Емоционални крвопии
Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Емоционални крвопии
Мирисање оригами

Емоционални крвопии

Не поднесувам тмурни, негативни, намќоресто-депресивни суштества. Сфаќам дека со тек на времето прагот на толеранција сè повеќе ми се скусува за ваквите гости, додека не останат само распарталени конци од тоа мало чергиче за добре дојде на ваквите во мојот свет.

Сфаќам – ситуација, период, тешко, жешко, ама да се мешколиш постојано и секаде, фабричката маана мора да е во тебе, а не во мама, тато, бато, градот, Балканот, светот или Универзумот.

Негативна жена

Всушност, ги мразам луѓето кои ми велат – еј, што ти е убаво и лесно тебе, ма ти не знаеш...

Што треба да знам?

Дека не дозволувам психички да потклекнам, дека од петни жили загризувам од црвливото јаболко наречено живот, дека со десетици одбранбени механизми се обидувам да се одржам во рамнотежа... знам.

Сè ми е јасно, одлуката да не плачам и да не цмиздрам пред народ е моја и само моја.

Баба ми отсекогаш велела исплачи се сама, помеѓу 4 ѕида и излези со насмевка надвор.

Не дозволувај луѓето да те гледаат со поглед полн сожалување.

Признавам дека ме труе сета негативност и апатија и го мразам фактот што кога ќе се обидеш да им влееш малку надеж и оптимизам на таквите, и тогаш те гледаат некако накриво, како ништо да не разбираш, како да си се шлакнала од умот, божем катаден си заштитена под стаклено ѕвоно и те ладат со розов пердув, додека безгрижно голташ мафини со крем...

Кому денеска му е лесно, ајде нека крене 2 прста.

Како стареам, така имам сè помалку енергија за негативни и скиселени лица.

Тоа им го порачувам на сите – ценете се повеќе. Не дозволувајте да бидете сунѓер чија задача е постојано да впива нечии фрустрации и нервози или случајно да ве мешаат со бришалката пред врата, па кој како стигне да ве јавнува, а вие вечно да сте одговор и разонода на туѓите дилеми, трилеми и хистерии.

Порано многу ми ласкаше кога луѓето ми велеа дека им е пријатно во моето друштво и дека ги расположувам, па често си одат дома со насмевка на лицето, сè додека не се запрашав – што сум јас, дежурен палјачо, драга Саветка за решавање вечно туѓи маки?

И како јас си одам дома после тој кафе-муабет, освен што сум преморена, и тотално психички исцрпена, носејќи на ум туѓи маки и проблеми, ко малку да ми се моите сопствени?

Ми треба позитивна енергија. Всушност, без неа се сомневам дека би преживеала. Ја поседувам во неисцрпни резерви за подарување, но очекувам да ми биде возвратена.

Сакам дружбата да биде уживање, а не едниот вечно да биде унесреќен и тмурен, а другиот – оној кој ќе поткрева морал и ќе конзервира доза оптимизам за црни денови, за сите. Им се воодушевувам на сите насмеани луѓе и покрај проблемите кои се обидуваат да ги прегазат, оние кои оддаваат широк дух и лелеавост во одразот на огледалото.

Нормално дека сите сме луѓе и секому му се случува тмурен период или блага депресија, но кога ваквите периоди се злоупотребуваат и започнуваат да се однесуваат како пијавици, сфаќам дека за овој тип на луѓе, не постои празен простор во телефонскиот именик.

А лесно ќе ги препознаете. Тоа се оние мизерни и вечно незадоволни луѓе, и покрај отсуството на реални причини за нивната несреќа. Тие се хранат со константно ширење лоши вести, жалби и поплаки. Оние кои кришум шетаат со лупа во џебот, премерувајќи ја туѓата несреќа, со зрак надеж дека е поголема од нивната сопствена, па задоволно и со олеснување може да го продолжат денот.

Со колку емоционални крвопии си имате работа денес?

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 5873 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.