Како се отуѓивме?
Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Како се отуѓивме?
Мирисање оригами

Како се отуѓивме?

„Кога пораснав

престанав да очекувам чуда.

Сите мои самовили остареа

се здебелија и се пропија.

Дворот на дедо ми се смали

мајка ми заборави да ги готви

старските манџи.

Неосетно, се отуѓив

од дробецот на маалската

сентименталност.“

(„Житие на нашата љубов“ – Елизабета Баковска)

Не постојат подобри стихови кои поумешно ја отсликуваат денешната слика на реалноста.

Динамичен живот

Престанавме да очекуваме чуда. Самото сознание дека не постои Дедо Мраз, ниту добри самовили и светци ни ја отвори вратата кон студениот свет наречен реалност и ни мавна груба шлаканица, одземајќи ни ја можноста да сонуваме. Таму некаде се вметнаа одговорноста, сметките и кредитите, будење со петлите, ноќни вечеринки со бувовите, наведнати над книгите или работните задолженија.

Денеска за мене е чудо да доживеам мирен викенд непрекинат од службен повик, за студентот – живот во студентски дом со услови какви што заслужува, наместо преживување во тие стари и одвратни рушевини кои глумат грижлив дом и место за учење. За младиот брачен пар е вистинско чудо да си купи стан, за пензионерите некој да им отстапи место во преполн автобус. За сите подеднакво – да го истуркаме месецот со платата или пензијата без никаков проблем. Едноставно е. Престанавме да веруваме во чуда.

Сите наши самовили или хероини од детството навистина остареа, се здебелија или пропија. Станаа демоде, неинтересни и за потсмев. Го делиме воздухот со квази-ликови кои глумат џет-сет, а толпата великодушно им подарува внимание, воодушевувајќи се на нивниот простотилак, арогантност и кич. Сервираме нескриен восхит на изопачени вредности, губиме време на бизарни изјави од самопрокламирани старлети, небаре тоа е професијата на иднината. Децата растат со некои нови идоли, додека остатокот беспомошно ги крева рамениците на овој хаотичен вител на случувања. Најдобрата одбрана е дека – секое време носи свои промени, на кои не можеме да им влијаеме. Ги набљудувам дечињата кои ги пеат последните хитови на Северина и не можам да чувствувам ништо друго освен – искрено сожалување.

Мајките заборавија да ги готват старите манџи. Повеќе не е „ин“ да се готви. Кулинарството како вештина е можеби најпотценетиот квалитет во модерното време. Ма кој сака да мириса на запршки и кромид? Зарем вкусот на оние гумени готови кифлички е нешто поразличен од домашните? Кој има време за готвење денес? Кој сака да ја сквернави новата скапа кујна со ароматични вкусови и мириси од тенџерето? На крајот на краиштата, многу поевтино е да се јаде надвор, отколку да се готви дома.

Се загуби смислата на семејниот ручек, кога прво сме спречени да се прибереме сите во догледно време околу масата. Додека се собереме, дошло време за вечера.

Ова лудо време ни ги одзеде оние мали хедонистички задоволства, во кои мојот народ сака да ужива, лезетско мезе и долг, опуштен ручек со семејството.

Поголемиот дел денес завршуваат со оброк „од нога“, парче пица или готова храна готвена од нечии туѓи прсти.

Неосетно, се отуѓивме од дробецот на маалската сентименталност.

Навистина се отуѓивме. Робови сме им на паметните телефони, на кои им посветуваме повеќе време, отколку самите меѓу себе. Кога конечно ќе најдеме малку време за кафе-дружба, не ги одлепуваме очите од екраните, секој задлабочен во виртуелниот свет, додека пријателот седи веднаш до нас. Очигледно полесно е да му пишеш, отколку да си направите два-три реда искрен муабет, очи в очи.

Секнаа обичните дружби, бидејќи немаме доволно време за такви излети. Обврските, работата и стресот нè гушат и оддалечуваат. Трката за преживување нè изобличи, претворајќи нè во напнати, агресивни и бескрајно тажни луѓе. Или немаме време, или немаме пари. Во најголем дел од времето – проблем се и двете работи.

Не можеме да искажеме најобична емоција, без некој да ни ја поистовети со слабост. Рамнодушни сме на туѓата несреќа и кришум благодарни што не е наша сопствена мизерија.

Никогаш не сме биле во поголема мешаница од народ, а толку осамени.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9770 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.