Сакам воздух!
Во земјата на чудата

Сакам воздух!

Текстов го вадам од „нафталин“, напишан пред да почне зимата. Тогаш веројатно во последен момент сум решила да не го објавувам, да пишувам за нешто поактуелно. Но ете, не помина многу време, кога дојде моментот да нема поактуелна тема од загадениот воздух.

Веќе некое време Скопје тоне во смог, а ние се гушиме заедно со него. Човек не може да земе воздух како што треба, затоа што длабокото вдишување веднаш тера на кашлање. Никогаш досега не сум се гушела вака од загадениот воздух.

На секој кој барем малку живеел во Скопје, јасно му е дека загадениот воздух не е нов проблем. Можеби немало мерачи, можеби никој на известувал, не е ни важно – воздухот бил загаден, но не можам да верувам дека бил толку многу како што е сега. Не ми треба мерач за да знам како сум се чувствувала порано и како се чувствувам сега.

Загаден воздух

Скопје е во котлина и тоа го отежнува раздвижувањето на воздухот. Дополнително, градот не е мал, има доста сообраќај и многу луѓе се греат на дрва. Згора на тоа, има и неколку фабрики кои го загадуваат воздухот. Тоа ја објаснува загаденоста на градот. Ја објаснува, но никако не ја оправдува.

Какви сè приказни се изнаслушав периодов додека трае загадувањето. Од тоа дека отсекогаш било загадено и тоа е така, нормално дека е загадено кога сите дојдоа да живеат во Скопје, во котлина сме и не може ништо да се стори, виновни се оние што се греат на дрва, а не фабриките и автомобилите, дека кој сака чист воздух треба да живее во село и ред други приказни.

Тоа што знаеме дека имаме предиспозиции за загадување на воздухот треба да ни биде мотив плус за да најдеме начин да го намалиме. Затоа што е неопходен услов за живот и затоа што сите нè засега. Воздухот е нешто што не може да се добие со партиска книшка, рамковен договор или да се купи со пари.

Наместо во зима да се чудиме од каде е ова загадување, треба преземеме мерки за подобрување на квалитетот на воздухот. Не треба да измислуваме топла вода, има успешни примери, треба само да ги препишеме и да ги прилагодиме. Најмалку важно е кој кога дошол во Скопје. И погодувањето дали се автомобилите, фабриките или греењето на дрва нема да помогне, туку треба да се направат анализи.

И нека не ми кажува некој дека нема пари за вакви мерки. Кога имаше пари за повеќе од 200 нови автобуси, не може да нема за автобуси кои ќе имаат сопствена лента на улиците, со поквалитетни филтри. Кога има за бесплатно возење на пензионерите три дена неделно (односно возење кое друг го плаќа затоа што во капитализмот нема бесплатни материјални нешта), не може да нема за подобро организиран превоз, каде треба да платиш една карта во еден правец, а не онолку колку што ќе менуваш автобуси. Затоа што не е моја вина што од кај мене до работа треба да сменам три автобуси. И подобро е да сменам три, отколку да одам со автомобил. Кога има пари за нови згради, не може да нема за енергетски ефикасни фасади или за растенија на покривите од зградите. Кога има пари за нови патишта, не може да нема за велосипедски патеки, но не такви кои завршуваат во рекламни паноа, туку патеки на кои вистински може да се вози велосипед. Кога има простор за толку многу споменици, не може да нема за дрвја. Не, не зборувам за политика, зборувам за здравје, а здравјето нема цена.

Во Македонија имавме болно научени лекции поврзани со загадувањето, кои треба да ни служат за пример, а не да ги забораваме за неколку години. Топилницата во Велес е само еден од тие примери, а сведоци се децата родени со деформации и болестите кои Велешани и денес ги тегнат како мираз од топилница. Кога веќе еднаш на сите ни стана јасно дека ништо не смее да биде поважно од здравјето на луѓето, па дури и по цена на губење на работните места поради затворање на фабриката, зошто повторно мораме да го одиме истиот пат? Зарем не требаше од тој пример да научиме нешто и да не го повториме?

Подобрувањето на квалитетот на воздухот не е обврска само на властите, туку на сите нас. Секој од нас со своите одлуки придонесува кон поквалитетен или позагаден воздух. Тргнувајќи од секојдневните – дали ќе оди на работа пеш, со велосипед, јавен превоз или автомобил. На што ќе се грее и каков автомобил ќе купи. И дали ќе седи дома во својата комфорна зона или активно ќе се приклучи кон иницијативите за почист воздух.

Никогаш не сум помислила дека еден ќе се борам за воздух. Порано го кажувавме како виц за иднината, но стана сурова реалност.

Мислиме ли воопшто на идните генерации? Што ќе дишат тие ако продолжиме со ова темпо?

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали го вакцинирате вашето дете?
  • 70%
  • 13%
  • 17%
Се испраќа...

(Вкупно: 9274 гласа)

Цитат

Вистински пријател е оној кој ја гледа тагата во твоите очи, додека сите останати веруваат во насмевката на твоето лице.

Анонимен

Виц

Како се нарекува маж кој одбива да користи презерватив?

- Татко.