Никола, те чекам во Неа Врасна
Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Никола, те чекам во Неа Врасна
Ловец на приказни

Никола, те чекам во Неа Врасна

Никој не беше рамнодушен на ужасот што се случи во Србија и во Босна минатата недела. Се изнагледавме потресни снимки на илјадници поплавени домови и раселени лица. Нема Македонец кој не беше погоден од оваа човечка трагедија. Овие луѓе останаа без храна и облека, без достоинство, оставени на милост и немилост, а некои и без своите најблиски. Луѓе со уништени спомени и неизвесна иднина. Сите сочувствувавме со народот во загрозените подрачја. Ова беше период кога добрината и хуманоста на луѓето излезе на површина. И нека остане така и во иднина.

Затоа во неделата посебно бев горда на моите сограѓани, несебично се собираа донации за настраданите, секој донесе по нешто, кој колку има. Мојот син, забележувајќи ја нашата вознемиреност од снимките што ги гледавме, ме праша: „Мамо, а каде е оваа вода?“ „Во Србија“ – му одговарам. Потоа следуваше шокантно прашање: „Мамо, а Никола жив е?“ Солзи ми дојдоа на очите. Тотално изумив за неговото другарче. „Не знам“ – велам. Понекогаш се прашувам дали го разбира значењето на зборовите жив или мртов.

Другарчиња

Минатото лето тој беше во туристичкото место Неа Врасна во Грција со баба и дедо и таму се спријателил со некое дете од Србија. Немам информација од кој крај на Србија е детево и дали е од загрозените подрачја. Знам само дека од утро до вечер тие биле заедно. Никола најверојатно е на 8-годишна возраст, и според кажувањата на син ми, има уште брат и сестричка.

Мојов шеќерко се врати од одмор и не престана да зборува за Никола. Мислам дека одамна така не му била погодена дружбата со некого. Дури на наше изненадување научил и некои српски зборови па така, знаеше да ни каже: „Шта чеш“ и да ги крене рачињата или кога ќе побараш нешто од него „Не могу сад“. Овие двајца мангупи се договориле следната година повторно да се најдат во Неа Врасна, во истата куќа.

Велам ајде сине да одиме да купиме нешто и да му пратиме на Никола, а тој израдувано: „Мамо да пратиме и за неговиот брат, а и за сестричката, а играчки ќе му пратиме?“

Почнав да одвојувам облека, и да ја подготвувам, а купивме и некои конзерви храна и хигиенски средства.

„Мамо, а играчки ќе му пратиме? Ајде да му напишеме писмо...“ Дури се свртев, тој го земал листот и ми диктира.

„Никола ти праќам еден гормит, и две сликички светско, овие ми се дупликати, другите ми се нови. Мама ти стави и облека, јас ѝ реков да ти купи маица со Angry Birds. Имало евтини ќе купиме во Певекс.

Кога ќе одите во Неа Врасна? Баба и дедо рекоа дека ќе одат во јуни. Многу ми е жал за поплавата. Гледавме со мама на телевизија и на интернет ама не те видовме. Мама рече дека си во некоја сала, затоа не те видовме. Никола те чекам во Неа Врасна во куќата, обавезно да дојдеш, земи го албумот светско и сликичките, a и гормитот што ти го пратив.“

Пишувам и солзи ми течат. Моето дете не може да ја сфати сериозноста на состојбата во Србија. Мака ми е што не знам дали неговото другарче од Србија е безбедно, искрено се молам да биде жив и здрав и повторно да се сретнат годинава во Неа Врасна. Важно е дека мојов шеќерко не се откажува, ќе го чека...

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 5875 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.