Тешка е староста!
Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Тешка е староста!
Во земјата на чудата

Тешка е староста!

Денес баба ми полни 90 години. Пред околу 25 години имаше мозочен удар, по кој не можеше да оди, но по некое време успеа да стане од кревет. Уште оттогаш се спремаат за најлошото, и таа и најблиските. Доживеа длабока старост, дочека свадби од внуците и правнуци, а никој не го очекуваше тоа од неа.

Кога ќе ја прашам како е, секогаш го добивам истиот одговор – „На нозе сум, значи добро е... Само да не залегнам, па да им бидам непотребно оптоварување на блиските“. Но секогаш кога разговараме на оваа тема, доаѓа до истиот заклучок: „Тешка е староста!

90. роденден

Можам само да замислам колку е тешка. Се сеќаваш на времето кога си бил млад и полетен, но тоа веќе одамна е зад тебе. Си учествувал во градењето на државата, несебично си се вложил за ти и твоите деца, внуци и правнуци да имаат подобра иднина, за на крај да сфатиш дека напорот ти бил залуден, затоа што ниту државата е таква каква што со очекувал, ниту пак децата имаат убав живот, а уште помалку внуците и правнуците имаат светла иднина.

Порано си бил ценет, си имал многу пријатели, си бил ангажиран со работа и обврски и секогаш во недостаток од време. Сега го имаш целото време на светот, но немаш сила да направиш еден ручек, очите не те служат доволно добро да можеш да прочиташ некоја книга, а пријателите или не можат да те посетат затоа што и тие се веќе стари и изнемоштени, или веќе не се живи. 

Она што мислам дека им паѓа најтешко на старите е тоа што не добиваат доволно внимание од семејството, тоа исто семејство што потекнува од нив. Многу често се случува ниту децата ниту внуците да немаат време да ги посетат постарите. Но динамиката на животот е променета и навистина живееме во време во кое честа фраза е „Немам време“. И за жал, кога мораме да бираме помеѓу дополнителните часови на работа кои ни носат дополнителен приход или пак ни помагаат да го задржиме работното место до кое едвај сме дошле, обврските околу домот и децата кои секако се неизбежни, и посета на постарите, најверојатно изборот нема да падне на последното. 

Можам само да замислам колку осамен живот живеат оние кои се навистина стари, како баба ми. Сами по цел ден, никој не ги посетува со денови. Не можат јадење сами да си подготват, мораат да чекаат да им биде донесено. Кога одат се тетерават, па не можат да излезат надвор од својот дом, веќе ни со придружба. Не можат да прочитаат книга, затоа што буквите им се многу ситни, и покрај големиот диоптер на очилата. Еве, и денес кога и се јавив на баба ми да ѝ честитам роденден, ми рече: „Да бев во затвор, поубаво ќе ми беше. Тука цел ден сум во самица. Таму ги ставаат во самица одредено време, а потоа ги враќаат назад меѓу луѓе“.

Она што сум го забележала кај баба ми, а и кај многу други постари луѓе е тоа што и покрај тоа што телото им откажува, духот не ги напушта. Еве, и денес кога ѝ честитав роденден, ми рече “Дојди вечер на роденден, ќе го славам во ресторан, резервирав за 300 гости. Ќе има и пејачки, а попладне ќе одам и на фризер“. И покрај тоа што секогаш кога ќе се видиме се жали дека ѝ е тешко, поголемиот дел го поминуваме во смеа. Се шегуваме за нејзините додворувачи, за врската со дедо ми, за времето кога била млада. Ми раскажува за Скопје пред земјотресот, за самиот земјотрес, за периодите под турско и бугарско, за војната и периодот на обновата по војната. А јас седам, ја слушам и без здив ги впивам сите приказни од минатото. 

Се трудам колку што можам да ѝ ја олеснам староста. Да ѝ ја разбијам монотонијата на секојдневието, да ја развеселам, како таа мене кога бев мала. И покрај сите обврски се трудам да најдам време за неа, барем еднаш во неделата и барем на половина час. И затоа што заслужува можеби и многу поголем дел од моето време, но и поради себе. Еден ден, кога ќе бидам стара и сигурно ќе ми биде тешко, сакам да се сетам дека сум била со баба ми колку што сум можела, а не да се каам што не сум поминала повеќе време со неа. 

Да не заборавиме дека сите ќе бидеме стари еден ден.

Нека ти е среќен роденденот бабичке моја! Ти посакувам да си доживееш уште многу убави и среќни мигови!

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Каде ќе одите/бевте на одмор ова лето?
  • 25%
  • 6%
  • 5%
  • 6%
  • 3%
  • 3%
  • 11%
  • 13%
  • 28%
Се испраќа...

(Вкупно: 4947 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?