Ако си немажена, тогаш си лесна мета за озборување!
Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Ако си немажена, тогаш си лесна мета за озборување!
Ловец на приказни

Ако си немажена, тогаш си лесна мета за озборување!

Имаше еден постар брачен пар што живееше спроти мојата куќа. Жената беше полничка, а мажот слабичок и доста витален, иако имаа над 70 години. Дење и ноќе луѓево седеа на тераса. Буквално живееја таму. Ако имаше начин да уринираат на тераса, и тоа ќе го правеа само за да не пропуштат нешто од случувањата надвор. Знам некогаш кога ќе се вратевме со мојот братучед „од град“, ако малку погласно зборувавме, веднаш ќе забележевме две очиња како трепкаат на прозорецот, под малку подотворена завеса, а што беше најсмешно, комшикава мислеше дека не ја гледаме.

Паметам дека таа и нејзиниот сопруг постојано зјапаа во нашата дневна соба. Не можеш да отвориш прозорец, сиротава женичка навалена на терасата ќе паднеше од љубопитност. Еднаш излегувам на прозор и на шега ѝ велам: „Ќе паднеш комшике?“ Мојата мајка веднаш ме искара. Но, навистина не ми е пријатно кога знам дека некој ме набљудува. Се прашувам кој е неисправен во случајот – јас што си ја штитам приватноста или таа што сака да ни влезе во спалната соба.

Озборување

Еднаш знам беше лето и женава задишана од трчање и зацрвенета во обравчињата, најверојатно не можеше да додржи да не каже некому, со конспиративен тон на гласот ми вели: „Знаеш на комшикиве им дојдоа тројца машки на гости. Се товарија со некои куфери и заминаа некаде. Не знам каде може да одат?!“ Со загрижен израз на лицето, и со раката ставена на уста, се сосредоточи на мојата кеса, па така како божем уште објаснува, ѕирка што носам во торбата. Ништо не ѝ реков, но си заминав со чудење како им бере гајле на девојчињава. Но, женава изгледа кога ќе го задоволи љубопитството со тоа што ќе ѕирне во мојата кеса, ја пополнува празнотијата во нејзиниот здодевен живот, па макар и за миг.

Ај ќе речеш овие се стари луѓе. Но, кога помлади кога се занимаваат со вакви работи, навистина е фрапантно. Таков пример е една моја роднина која има над 40 години. Неверојатно е со какви тривијалности се занимава женава – од тоа колку пати соседот ја пере колата, до тоа каква фризура направила неговата жена. Посебно на мета ѝ се немажени девојки. Во колку часот се вратиле, па кој бил тој што ги вратил. Па како тој последниот не ѝ се допаѓал, претходниот бил подобар, божем треба нејзе да ја прашаат.

Исто така постојано ја озборува една млада девојка од соседството за тоа што ја враќале дома различни момчиња. А сега е актуелна комшиката која според нејзини критериуми живее во „блуд“ со момчето. Цело време ѝ бере гајле кога ќе се омажи со типов. Претходно ја отепа од жалење дека не може момче да си најде, а сега откако си најде и живее со него, ја озборува дека живее неморално.

Ваквите луѓе секогаш ќе најдат материјал за озборување, или ќе те „жалат“ или ќе ти завидуваат. Сигурно и вие драги мои често среќавате вакви ликови кои се грижат за вашиот живот со изненадувачки интерес.

Не можам да разберам, каков е тој воајеризам, тој порив да ми ѕирнат во домот, или да ми ѕирнат во торбата. До какво сознание ќе дојдат, ако знаат дека имам навика да седам на крајот од креветот или дека некогаш носам пижами до пладне, или дека купувам бел леб, наместо црн или дека за ручек ќе јадам грав?! Или дека некоја имала нов дечко?! Тоа сознание што ќе смени во нивниот живот?! Ќе им го направи подобар, или само се бара материјал за озборување, што и да е.

Тоа се луѓе кои само гребат на површината и никогаш нема да продрат во суштината на туѓите животи оти и тие самите се без суштина. Претпоставувам дека животот го „живеат“ преку туѓите животи. Ако некоја девојка ја оцрнат дека е неморална, тоа го прават за тие да добијат на вредност, бидејќи мислам дека длабоко во себе ваквите луѓе не се сигурни баш дека се цвеќиња. Оној кој мисли за себе дека е исправен, никогаш нема да се занимава со вакви работи. Или можеби тоа што зборуваат за туѓите „гревови“ им помага да не мислат на своите.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 5869 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.