Не се секирај, и ти ќе се омажиш!
Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Не се секирај, и ти ќе се омажиш!
Ловец на приказни

Не се секирај, и ти ќе се омажиш!

Ги паметам средбите со мојата најдобра другарка и една наша врсничка од маало која се омажи на 16 или 17 години (подоцна се разведе). Интересно е како мажена жена на тие години мисли дека го достигнала зенитот во својот живот со тоа што има сопруг и дете покрај себе. Таков беше случајот со девојкава, умислена, полна со себе ни раскажуваше за нејзиниот живот, кој беше вистински, со реални проблеми, наспроти нашиот, кој за неа очигледно беше безначаен и се состоеше во тоа да не нè откријат оти на соседот му ѕвониме и се криеме, плашиме луѓе по улици со маска и снимаме со камера и зафркаваме некого по телефон или во тоа што да облечеме за вечер!

Таа се однесуваше како да е позрела од нас, а ние пак мислевме дека пропушта многу од животот и искрено ја жалевме. Колку само бевме зелени, но и колку се забавувавме!

Свадба

Како одминуваа годините и како јас растев и созревав, на секоја семејна прослава се наздравуваше за моето мажење! „Ај годинава со момче“ или „да ти играме на свадба“. Особено по дипломирањето, мислам дека притисокот од околината кај сите е најсилен. Паметам кога се женеше мојот прв братучед, тој ми беше и многу близок, заедно излегувавме, се дружевме од деца. Сега одеднаш тој се жени. „Младоженец“ колку убава глетка беше тоа, ме обзедоа емоции и на очите ми дојдоа солзи радосници. Но, мојата стрина погрешно ги протолкува солзите, ми пријде и ме погали по грбот со зборовите „Не се секирај, и ти ќе се омажиш“. Јас на ова се насмеав. Оваа реченица потоа си ја раскажувавме на шега со другарките.

Среќа моите родители не ме притискале. Еднаш бев заглавена во врска со човек кој воопшто не ми одговараше. Паметам дека татко ми како да процени дека во тој момент ми треба малку храброст, дека ми треба некој да ме извади од калта во која тонев. Тој само ми рече „Ти не си за фрлање, секогаш можеш да си најдеш момче“.

Некогаш човек паѓа толку ниско, што му треба да го допре дното за да се крене угоре. Јас сè повеќе тонев, без да го допрам тлото. „Во секое дно, дупло дно“, вели Горан Стефановски. Татко ми ме освести, ми даде знак за да се разбудам. Некако се засрамив од неговата реченица. И татко ми проценил дека сите линии се преминати, дека работам против себе, само јас не го гледав тоа. Стравот од осаменост и стравот дека ќе го изгубам она чувство дека припаѓам некому најмногу ме тиштеа. Тогаш бев на крстопат и од оваа дистанца, мислам дека го одбрав вистинскиот правец.

Многу мои другарки се омажија заради тоа што така треба. Некои од нив никогаш не смогнаа сили да го сменат партнерот иако не им одговараше, се плашеа како нивните родители ќе ја прифатат нивната одлука. Или можеби родителите беа само оправдување за стравот од непознато што го чувствуваа. Една пак другарка се омажи млада за една јавна фаца по инсистирање на нејзината мајка. Жената беше болно амбициозна, мислам дека среќата на нејзината ќерка ја стави на коцка само за престиж. Тој брак за жал заврши со развод, а се сеќавам само какви понижувања претрпе нејзината ќерка.

Искуството ме научи дека не треба да правам работи заради некого, туку заради себе оти животот е краток. Некои луѓе прерано созреваат, на други пак треба да им се случи нешто во животот што ќе ги натера да бидат позрели, а трети и 100 години да живеат, џабе им е!

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 5873 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.