Писмо до моите пријателки кои сè уште немаат деца
Почетна » Колумни » За мајчинските работи » Писмо до моите пријателки кои сè уште немаат деца
За мајчинските работи

Писмо до моите пријателки кои сè уште немаат деца

Пред два дена сакав да им се јавам на моите другарки, едноставно за да ги прашам како се. Неколкупати го зедов телефонот в раце, ама и неколкупати го вратив на масата, зашто во меѓувреме требаше да ја избришам истурената вода на подот, да променам една „миризлива“ пелена, да го проверам јадењето, да наполнам едно празно стомаче... Додека да трепнам, часовникот си ја одигра својата улога и покажа 21:30. Во нашиот дом, тоа значи капење, миење заби, читање приказна и спиење (барем обид за спиење).

Уште еден пропуштен ден да ги слушнам моите сакани пријателки.

Пријателки

Има толку работи што сакам да им ги кажам, но едноставно не наоѓам време, а и кога ќе најдам, е толку кратко, што едвај можам да изговорам цела реченица. Да, мои сакани пријателки, вистината е дека сакам да пијам кафе со вас, но додека да најдам време да поразговарам со вас лице в лице, еве што сакам да знаете.

Драги другарки,

Знам дека долго не сте ме виделе и можеби и не се сеќавате кога беше нашата последна средба. Сигурно си мислите дека не ми требате повеќе или дека ве заборавив. Можеби и ме озборувате дека не сум го кренала телефонот за да ви се јавам или дека сега имам нови пријателки со деца и вие сте на заден план.

Грешите.

Знам дека нашите односи се променија откако забременив, а уште повеќе откако станав мајка. Повеќе не присуствувам на нашите собири, не ги следам сите настани во вашиот живот, па дури и некогаш не присуствувам на важните за вас случувања како родендени, магистрирања, годишнини... Но, давам сè од себе.

Мислам на вас секој ден, но едноставно моите приоритети се поразлични. Кога вие мислите што ќе облечете за петочното излегување, јас само мислам дека ќе си легнам порано и ќе спијам до подоцна следниот ден. Кога вие мислите во кој ресторан ќе јадете, јас мислам што ќе зготвам за вечера. Кога вие постирате фотографија од вашето излегување, јас зјапам во неа со солзи во очите што не можам да бидам таму, зашто моето малечко повторно има температура.

Знам, си велите дека ако сакам да најдам време за вас, ќе најдам и можеби тоа е вистина за вас, но не и за мене. Јас знам колку многу сакам да најдам време за вас, но најчесто тоа е невозможно.

Уште од моментот кога за првпат го зедов моето дете в раце знаев дека сум бескрајно заљубена, но и дека добивам бескрајна одговорност. Некаде меѓу уморот, болката, менувањето пелени, бришењето повраќаници, безбројните обврски во првите месеци од мајчинството, ве занемарив вас. Ги занемарив личностите кои рамо до рамо со моето семејство се радуваа на секој среќен момент од мојот живот, кои од срце наздравуваа со мене на денот на мојата свадба, кои насмеани до уши ми ја стегаа раката кога им кажав дека ќе бидам мајка и беа меѓу првите посетители кога навистина станав мајка.

Не мислете дека ги заборавив нашите лудории, дека ги избришав заедничките спомени. Па, по сè што поминавме заедно, зарем е тоа возможно? Едноставно, повеќе не можам да бидам дел од тие лудории и собири, а и кога сум, мислите ми летаат само на една адреса.

Знам дека ви е мило кога ќе го донесам моето дете на кафе-средбите и дека сакате да видите колку пораснало, но исто така знам дека сте лути што не ислушав до крај ни една реченица што сте кажале затоа што на некој друг му требало моето внимание. Не, не е толку лесно да натераш мало дете да се заигра самото или да прошета со личност која не му е родител.

Верувајте ми дека и јас сакам да знам како ви е на работа или како ве изненадил дечкото за годишнината, но нема да ме разберете кога ќе ви кажам дека имам нешто поважно на ум. И јас сакам да дојдам со вас на следното кратко патување во друга држава за Нова година или 8-ми март, но едноставно е невозможно да отсуствувам од дома неколку дена. Барем не во следните неколку години, но ако бидете доволно трпеливи, ви ветувам дека ќе се поправам и повторно ќе имам време за вас. Можеби и ќе ви помагам околу вашите деца.

Па, следниот пат кога ќе организирате средба, организирајте ја во мојот дом. Нема да ви се допаѓа хаосот и купот играчки во аголот од собата, но барем јас ќе можам да присуствувам.

Ве сакам и ми недостигате.

Автор: Лори ДеМама
Лори е „мама“ на едно дете, која најмногу се плаши од фактот што не може да ја предвиди иднината. Ја обожава организираноста, но е принудена да живее со хаосот. Останува будна до доцна навечер, а станува рано наутро, зашто така „краде“ малку време за себе. Постојано си ветува дека ќе започне да вежба, но нема магично стапче за да го продолжи денот за уште еден час. Искрено верува дека среќата ги следи храбрите.

Анкета

Анкета
Каква беше 2016 година за вас?
  • 21%
  • 44%
  • 35%
Се испраќа...

(Вкупно: 9972 гласа)

Цитат

Да бидеш себеси во свет кој константно се обидува да те претвори во нешто друго е најголемото постигнување.

Ралф Валдо Емерсон

Виц

Кога жена вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема НОВИ алишта.

Кога маж вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема ЧИСТИ алишта.