Се гушам, сакам чист воздух!
Почетна » Колумни » За мајчинските работи » Се гушам, сакам чист воздух!
За мајчинските работи

Се гушам, сакам чист воздух!

Осми декември е. Излегувам од канцеларијата, неколку чекори потаму гледам матно една познајничка, ја познав по одот. Маглата не ми дозволува да се уверам дека е таа, но велам „здраво“. Веројатно и таа не ме позна, отпоздрави со задоцнување. Продолжувам, почнувам да кашлам притоа покривајќи ја устата со плетениот шал.

Смогот како да го прегрнал градот, но се тешам дека честичките кои ги дишам не се толку штетни колку што слушаме. Се лажам како мало дете. Како многу од нас.

Загадување

Стигнувам дома, а косата и палтото никако да заборават каде престојувале до пред малку. Миризбата ме потчукнува велејќи ми: „Сега свесна ли си што дишеше?“ Ја игнорирам и влегувам насмеана во дневната.

Таму стои син ми, озабен и разигран. „Мамо, одиме игротека?“ – ме прашува. Во летото редовно имавме кратки авантури мајка-син по работното време, а тој како уште да се сеќава на ритуалот. „Не душо, надвор има магла и студи“ – објаснувам, не можејќи да најдам детски зборови за да му објаснам дека внатрешно се тресам од страв за неговото здравје.

Го вклучувам мобилниот телефон, прелистувам на ѕидот на Facebook и одеднаш шлаканица. „Загаденоста на воздухот 20 пати над дозволеното, децата се во најзагрозените групи од аерозагадувањето со ПМ честичките, Македонија на петто место по смртност од загадениот воздух“. Сега веќе шокот е преголем и сум преплашена за син ми, за моето дете, за нашите деца.

За нашите деца кои не се виновни за ништо, кои не можат да го напуштат домот зашто немаат гас-маска која ќе ги заштити од ПМ честичките кои се начичкани во воздухот. Не се виновни за неодговорноста на возрасните, за недостигот на филтри на фабриките, за греењето со мазут, за камините кои ја топлат секоја втора куќа и стан, за преголемиот број автомобили. За сите ние кои седиме дома и ја гледаме маглата низ џамот, велејќи си дека ќе помине, дека не е до нас.

Додека нашите соседни земји воведуваат драстични мерки како бесплатна струја, додека Кина го ограничува движењето на автомобили на половина и вклучува црвени аларми, додека во Ротердам се градат кули што чистат смог... ние правиме едно големо НИШТО.

ЗагадувањеКулата за прочистување на воздухот во Ротердам

Автомобилите фрчат насекаде. Оџаците чадат од секоја куќа, а чадот често е создаден од согорувањето на материјали кои никогаш не требало да завршат во камин, како дограма премачкана со мрсна боја, пластика и ѓубре (сум била сведок, знам). Филтри? Непознат поим. Иницијативи за почист воздух? Премалку. Политики за подобрување на состојбата? Нула.

Нема да го насочам прстот конкретно кон една личност, зашто ова не зависи од една личност. Зависи од сите нас.

Кога ќе сфатиме?

Автор: Лори ДеМама
Лори е „мама“ на едно дете, која најмногу се плаши од фактот што не може да ја предвиди иднината. Ја обожава организираноста, но е принудена да живее со хаосот. Останува будна до доцна навечер, а станува рано наутро, зашто така „краде“ малку време за себе. Постојано си ветува дека ќе започне да вежба, но нема магично стапче за да го продолжи денот за уште еден час. Искрено верува дека среќата ги следи храбрите.

Анкета

Анкета
Каква беше 2016 година за вас?
  • 21%
  • 44%
  • 35%
Се испраќа...

(Вкупно: 11659 гласа)

Цитат

Да бидеш себеси во свет кој константно се обидува да те претвори во нешто друго е најголемото постигнување.

Ралф Валдо Емерсон

Виц

Кога жена вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема НОВИ алишта.

Кога маж вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема ЧИСТИ алишта.