Исповеди од стомакот
Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Исповеди од стомакот
Мирисање оригами

Исповеди од стомакот

Алчниот апетит ми е непријател број 1 откако паметам за себе. Тие праисториски времиња кога трчале со млекото или лепчето в рака по мене, со цел да ме натераат да јадам, па сме играле авионче (фиу фиу) – „отвори ја устата да каснеш макар залче“, со молби, закани и по некоја воспитна по задникот, мислам дека се плод на фантазијата на моите прекрасни родители. Самите себеси сакаат да се убедат дека постоеле тие неколку месеци, во кои гурманството и убавата храна не ми биле причина со радост да станам од креветот.

Рамен стомак

Во „добрите“ денови понекогаш ми успеваше да изедам и по 3000-4000 калории дневно. Бесрамно буткав секакви мали чоколатца (не дека ми беа многу вкусни, туку заради шарените обвивки, ги колекционирав за во албум), и ако изборот требаше да падне помеѓу – пица, тост или скара, јас ги бирав сите три. Без дискриминација молам.

На пирамидата за степенување на многу-повеќе-најмногу, јас тогаш стоев на врвот и развејував црвено знаменце, задишано, со образи кои пукаат и холестерол на кој би ми позавидел и сумо борач.

На јадачкото лудило му доаѓа некогаш крајот.

Стојам исправена пред полиците во супермаркетот и грижливо ја вртам задната страна на производот. Се внесувам во калориската табличка како филолог во дешифрирање санскрит.

„Аууу, 5 гр. јаглени хидрати во 100 грама? Ц ц, многу бре“.

„Не, благодарам, не јадам паштети, многу се нездрави“.

„Не знам како можете толку да сркате Нутела, кога медот е 100 пати поубав“.

Да би ме видел некој од страна, би ме помешал со гуру за здрава исхрана и живот.

Ја полнам кошничката со здрави продукти. Во салатата додавам исклучиво маслиново масло. Си го џвакам вареното пилешко со уживање и пробувам да ги убедам и другите дека - навистина е многу вкусно.

На излегување, додека сите се налеваат со пиво, винце или коктели, јас културно си наздравувам со минерална вода или кока кола лајт.

Додека сите лакомо голтаат лесковачка плескавица, јас си бројам ѕвезди. Или посегнувам по житна плочка од чантата и си ја зобам со сласт.

Умна сум и послушна. Чипсот го заменувам со непечени бадеми, чоколадото со печена тиква.

Стомакот полека ми се повлекува, ноџенцата ми стануваат грисини.

Одеднаш, ме фаќа паника.

„Леле, каде ми оди телото во кое толку долго инвестирав“?

Баба ми, уплашена: „Срце на баба, ќе ти заслабне крвта. Јади тука, не будали се“.

Серијата на јадачките денови се враќа како заразна болест. Ме опседнува и се пресметувам што не сум јадела во изминатите неколку недели. Окото ми е ненаситно, а стомакот празен, сакам да пробам буквално сè и сакам веднаш!

Си легнувам со грижа на совест и се прекорувам. Ако треба да се поистоветам со некој предмет во моментот, тоа веројатно би бил тапанот на кој го удираат тактот на Тешкото.

Срам да ми е!

Перо-ждеро!

Готово, од утре вртам нов лист. Не, чекај, утре сум на роденден. Ќе има кифлички, пилешка салата, алкохол и торта. Тогаш од задутре, решен проблем. Не, задутре сум на мекици, на другарка ми ѝ се роди внукичка.

Ајде ако не, од понеделник.

До понеделникот некој стар дедичко го напуштил овој тмурен свет. И на последниот поздрав има трпеза. И таму се јаде. Боже мили, каде да се скријам од храната?

Последниве неколку месеци го тренирам мојот челичен ум и тело да одолеат на сета прекрасна храна која ја нуди мојата земја. На пригоди и свечености од секаков тип – родендени, кршевки, веридби, свадби, матурски, дипломски, тортијади, петочно кафеанче, саботно меанче, се до обично кафе кое започнува навидум безопасно, а завршува со ванилици. Или лесно мезе со ракиичка (лесното е мошне дискутабилно).

А кој рече дека пршутата исечена тенко колку лист хартија не е лесно мезе? Арам да му е!

Апетитот го замислувам како мало лошо човече, кое го врзувам со лисици, го камшикувам бесно, па го полевам со вода и му давам само марули.

Последните минутки од денот, пред да настапи сонот, десетпати си ја повторувам фамозната изјава на Кејт Мос, како некоја волшебна мантра за слабеење: „Nothing tastes as good as skinny feels“.

Не верувам дека таа гуска некогаш пробала топло чијабата лепче со домашен ајвар и биено сиренце или чизкејк со слатко од капини, сарма со блитва или пастрмајлија со свинско. Ниту лизнала боза, ниту пак некогаш го почестила тоа напатено стомаче-радијатор со баклава.

p.s. Понеделник е. Од денес сум на диета. ;)

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 5873 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.