Колку „чини“ едно дете?
Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Колку „чини“ едно дете?
Во земјата на чудата

Колку „чини“ едно дете?

Поминувам покрај телевизорот во дневна, а таму оди добро познатата реклама „Создади иднина“. Онаа првата, „твоите ќе купат креветче, моите ќе купат количка“, а пелените чинат помалку од едно излегување во кафеана. Да биде иронијата поголема, се најдов пред телевизор на пат кон компјутерот, електронски да ги платам сметките. Чудно, само што помина први, сметките веќе се тука. А кога чекаш нешто важно, поштарот никаде го нема.

Јас сум голем поборник за создавање семејство, но не мислам дека тоа треба да се стимулира преку прикажување на нереална слика. Да бидам искрена, и јас мислев дека е илјадарка месечно. Но не излезе математиката баш така.

Семејство

Со ќерката имавме многу проблеми со грчеви. Англиско сирупче, ваков или онаков чај, чај за мене, да не ѝ предизвикува повеќе грчеви млекото... и ете, веќе надминавме уште една илјадарка. Но тоа и не било толку страшно. Дојде време да лежиме со децата по болници. Луѓе, лежењето во болница како придружник е ненормално скапо. Вообичаено за придружба се плаќа над 700 денари дневно, во зависност од тоа каква е собата. А најчесто немаш можност да избираш, каква ќе ти дадат таква ќе земеш. Мене не ми значи ништо дали имало телевизор во соба, но ете, таа е 1.000 денари дневно. И кога и да сум била, не сум седела помалку од седум дена. Значи, 7.000 денари, сосема непланирано. Само за придружба на дете, а се доплаќа нешто и за него. И се разбира, кога ќе ве пуштат дома, треба да купите антибиотик, а најчесто и не само тоа, секогаш има и по нешто дополнително. Вечно сум им благодарна на родителите што ми се нашле во вакви ситуации, кога да не биле тие, не знам како ќе сме ги нашле тие пари. За жал, доцна разбрав дека во Државна болница не наплаќаат за придружник до три години, а во Козле само до една година. А како да го оставиш детето само во болница?

Откако малку им зајакна имунитетот, почнаа да одат во градинка. Освен тоа што се плаќа по речиси 2.000 денари месечно за едно дете, постојано се докупуваат хартија за раце, тоалетна хартија, влажни марамчиња, сапун, материјали за работа и слично. А да не ги споменувам детските родендени. Секоја недела има барем по еден детски роденден. Иако за овие родендени вообичаено не се купуваат многу скапи подароци, се поминува со околу 300 денари за еден подарок, сепак се трошок кој често се јавува. Родендените на децата на пријателите се друго, таму трошокот е доста поголем.

Самото организирање роденден во игротека чини цело богатство. Никогаш не ме чинело помалку од 10.000 денари за сè, најчесто е околу 12.000, а последнава година беше уште повеќе, вкупно по околу 18.000 денари. Цените се однесуваат на сè околу роденденот, не само игротеката туку и торта и ордевери и слично, иако морам да напоменам дека никогаш не сме претерувале со храна, немало премногу, туку сосема пристојна количина.

Заедно со училиштето, кое чини нешто повеќе од 2.000 денари месечно за целодневна настава, доаѓаат и воншколските активности. Минимална цена е по 1.000 денари месечно за едно дете, за активност која се практикува еднаш месечно, иако најчесто е повеќе – до 2.000 денари. Олеснителна околност е што за две деца има попуст, најчесто 10%. Децата најчесто одат на две активности паралелно, барем оние што го знам, вклучувајќи ги и моите.

Почетокот на училишната година е посебно тежок, кога треба да се купат сите работни материјали – тетратки, работни тетратки, боички, материјали за хигиена... Во прво одделение најчесто се инвестира и во училницата – нов телевизор, шкафчиња, или нешто трето, во зависност од потребата. Истите трошоци ги има и во градинка.

Ова се трошоците поврзани со децата, барем во Скопје. И ништо од ова не ги вклучува основните работи, како што се храна и облека, тоа би бил дополнителен трошок.

Се разбира, секогаш има поповолни опции. Децата не мора да посетуваат целодневна настава. Не мора да одат на воншколски активности. За жал, трошоците поврзани со почетокот на учебната година мислам дека не можат да се намалат, иако се надевам дека на оние кои навистина не се во можност да ги купат, не им се бараат.

На децата им треба љубов и не треба да ги учиме уште од мали да имаат сè и да уживаат во материјални добра. Но ако не можеме да им овозможиме, тогаш треба да најдеме начин да им објасниме зошто е тоа така. Зошто некој друг има, а ние немаме. Тешка животна лекција, иако има и потешки.

Децата се најголемо богатство. Секој троши според можностите. Намерата не ми беше да исплашам некого, туку да објаснам дека не, не е илјадарка месечно. Кога имаш деца, животните трошоци драстично се зголемуваат. И колку се поголеми децата, толку поголеми се и трошоците.

Како и да е, да ни се живи и здрави децата! Поголема среќа од нив нема и секој родител верувам дека би се сложил дека за нив би потрошиле сè што имаме, без размислување.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали го вакцинирате вашето дете?
  • 69%
  • 13%
  • 18%
Се испраќа...

(Вкупно: 6999 гласа)

Цитат

Вистински пријател е оној кој ја гледа тагата во твоите очи, додека сите останати веруваат во насмевката на твоето лице.

Анонимен

Виц

Како се нарекува маж кој одбива да користи презерватив?

- Татко.