Сакам магично стапче со кое ќе ја истерам сета лошотија од луѓето
Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Сакам магично стапче со кое ќе ја истерам сета лошотија од луѓето
Ловец на приказни

Сакам магично стапче со кое ќе ја истерам сета лошотија од луѓето

Кога бев дете, секогаш размислував како би било да имам магични моќи. Постарите генерации ќе се сетат на серијата Арабела, во неа тој што го поседуваше волшебниот прстен имаше супер моќи. Па јас, по примерот од серијата, често земав еден прстен од мајка ми, го вртев како што правеа ликовите во Арабела и си замислував дека имам магични моќи. Паметам дека на еден ќелав комшија со прстенот му посакував да му порасне коса. Кога ќе го видев, го вртев прстенот и велев тивко: „Нека му порасне коса! Нека му порасне коса!“

Магија

Магиите никогаш не беа успешни, но важно е да се трудиш. И ден-денес ме фрустрира мислата дека нашите моќи се ограничени. Ех, да имав едно магично стапче, сè ќе беше полесно. Некогаш навистина нервира кога не можат да се сменат работите. На пример, не може да го вратиме времето, или да вратиме некоја личност која ни била особено драга, а сме ја изгубиле. Кога некој ќе замине од овој свет, немаме никаква моќ да го вратиме назад, кога некој е болен, не можеме да му помогнеме. Ех, да имав магично стапче и да можев да ја истерам сета лошотија од луѓето. Немаше да има толку несреќни луѓе, толку неправди. Да можев само со еден волшебен замав да ги прочистам сите отрови преточени во зборови. Ех да можам со волшебно стапче сите мои непријатели да ги претворам во пријатели. Сите злонамерни луѓе да ги претворам во добронамерни, глупавите во умни, плитките во длабоки, сиромашните во богати, мрзливите во вредни. Со волшебно стапче да ги избришам сите лоши спомени кои ми тежат, сите навреди од мојата меморија.

Најмногу посакувам да имав некоја волшебна алатка која ќе ми овозможи барем на миг да ми се врати баба ми, барем на пет минути да бидам со неа. Да ја прегрнам и да го бакнам нејзиното меко лице, да се навалам на нејзиното рамо, а потоа без задршка да ѝ кажам каква мака имам, за таа насмеано да ме утеши и да ми каже: „Што се секираш, секое чудо за три дена“. И мене веднаш ќе ми биде полесно, оти тоа е баба ми, а таа секогаш била во право. Но, ете ја нема, а јас немам никаква моќ да ја вратам. Немам моќ ниту да избришам некои грешки што сум ги правела во минатото. И искрено се прашувам дали заради нив сум ова што сум денес.

Кога би имала волшебно стапче, за полесно да ги вршам секојдневните работи, а со тоа да си го олеснам животот. Ете, ниту на комшијата никако да му порасне коса. Но, важно е да посакаш и да имаш добри намери, па можеби еден ден ќе се оствари. Додека дишеме, да се надеваме. А нашите моќи се ограничени, бидејќи можеби кога би било поинаку, би имало повеќе лошотија од добри дела. Затоа природата ни ги ограничила.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Сметате ли дека е добра мерката за задолжително носење на заштитна опрема на лицето (маска, шал)?
  • 64%
  • 36%
Се испраќа...

(Вкупно: 6553 гласа)

Цитат

Можеш да ги исечеш сите цвеќиња, но не можеш да ја спречиш пролетта да дојде.

Пабло Неруда

Виц

Се качувам на вага по завршувањето на карантинот.

Вагата покажува: „Ве молам почитувајте социјално дистанцирање. Качувајте се еден по еден!“