За секоја душа постои сонце кое може да ја огрее
Почетна » Колумни » Ловец на приказни » За секоја душа постои сонце кое може да ја огрее
Ловец на приказни

За секоја душа постои сонце кое може да ја огрее

„Разбирам, имаш чувство како да можеш да направиш сѐ, како да ти се отвориле не сите чакри, туку плус три. Можеш навистина да направиш сѐ. И мене ми се случи истото еднаш, но бил женет. Оттогаш не можам да си дојдам при себе. Се здебелив 10 кг.“ – ова е коментарот на читателката Destiny оставен под последниот мој текст.

Искрено многу ме трогна, и еве неколку дена ме прогонува, ми наликуваше на крик од човек кој се откажал од себеси, што е недозволиво. Ме потсети на една моја состојба, кога ми крвареше срцето. Јас таквите луѓе кои ќе направат зулум, па ќе заминат, ги нарекувам урагани. Сум била повредена, изневерена, но никогаш не се откажав од себеси.

Тажна жена

Паметам дека ронев солзи со денови, ослабев, но преболев, ја надминав таа состојба. Човек не треба да престане да трага по љубовта. Најлесно е да се откажеш и да се завиткаш во својата корупка, на безбедно место. На тоа сигурно место, да вистина е дека повеќе нема да те повредат, но точно е и тоа дека нема да му дадеш шанса на животот и на други искуства од кои никогаш не се знае каков ќе биде исходот. Ако не дозволиш, никогаш нема да се случат.

Има луѓе во нашите животи кои се како урагани, ќе збришат сѐ пред себе и оставаат пустош во нашата душа. Едноставно пред налетот на вакви урагани, човек тешко се справува, освен ако не е од цврста градба, но некогаш дури и најсилните може да се најдат во состојба на слабост. Е ако ураганот налета токму тогаш, јас би рекла дека во тој момент има разорна моќ. Но, не треба да заборавиме нешто многу важно. Луѓето-урагани ја црпат моќта токму од нас. Колку ние ќе им дозволиме да бидат моќни, толку е нивната сила.

Луѓето реагираат различно на ваквата непогода, некои брзо се враќаат во состојбата од претходно, а на некои пак им требаат години да си дојдат при себе. Тешко е кога во нечие присуство ќе се чувствуваш посебно, а потоа тој мора да замине, знам, боли до коска. Но знајте дека за некои други луѓе пак можеби ние сме урагани. Некогаш несвесно повредуваме. Ако не си бил повреден и ако не почувствуваш болка, тогаш, како да не си живеел. Сепак, неприфатливо е болката да биде твојата природна состојба. Секогаш може да се најде сила за да се продолжи понатаму. Не рекле џабе, после бура доаѓа сонце.

Радувај се ако доживееш љубов, тоа навистина е скапоцено, но можеби не е тоа врвот, можеби можеш да доживееш нешто поинтензивно со некој друг. Никогаш не знаеме кога ќе го доживееме врвот на среќата, ако постои такво нешто. Интересно е како некои луѓе оставаат трага во нашиот живот, а некои како и да не биле, едвај ги паметиме. Да во претходниот текст, јас раскажав сегмент од мојот живот, но тоа не е целата слика. Животот е трнлив, но затоа пак живееме за убави моменти. Кој верува дека тие постојат и дека ќе му се случат, така и ќе биде. Некогаш од нашите фантазии за некого и од раните што ни ги нанеле, не ги гледаме нештата кои ни се пред носот.

Уверена сум дека за секоја душа постои сонце кое може да ја огрее. Но некогаш треба и да ги растераме облаците во нашата глава за да му дадеме шанса на зракот да допре до нас.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 5873 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.