Учи, за да не работиш
Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Учи, за да не работиш
Во земјата на чудата

Учи, за да не работиш

Уште кога бев мала татко ми ми кажуваше дека неговиот татко, односно мојот дедо, му викал – учи за да не работиш. Тогаш било важно да имаш високо образование, за да можеш да најдеш полесна, главно канцелариска работа, а не тешка физичка работа која би ја имал доколку не би имал соодветно образование. Ми кажа дека неговиот татко го запишал на факултет којшто тој и не го сакал посебно, ама татко му сметал дека така може да најде работа многу полесно. А тоа било најважно, да најдеш работа, да земеш решение, и да си уживаш сé до пензија. Ми го кажуваше ова кога бев мала, а јас ништо не разбирав.

Татко ми се запишал на факултет некаде кон крајот на 60-те години од минатиот век. Речиси половина век подоцна, во едно поинакво време и еден поинаков систем, изреката „Учи за да не работиш“ сé уште важи. Само сега се оди еден степен погоре, па ако порано требало да завршиш факултет за да добиеш солидна работа, сега луѓето завршуваат постдипломски студии со надеж за подобра работа, без никаква гаранција дека ќе ја најдат.

Учење

Татко ми и мене ми го пренесе она што го знаеше – дека треба да учам за да не работам, што во времето кога јас студирав значеше да студирам факултет со кој полесно ќе најдам работа. Да биде иронијата поголема, јас го послушав, и иако воопшто не се најдов таму, го завршив факултетот. Сепак, никогаш не го работев она што мислев дека ќе го работам тоа што го студирав. За волја на вистината, факултетот ми отвори многу врати и денес работам угледна и релативно добро платена работа. Сепак мислам дека моите 8 часа дневно би можела да ги искористам некако поинаку, и да бидам посреќна.

Многу ги сакам и почитувам моите родители – прекрасни луѓе на кои им го должам моето постоење и тоа што ме научиле цврсто да стојам на земја и никогаш да не се откажувам. За мене тие се пример за одлични родители и се надевам дека и моите деца ќе имаат почит и љубов кон мене и сопругот, какви што јас имам за моите родители. Се потрудиле да нé научат мене и брат ми критички да размислуваме, да носиме одлуки и да понесеме одговорност за донесените одлуки. Нé научиле и да сакаме и да почитуваме, да бараме решенија, а не изговори. 

Единствено нешто кое ми е жал што моите родители не ме научиле е дека професијата треба да ја сакаш како што го сакаш животниот сопатник. И дека кога бираш професија, треба да бидеш исто толку внимателен колку кога бираш животен сопатник. Треба да го избереш она што најмногу го сакаш, она што уживаш да го правиш, затоа што само така нема да работиш, туку ќе уживаш. И дека нема перспективно образование, има само образование кое те подготвува да го работиш она што го сакаш, или образование кое те подготвува да работиш нешто што во моментот се бара, ама ќе го работиш без душа. На работа сме по 8 часа дневно – според мене, премногу време за да си го дозволиме луксузот да работиме нешто што не го сакаме. Само ако го работиш она што го сакаш можеш да дадеш сé од себе и сигурна сум дека успехот ќе биде неизбежен.

Се надевам дека ќе успеам оваа животна лекција да им ја пренесам на моите деца. Веќе се обидувам, но за жал сфаќам дека нема да биде лесно. Не поради мене или нив, туку поради околината, која им го наметнува општо прифатениот став, дека треба да се учи во добри училишта, да се завршат перспективни факултети, за да се најде добра и лесна работа и да се земе решение и да се ужива до пензија. А не да се посветиш на она што најмногу го сакаш, и тогаш ниту една професија нема да биде тешка.

Верувам дека секој од нас треба да размисли што е она што најдобро знаеме да го правиме, или пак што е она што сé би дале да научиме да го правиме, но животот не ни дал шанса. Да го научиме и да се обидеме да го работиме и да ја увидиме разликата помеѓу работа која од срце ја сакаме и работа која ја работиме затоа што сме успеале да ја најдеме или се смета за добра, иако не ја сакаме. 

Љубовта подразбира посветеност. Посветеноста раѓа успех.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Каде ќе одите/бевте на одмор ова лето?
  • 25%
  • 6%
  • 5%
  • 6%
  • 3%
  • 3%
  • 11%
  • 12%
  • 27%
Се испраќа...

(Вкупно: 6032 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?