Една недела која ми го смени животот
Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Една недела која ми го смени животот
Ловец на приказни

Една недела која ми го смени животот

Ги отворив очите и тој беше мојата прва мисла. Седев стуткана во креветот, шмркајќи го кафето и мислејќи на претходната ноќ. Бев... возбудена, му ја замислував насмевката, си го прераскажував муабетот, ми се допаѓаше чувството кога ќе помислев на него. Неговите темни очи кои умно ме набљудуваа и неговата насмевка.

Се запознавме пред две години на една забава, а сега се сретнавме на исто место, со истите луѓе, на една иста таква забава, што е неверојатно. И тогаш имавме симпатии еден кон друг, но никој не го направи првиот чекор. Овој пат и тој сам и јас сама, спонтано се доближивме како да создаваме магнетно поле. Тој беше јужниот, јас северниот пол. Толку различни, а сепак некоја натприродна сила нѐ влечеше еден кон друг, како магија. Имав чувство, како да се знаевме цел живот, како да бевме во некој меѓупростор, каде времето не постои и никој не нѐ гледа и не нѐ слуша. Како да бевме во легендарната серија „The Twilight Zone“, онаа кога со часовникот го запираат времето. Сѐ застанато, луѓе по улици, бомба во лет. Се запрело, само ние продолжуваме понатаму.

Љубов

Вечерта кога се разделивме, имав чувство дека можам да одам на површината на некоја река без да потонам, како некој мистик. Кога легнав на мојот кревет мислев дека сум доживеала астрална проекција, како душата да ми се одвои од телото, како да добив натприродни моќи. Шмркав од кафето и не сакав да престане тоа убаво чувство кое ме обземаше утрината. Си се смешкав како шлакната, некој да ме гледаше отстрана, ќе помислеше дека сум „одлепила“. И одразот во огледало ми беше поинаков, некако светев, бев поубава отсекогаш.

По долгото уживање со мислата за него, се подготвив за да одам на работа. Таму во центарот на Скопје го видов центарот на мојот свет! Седнав на полукружната клупа спроти продавницата на „Краш“ и го гледав телефонот, размислував да му го свртам бројот. Некако веќе не ми беше гајле што ќе помисли, дека ми се допаѓа или дека сум луда по него. Важно ми беше дека сакам да му го слушнам гласот, некако како одеднаш да ги надраснав тие љубовни игри, да чекам тој да се јави, само јас да не бидам прва. Не знам можеби тој ми ја влеа таа храброст.

И се случи неверојатна работа, го кревам погледот и го здогледувам токму него, од сите луѓе на овој свет, замислете две години немаше никаква средба, а сега се среќаваме два пати во период од два дена. Нели е тоа чудно? Целиот космос беше урамнотежен со нас, нашите пораки беа слушнати. Некоја виша сила ни ги местеше коцките.

Кога ме виде, се стаписа, седна до мене на клупата, се гледавме и се смеевме. Му кажав: „Само што сакав да те побарам“, а тој клима со главата и ми вели: „И јас исто“. Се чудевме и двајцата колку се неверојатни овие средби. Седнавме на кафе во едно мало кафуле во трговски центар. Момчето што нѐ послужуваше, имаше гребаница на лицето, ни кажа дека тоа му е од неговата девојка. Се смеевме со момчето и за многу други работи кои можеби во други околности не би ни биле смешни, но тогаш мислам дека смеењето беше како некоја треска, доаѓаше на бранови, а ние зајдувавме од смеа.

Наредниот ден утрото тој ми прати порака: „Те чекам кај Изгребаниот во 10!“ Секое утро, седум дена по ред, пиевме кафе кај „Изгребаниот“. Не можевме да престанеме да зборуваме и да се смееме. Мислам дека таа недела ми го смени животот, тоа беа најсреќни денови во мојот живот. Ми призна дека знаел дека ќе дојдам на онаа забава, на која се сретнавме, па сто пати си ја сменил кошулата, со намера да ја пронајде вистинската со која најмногу би ми се допаднал. Никогаш не сум се чувствувала поживо и посреќно, го сакав неговото сакање и тоа чувство на восхит што го предизвикувам кај него. Само за една недела знаев дека тоа е тоа. Ако некој измисли среќомерач, мојата среќа ќе биде на 100-ка, ако тоа е лимитот.

Од оваа временска дистанца, знам дека таа недела беше клучна за некои мои одлуки. И во едно сум сигурна, дека целиот универзум беше на наша страна. Секоја ѕвезда трепкаше за мене и за него, тој е таткото на моите две деца.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 26%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 6259 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.