Што можам да направам за себе?
Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Што можам да направам за себе?
Во земјата на чудата

Што можам да направам за себе?

Денес сретнав една познаничка којашто не сум ја сретнала многу одамна. Ја прашувам што има ново и го добивам веќе очекуваниот одговор „Тешко е, немам работа, ова што го работам е хонорарно и не ми е по струка. Немам земено решение и како можам да правам планови во животот?“. Бидејќи речиси секој ден го слушам истиов одговор од некој, и јас веќе извежбано одговарам „Знам, секаде е тешко“.

Искрено, преку глава ми е од постојаните „жалби и поплаки“ дека државата не чини и ништо не ни обезбедува. Да се потсетиме на добро познатата фраза од Џон Кенеди „Не се прашувај што може државата да направи за тебе. Запрашај се што ТИ можеш да направиш за државата“.

И нека не е така, да кажеме дека Џон Кенеди претерал и дека нема потреба да се прашуваме што можеме да направиме за државата. Прашањето коешто верувам дека секој од нас треба да си го постави е „Што можам јас да направам за СЕБЕ?“

Амбициозна жена

Реалноста е дека ако сам не направиш нешто за себе, друг сигурно нема да го стори тоа. Ако сам не си го направиш животот интересен, никој нема да ти го направи. Ако сам не се обидеш да си помогнеш, тешко дека и другите ќе се обидат да ти помогнат. Ако сам не ја завршиш работата, сигурно дека друг нема да ти ја заврши.

Она што секој од нас треба да го направи е да размисли што е она што му недостасува за да биде среќен. Верувам дека кога знаеш што сакаш, многу е поедноставно да го најдеш. Проблем е ако не знаеш, па постојано талкаш со фенер во раце барајќи го човекот, како Диоген. 

Ако ти недостасува партнер – обиди се да запознаеш што повеќе луѓе. Сигурно ако седиш дома и се жалиш дека нема веќе слободни мажи или жени, нема да запознаеш никој. 

Ако немаш работа – барај ја по огласи и пријатели. Ако само се пријавуваш во Агенција за вработување, шансите да те побараат од Агенција за вработување се еднакви на шансите да добиеш седмица на лото. 

Ако ти недостасува образование – побарај начин да се дообразуваш. Студии, обуки, курсеви, волонтирање – има милион начини кои можат да ти помогнат да се усовршиш. 

Ако ти недостасуваат средства за почнување некој бизнис – разгледај ги можностите за кредит или неповратни средства, или пак барај некој кој би ти ја поддржал идејата. 

Ако сакаш да работиш во државна администрација и навистина тоа би те усреќило, зачлени се во партија. И ова воопшто не го кажувам цинично, едноставно треба да се најде патот. Ама не можеш да очекуваш да се вработиш во јавна администрација, а не сакаш партиска книшка, а за друга работа не сакаш ни да размислуваш.

Што и да сакаш да направиш, мора да си проактивен и тоа не за некој друг, туку за себе. Постои ли поголема мотивација од тоа? Работите не доаѓаат сами по себе. Изреката „Што е твое, ќе си дојде“ се однесува на нештата што сме ги заслужиле, а не значи дека треба да седиш, да чекаш, и нештата сами ќе дојдат. 

Точно е дека има поорганизирани држави кои многу подобро се грижат за нивните жители, но тоа што нашата не е таква не значи дека тоа треба да го користиме како изговор и да кренеме раце од сè.

Точно е и дека животот не е лесен. Но дали воопшто очекуваше дека ќе биде лесно? Нема ништо лесно во животот, за секој успех треба добро да се испотиме. Веројатно би ни било многу полесно кога ова би го сфатиле што е можно порано.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 26%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 6273 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.