Парите се најголем афродизијак
Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Парите се најголем афродизијак
Ловец на приказни

Парите се најголем афродизијак

Има еден рефрен „среќата со пари не се купува“. Го слушнав деновиве и некако ми се уврте во главата па почнав да си го подпевнувам. Не ја знам целата песна, но овој рефрен ме наведе да ја напишам оваа колумна. Па си велам, еве како преку песна си ја правдаме состојбата во која сме се нашле, иако не секогаш парите се пресудни за некоја одлука, или состојба. Еднаш во една колумна напишав дека кога си купувам нешто, се радувам како мало дете, нели си купувам малку среќа. Освен задоволство, овој пат ќе ви раскажам што сѐ може да се купи кога имаш од таа „магична“ хартија во рацете.

Имам еден чичко кој пред неколку години беше речиси пред умирање, му беше оштетен црниот дроб. Знаете колку плати за операција во Франција каде му пресадија нов орган во некоја од престижните француски клиники? Околу 150 илјади евра, ќе се сложите тоа се многу пари. Но тој ги имаше и ги даде. Да немаше, одамна ќе беше два метри под земја. Ова е пример каде парите некому му го продолжија животот. Човекот со парите си купи здравје.

Пари

Не сакам да ме разберете дека јас сум некој страстен парољубец. Не, јас само сакам да ги разгледаме фактите. Знам повеќе примери каде сиромаштијата му носела и духовна беда на човекот, и какви само фрустрации му носи на оној кој ги нема. На семејството кое нема пари, нема да му биде приоритет да купи книга, туку што ќе принесе на трпезата, а да не споменувам дека со парите ќе си ја купиш и слогата. Секако, овде не влегуваат оние екстремни случаи кога нема слога и со пари и без пари.

Никогаш не сум можела да разберам кога некои мои пријатели и познаници премногу сакале да се допаднат на некој што има пари. Сум гледала ситуации каде тој „нема три чисти во главата“, а се собрале околу него и му се улизуваат, како божем ќе им подели по 100 евра на секој. Интересно е што овие луѓе со самиот факт што се богати, си купуваат и другари. Лажни пријатели?! Па што! И ние кои сме просечни, никогаш не можеме да бидеме сигурни дали некој ни е лажен или вистински пријател.

Сум видела и љубовта како се купува со пари и тоа многу пати. Ќе одвојам еден пример на кој бев директен сведок. Еднаш бевме излезени поголемо друштво. Една од девојките воопшто не беше заинтересирана за момчето кое цело време се обидуваше да ѝ се доближи и да ѝ направи муабет. Кога излеговме да си одиме, тој се понуди да ја префрли до дома. А таа одважно, со гадење, демек како се охрабрил да ја праша такво нешто, му одбруси: „Не никако!“ Уште да му речеше: „Мрш бе!“ Кога ја виде „бесната“ кола во која влегува момчево, многу смешно, но девојкава малку овенато, со чуден израз на лицето, почна да му мавта. Каква тажна глетка беше тоа. Другиот ден излегоа сами, толку од гадењето, колата на момчево делуваше како лек за девојката. Не рекле џабе дека парите се најголем афродизијак. Колку ли го засака понатаму, да не ви раскажувам, сега се во брак и најверојатно супер им е.

И после љубовта со пари не се купувала. Зависи кој што бара, звучи сурово, но е проклето вистинито. Тоа парче хартија, некогаш ни ја купува и судбината! Зборувам за оние луѓе кои аргатат во странство и коските ги оставаат во тие земји, залажувајќи се дека ќе се вратат кога доволно ќе заработат, но најчесто никогаш не се враќаат, оти никогаш не е доволно. Колку само наши печалбари останаа во туѓина со вечна носталгија по родната грутка. Или колку често сме работеле работа која воопшто не ни била по мерак, но тоа сме го правеле за тие пусти пари.

Кога ги кажувам фактите за парите, не ми е право на душава. Затоа што сум непоправлив романтичар, што од петни жили се обидува да биде практичен. Се омажив од љубов, а парите, да, ги сакам, но јас да ги заработам, ако не се мои, тогаш немам ќеф да ги трошам. Мојата покојна баба знаеше да рече: „Најлесно е да даваш, а најтешко е да ти даваат“.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 5873 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.