Отворено писмо до мајките кои ги носат децата болни в градинка
Почетна » Колумни » За мајчинските работи » Отворено писмо до мајките кои ги носат децата болни в градинка
За мајчинските работи

Отворено писмо до мајките кои ги носат децата болни в градинка

Моето дете е повторно болно, почекајте да пребројам... по стоти пат оваа година. Ми се чини дека во рекордно време ги помина сите бактерии и вируси кои постојат на планетата (барем така се тешам). Причината – градинката. Или да бидам поточна, мајките кои ги носат своите болни деца в градинка.

Не, целта не ми е да им се обратам на сите мајки, туку на оние кои ги носат децата в градинка со очигледни симптоми на преносливи болести. На оние мајки кои им го тупкаат под рака антибиотикот на негувателките-пријателки, надевајќи се дека никој не ги гледа. На оние мајки кои без ни трошка грижа на совеста играат нечесна игра со десетици животи.

Девојче

Па, драги мајки,

Сакам да ви кажам дека сочувствувам со вас. Најверојатно имате силна причина да го оставите вашето ангелче болно в градинка, со паднат имунитет, мрсулаво носе, температура над 38°С и омалаксаност од кашлањето претходната вечер. Знам, знам, вашата фирма не дозволува неограничен број боледувања (кои секоја мајка со дете в градинка знае дека се и тоа како потребни), а нема кој друг да се грижи за вашето дете. Знам, тешко е да балансирате меѓу работата и грижата за едно мало човече 24/7. Тешко е кога внатрешно врескате од проблеми, а нема кој да ве слушне. Најтешко е кога нема кој да ве разбере.

Сочувствувам со вас, а сега е ваш ред да сочувствувате со мене и со десетиците деца и родители кои врескаат поради вашата неодговорност. Да, добро прочитавте, неодговорност. Вие, родителите кои ги носите децата очигледно болни в градинка, сте причината што здрави деца се разболуваат. Често ви судам и во мојата глава скоро секогаш ве осудувам. Едноставно, не е фер.

Поради вас десетици деца се соочуваат со паднат имунитет, мрсулаво или затнато носе, немирни ноќи и плачливи денови, температура и над 40°С, антибиотици, пробиотици... Десетици деца се тажни оти не можат да им се радуваат на сончевите зраци, да смислуваат игри со другарчињата и да беснеат додека не ја истрошат и последната капка енергија.

Десетици родители ги ризикуваат своите работни места за да докторуваат покрај своите чеда или ги даваат своите заштеди за да ангажираат привремени дадилки (некои исто како вас ја немаат „честа“ да имаат член од семејството „на располагање 24/7“). Десетици мајки се несреќни, загрижени, насолзени, под стрес, во паника, ненаспани зашто нивните малечки не се добро. Десетици татковци се ненаспани и исто така загрижени, а мораат да се нацртаат на работа наутро.

Стотици членови од нивните семејства и пријатели висат на телефон за да добијат информација како се нивните внуци, братучеди, роднини или омилени палавковци.

Па, кој ќе сочувствува со нив?

Драги мајки, јас ја разбирам вашата болка, жртва, гнев и грижи. Не живееме во совршено општество, но зарем некој живее во такво? Ајде заедно да го дадеме својот придонес за да го подобриме, макар и за една нијанса. Пред сè треба да бидеме луѓе, а потоа мајки. Не дозволувајте куп луѓе да страдаат поради вас.

„Заштедете“ си од деновите за летен одмор (морето е добро за здравјето, но не е пред него) ако знаете дека работата ви виси на конец. Негувајте ги добрите контакти и грижете се за лицата кои можат да ви се најдат во тешките денови. Почекајте додека докторот ви даде зелено светло за да го испратите детето в градинка, не сметајте на својата „стручност“ и медицинско искуство. Не ги игнорирајте мајчинските инстинкти. Не ме интересира што ќе правите, исто како што ни вас не ве интересира што правам јас, но мислете на доброто на сите, не бидете себични.

Децата не треба да страдаат поради неодговорноста на возрасните, колку и илузорно да звучи последново.

Ајде заедно да ги подобриме условите во установите каде нашите деца минуваат голем дел од времето. Во установите кои им се втор дом, без разлика дали се училишта или градинки.

Автор: Лори ДеМама
Лори е „мама“ на едно дете, која најмногу се плаши од фактот што не може да ја предвиди иднината. Ја обожава организираноста, но е принудена да живее со хаосот. Останува будна до доцна навечер, а станува рано наутро, зашто така „краде“ малку време за себе. Постојано си ветува дека ќе започне да вежба, но нема магично стапче за да го продолжи денот за уште еден час. Искрено верува дека среќата ги следи храбрите.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 26%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 6164 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.