Што го врти светот?
Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Што го врти светот?
Во земјата на чудата

Што го врти светот?

Кога ќе ми го поставаше некој ова прашање пред околу 20 години, како од пушка одговарав – „Љубовта“. Не дека тогаш имав некое искуство во љубовта, туку уште од мала сум задоена со идејата дека љубовта е најважна на светот. Дека за љубов сè се поднесува. Дека за љубов се оди пеш до крајот на светот. Дека за љубов од сè се откажува. И мислев дека сите се воспитани на овој начин, дека сите веруваат во тоа, дека тоа е вечна вистина.

Жена

Не помина долго пред да сфатам дека не се сите исто воспитани. Имав 15 години кога седевме кај една другарка дома, дојде мајка ѝ и нè советуваше дека не треба да се вљубуваме во клошари кои немаат пари да нè почестат една пијачка, или да ни купат цигари. Вџашено ја гледав без да можам да си поверувам на ушиве дека слушам таков совет од нечија мајка. Толку различен од советите кои јас ги добивав од мојата мајка. Таа и не одрекуваше дека во една врска треба да има љубов, само прв пат се соочив со внесување на материјалниот аспект во одредена врска.

Можеби разговорот од денешна гледна точка и не е толку чуден, но тоа време се разликуваше од денешново по многу работи. Тоа беше најлошиот период на транзицијата, со најмногу стечајци и огромна сиромаштија. Само неколку години од почетокот на капитализмот во Македонија.

Следуваше период во кој бев сведок на многу врски кои се случуваа исклучиво од материјална корист. Девојки кои не излегуваа од дома ако дечкото не дојде да ги земе со автомобил од пред врата. Девојки кои исклучиво влегуваат во врска со дечковци со многу пари. Пријателства од материјална корист. Дури и на моите родители им се случи да погрешат во проценката на едни пријатели кои финансиски убаво ги заглавија.

Во овој период бев убедена дека парите го вртат светот. Дека вистинската љубов е сè помалку важна, а нејзиното место го заземаат парите. Повеќето млади веруваа дека со парите сè може да се купи. И среќата, затоа што ако имаш пари, можеш да си дозволиш сè што ќе посакаш. Дури и здравјето, затоа што можеш да ја имаш најдобрата здравствена нега, каде и да посакаш во светот. Оваа опсесија со парите веројатно беше последица од периодот на сиромаштија, како резултат на транзицијата.

Поминуваа години и почна да ми станува јасно дека парите и не им се најважното нешто на многу луѓе. Имаше луѓе кои не беа водени ниту од парите, ниту од љубовта, а сепак имаше нешто што ги води кон одредена цел. Кога пред моите очи почна да се одвива една забранета врска, си помислив дека страста е таа што го врти светот. Страста, а не љубовта.

Страста кон љубовникот е таа што нè тера да ги изневериме саканите и покрај сè што можеме да изгубиме, меѓу кои и најсветото – семејството. Страста кон парите нè тера да не бираме начини да дојдеме до нив. Страста кон моќта е таа што нè тера да газиме преку трупови само да ја добиеме и задржиме. И не мора да има негативна конотација – страста кон некое хоби е таа што нè тера да поминеме часови и часови посветени на некое задоволство.

Луѓето со поголема страст кон нешто се поуспешни, затоа што се подготвени да вложат време, напор и енергија во нешто, и би направиле сè, само да го добијат она што си го зацртале.

Кога сакаш некого или нешто, го сакаш такво какво што е, без желба да го поседуваш само за себе. Љубовта е света и благородна. Таа не нè тера на непромислени чекори. Страста е онаа која ти ја разгорува душата, те тера да правиш и работи кои не личат на тебе, те тера да бараш начини да добиеш нешто и да го имаш само за себе.

Можеби за некое време ќе дојдам до поинаков заклучок, но сега верувам дека страста е најмоќното чувство. Чувството што го врти светот. Барем овој, денешниот.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали го вакцинирате вашето дете?
  • 69%
  • 13%
  • 18%
Се испраќа...

(Вкупно: 6999 гласа)

Цитат

Вистински пријател е оној кој ја гледа тагата во твоите очи, додека сите останати веруваат во насмевката на твоето лице.

Анонимен

Виц

Како се нарекува маж кој одбива да користи презерватив?

- Татко.