Љубов само во мечтите!
Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Љубов само во мечтите!
Ловец на приказни

Љубов само во мечтите!

Движејќи се по улицата, поминував покрај кафуле од кое се слушаше Цезарија Евора и песната Sodade (Носталгија). Подзастанав малку, секогаш ми буди емоции тој нејзин глас. Таа пее како за целиот универзум, како нејзината душа да ги научила сите космички ноти. Морници ме лазат! Некои луѓе никогаш не умираат.

Опиена од волшебниот глас на Цезарија чекорев по улицата додека пред мене не излезе тој, поточно се разминавме, тој иташе некако забрзано. Веднаш го познав дека е тој, ми беше глупаво да го погледнам во очи, само го одминав, а по неколку секунди не издржав, се свртив за да го видам, макар и во грбот. Го гледав како се движи, нo за еден миг и тој се сврти. Се насмеа, ме фати „жива“ со искривен врат, нема преправање, знае, виде дека го гледав. Па што, нека знае, си реков, не ми е гајле.

Љубов во мечтите

Не знам дали ме позна. Кој знае што прави во животот, дали е женет, дали има деца? Некогаш кога среќавам луѓе по улица си размислувам какви се, по одредени гестови или по стилот на облекување кој многу знае да каже за човекот. Им ги забележувам рацете и гестовите што ги прават со нив. Нагаѓам кој за што би се интересирал. Кој чита книги, кој е конзервативен, а кој е со отворен ум. А човеков за кого ви раскажувам ми беше симпатија, ама многу одамна. Кога имав 13 години ме штипна по образ од милост и се сеќавам дека тогаш тотално се збунив. Многу се усрамив, иако не покажував. Глумев „голема девојка“, како тоа да е нормално. Кој знае како сум изгледала, трагикомично!

Тогаш беше многу атрактивен, имаше долга коса до вратот која ја префрлуваше многу интересно со прстите. Секако јас бев мала за него, тој се интересираше за поголеми девојки. Но од тоа штипнување, од тој допир по моето лице, јас бев фасцинирана од него. Тој за мене беше нешто возвишено, недостижно. Тој беше во моите мечти, се разбира на детски начин, никогаш телесно. Во мислите разговаравме, фантазирав дека ми носи цвеќиња на прозор, или дека ненадејно ќе ми чукне на прозорецот да ми каже дека мисли на мене.

Еднаш вистински влета на една новогодишна забава. Паметам дека кога го видов, срцето ми чукаше триста на саат. Се доближуваше кон мене, знам дека ја згазив другарка ми од возбуда. Се распаметив, зедов погрешна пијачка. Се доближи и ми рече: „Еј, здраво, Среќна нова.“ Се однесуваше како да ме познава и името ми го знаеше. Момчето од моите фантазии беше пред мене, ми го изговори името, а јас бев нема, не зборував ама во главата ми се вртеа зборови како во барабан. Срам ми беше да кажам нешто, а притоа да не погрешам, да не тропнам некоја глупост, да не не му се допаднам, да не бидам досадна. „Храбро“ се повлеков на една фотелја и не се мрднав од неа. Тој дојде до фотелјата и седна на еден од потпирачите, се обидуваше да започне разговор, а јас одговарав незаинтересирано како да сум видела 100-тина како него. Одговарав со „да“ и „не“ на прашањата, нели со кратки одговори нема грешки. Виде-невиде стана и си замина, ама овој пат засекогаш.

Оттогаш го немав видено, тоа беше последен пат, а имав 15 години. И сега, по толку години, го среќавам на улица подостарен. Иако изгледаше неатрактивно и малку здебелен, ми беше мило што го видов.

Не се каам што ми беше само љубов од мечтите. Да го запознаев вистински, најверојатно немаше да го сакам така искрено и чисто, најверојатно ќе се разочарав од него, оти кога некого идеализираш, имаш очекувања од него. А ако имаш очекувања, тогаш доаѓаат разочарувањата. Оти фантазиите, нели, немаат врска со реалниот живот.

Но, едно знам, љубовта која е во твојата глава е најчиста и најискрена. Сите ние знаеме да се прашаме што би било кога би било за одредена работа. Интересно е како на овој човек ниту на сон не би му текнало дека бил во моите мисли, дека бил дел од некоја љубовна приказна. Секој има по некоја ваква приказна во главата, која ќе остане само таму, во мечтите. Иако со текот на времето ќе ја закопаме некаде длабоко во нашите мозочни фиоки, таа никогаш не се заборава.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 5875 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.