо, макар ги дознале сите „гнасотии“ кои плетат мрежа околу неговото битисување?

Зарем во моментот кога сопственото дете ќе ти ја соопшти вистината за себе, постои простор да се мисли како тоа ние го доживуваме, наместо зрак надеж, поддршка, совет и безрезервна љубов?

Таа мудра личност одговори дека вистински ќе ја боли доколку тој живее во болка, вечна лага и окови наметнати од некој лажен морал, наметнат од општеството. Дека повеќе ќе боли доколку легнува несреќен до лице кон кое не чувствува никакви сексуални нагони, ниту љубов. Доколку пати поради туѓата ограниченост и неспособност да го прифатат таков каков што е.

Ѝ благодарам на оваа личност.

Воопшто не ја познавам, но ја промени мојата перцепција на нештата засекогаш.

Заради ваквите луѓе и ваквите размислувања, еволуираме во подобри личности одошто некогаш сме биле.

Во спротивно, засекогаш ќе останеме со цуцла в устата и лигавче на градите.

И јавно ја изјавувам мојата почит и поддршка кон храброста и слободата на избор.

Да се биде она што си, без маски и без страв.

Затоа што те сакаме токму онаков како што си, драг пријателе.

Те сакаме вљубен и насмеан и ѝ благодариме на личноста која ти предизвикува пеперутки во стомакот и ти развлекува насмевка.

Биди ни среќен и не плаши се.

Ние сме тука, без оглед на етикетите кои ти ги лепат.

Ти си повреден и полојален од многумина кои ги познавам.

Биди геј, биди црн, жолт, зелен или марсовец.

Важно е – да бидеш човек.

Да љубиш и да бидеш љубен.

Затоа што животот е твој, колку што е и мој.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 5875 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.