Јас сум бесмртна
Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Јас сум бесмртна
Ловец на приказни

Јас сум бесмртна

Кога бев дете, мајка ми знаеше да ми купи хулахопки два броја поголеми, па често кога носев чевли, ми се собираа кај глуждовите и стапалата. Можете да замислите како изгледаат хулахопки набрани кај чевлите, одвратно. А зошто ми купуваше поголеми хулахопки, навистина не знам, освен ако не знаела да ми го погоди бројот или немала време да се занимава со мене, па купувала стихијно, без план.

Пред едно 10-ина години, бев на гости кај една моја братучетка која е помала од мене. Чорапите ѝ се свлекоа и ѝ велам дај да ти ги облечам, а таа, бидејќи беше мало девојче ми вели: „А да, облечи ми ги за да не бидам како тебе, кога си била мала“. Јас останав со подзината уста. Моите роднини ме паметат по моите набрани чорапи и ме посочуваат како лош пример. Мамо ма!!!

Девојче

Сте размислувале ли некогаш како ве перципираат другите, или каков впечаток сте оставиле, или по што ќе ве помнат оние кои не ве виделе одамна, или каква трага сте оставиле во туѓите животи?

Сакајќи или не сакајќи, луѓето обично ги поврзуваме со некакви случки или гестови, со нивниот начин и стил на живот. Секој сака да биде бесмртен и да го раскажуваат идните генерации, а со тоа да остане во колективната меморија. Не пример, од колено на колено се раскажуваат јунаштвата на некој дедо или убавината на некоја твоја баба. Еве и јас станав бесмртна, мене ќе ме раскажуваат како роднината со набраните чорапи. Ужас! Се надевам дека ова е мал и безначаен сегмент во градењето на мојата бесмртност.

Паметам една сосетка која секогаш имаше добра фризура, и јас како дете ја доживував како голема шизика. Таа еден период живееше во Лондон. Кога се врати, беше занесна убавица од нашата улица, со атрактивен аутфит, светлосни години пред нас. Со самото тоа што сè уште се сеќавам на неа и ја раскажувам, таа е бесмртна.

Луѓето, за жал, повеќе ги помнат лошите работи отколку добрите. Тешкото е во тоа што немаш шанси да го поправиш впечатокот, особено кога знаеш дека личноста нема да ја видиш повторно. И секако, таа личност ќе те раскажува по она по што те помни. Ако не си се покажал во најдобро светло, впечатокот ќе биде тој.

Секој човек остава некаков белег на другите и така останува бесмртен. Некогаш тоа се зборови кажани во вистински момент, или можеби реченица кажана во невреме. Некоја постапка која е позитивна или постапка која негативно влијаела врз нечиј живот. Некогаш и молчењето е одобрување.

Сте размислувале ли некогаш по што ќе ве помнат вашите најблиски, пријателите, непријателите, луѓето кои имале епизодна улога во вашиот живот? Сите имаат некаков впечаток за вас, или ве помнат по нешто. Владетелите сакаат да ги паметат по големите градби, писателите или уметниците оставаат трага со нивните дела, а ние обичните смртници, иако не сме селебрити, сепак сме бесмртни за некого. Некогаш не сме ни свесни каков впечаток сме оставиле. Но, ако нè паметат, тогаш сме влегле во нечија меморија и сè дури сме таму, и телесно да нè нема, секогаш ќе бидеме живи преку некоја приказна, па макар и да била за набрани чорапи. Во мојов случај, подобро ич да не те помнат, но впечатокот со гума не се брише.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Сметате ли дека е добра мерката за задолжително носење на заштитна опрема на лицето (маска, шал)?
  • 64%
  • 36%
Се испраќа...

(Вкупно: 6544 гласа)

Цитат

Можеш да ги исечеш сите цвеќиња, но не можеш да ја спречиш пролетта да дојде.

Пабло Неруда

Виц

Се качувам на вага по завршувањето на карантинот.

Вагата покажува: „Ве молам почитувајте социјално дистанцирање. Качувајте се еден по еден!“