Комуникацијата во бракот
Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Комуникацијата во бракот
Во земјата на чудата

Комуникацијата во бракот

Стапувањето во брак најчесто се случува во периодот од врската кога сме многу вљубени и речиси целото слободно време го поминуваме со партнерот. Уживаме во долги разговори кои траат со часови, гледаме филмови, се гушкаме под ќебе и си веруваме дека секогаш ќе делиме сè.

На почетокот од заедничкиот живот има период на прилагодување кој воопшто не е лесен. Два карактера со различни карактери и навики треба да се усогласат и да функционираат во една заедница. Честопати дури и пред да се усогласат семејството се проширува со уште еден член, кој носи многу поголема одговорност и повеќе обврски.

Чудно е колку брзо лета времето кога имаш деца. На почетокот со редовни контроли, вакцинација, први запчиња, чекори и зборови. Потоа доаѓа период на детски родендени, попладневни активности, па потоа и пишување домашни и учење. Тоа е неколкугодишен период во кој работите ти се одвиваат како на филмска лента. Се редат денови еден по друг, а ти трчаш да постигнеш да опфатиш сè.

Комуникација во бракот

Во многу семејства по доаѓањето на децата, комуникацијата меѓу партнерите се сведува на разговор за децата. Се разговара за нив, се делат обврските околу нив и потоа се трча да се постигне сè што треба. Дали се детски родендени, курсеви, тренинзи, одење на лекар, што и да е. Секогаш има по нешто. Ова се случува постепено, но трае долг период, додека децата се осамостојат, што се случува сè подоцна. 

Паралелно со преокупирањето со децата, со текот на времето страста помеѓу партнерите сè повеќе се губи. Јас не верував кога постарите ми кажуваа дека по околу десет години страста нагло опаѓа. Се гордеев што јас ете веќе имам зад себе десет години стаж, па страста сè уште е тука, но две години подоцна ми се случи и мене. Не дека целосно ја снемува, ама ако претходно била тука присутна цело време, сега треба да се работи на нејзино разгорување. 

Притисокот што сите го имаме на работа дополнително влијае на комуникацијата меѓу партнерите. Сите се соочуваме со некои проблеми кои едноставно не можеме да ги оставиме зад себе кога ќе го напуштиме работното место. Сепак, таму го поминуваме најголемиот дел од денот. 

Има луѓе кои дома ништо не кажуваат за работата, не сакајќи да го оптоваруваат партнерот со непотребни грижи или едноставно се трудат да не разговараат за работата. Но ако не споделиш, тогаш проблемите само внатрешно ќе те тиштат и пак може да се одразат во меѓусебната комуникација. Има и луѓе на кои зборувањето им помага да си ја олеснат душата, па речиси целото време дома им поминува во разговори за работата. Искрено, не знам која од овие опции е подобра. Сигурно нешто помеѓу нив, но прашање е колкумина тоа навистина можат да го постигнат.

Уште од патот кон работното место оптоварени сме со грижи околу работата. Секој лута со своите мисли, без да разговара со партнерот. Имам некоја навика додека патувам да ги набљудувам паровите во автомобилите. Ретко кој пар комуницира меѓу себе, а оние кои комуницираат многу често се гледа дека се сред некоја расправија. 

„Се будиш еден ден и сфаќаш дека немаш што да си кажеш“, беше одговорот на еден пријател кога го прашав зошто се разведуваат со сопругата по речиси дваесет години брак. А толку е лесно да паднеш во таа замка! Почнува полека и наивно, се шири и пред да се освестиш, веќе си во неа. 

Лекот е многу едноставен, а тоа е редовна и отворена комуникација меѓу партнерите. Нешто што на почетокот на врската речиси сите сме го имале, без никаков посебен напор. Отворен разговор и заедничко решавање на сите проблеми кои наидуваат на патот. Всушност, ова е повеќе превенција отколку лек, иако сигурна сум дека делува и како лек, ако не е предоцна. Веќе изгубената комуникација многу е тешко да се врати. 

Ако во врска комуникацијата со партнерот ни оди сама од себе и страста ја има во огромни количини, во брак на нив треба да се поработи. Честопати ги губиме токму затоа што не сме свесни дека треба да поработиме на нив.

Треба да поминуваме заедно што е можно повеќе време. Да се фокусираме на добрите страни, наместо на лошите. Сигурно имало добра причина да се вљубиме во нив и да одлучиме да го делиме животот со нив, зар не?

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали го вакцинирате вашето дете?
  • 70%
  • 13%
  • 17%
Се испраќа...

(Вкупно: 8594 гласа)

Цитат

Вистински пријател е оној кој ја гледа тагата во твоите очи, додека сите останати веруваат во насмевката на твоето лице.

Анонимен

Виц

Како се нарекува маж кој одбива да користи презерватив?

- Татко.