Еманципација?!? Не, благодарам!
Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Еманципација?!? Не, благодарам!
Во земјата на чудата

Еманципација?!? Не, благодарам!

Честопати, особено кога се наближува 8-ми март, се прашувам што ли им требало на Клара Цеткин и Роза Луксембург да се борат за правата на жената?!? Или имале вишок слободно време, или немале претстава како еманципацијата ќе се одрази на жените, барем во денешно време.

За оние кои се недоволно упатени, еден просечен ден на македонската вработена жена, мајка, домаќинка и сопруга изгледа вака:

Утрото започнува со подготовка за денот – својот и на сите во семејството. Правиш кафе, сок, ги будиш сопругот и децата, облекуваш деца, пеглаш кошула на сопругот, а во меѓувреме се облекуваш, шминкаш и средуваш фризура.

Одиш на работа каде се справуваш со милион обврски и ситуации кои „машки“ треба да ги решиш. Се враќаш, правиш ручек, и по ручекот седнуваш да учиш со децата затоа што тие сами нема да го направат тоа. Ги легнуваш да спијат, па го расчистуваш хаосот, миеш садови, пушташ машини (после 22.00), пеглаш и евентуално подготвуваш ручек за следниот ден.

Мултитаскинг

И да не заборавиме дека сме жени и секогаш треба да изгледаме убаво, а тоа подразбира потење на задникот! Секоја чест на исклучоците кои не мораат да го испотат задникот, а ним страшно им завидувам. Значи за да изгледаш добро вежбаш на орбитрек, степер или пушташ зумба, и на крај, по туширањето имаш уште една должност – да го испочитуваш брачниот другар! Се разбира, тој е секогаш расположен за брачни должности затоа што после работа не учел со децата и не средувал дома, туку си дремнал, па сега е свеж! И кога сè тоа ќе се заврши сфаќаш дека новиот ден веќе одамна почнал и дека за околу 5 часа треба да станеш за на работа!

Знаете ли колку пати сум посакала да можам да ги оптимизирам процесиве, да спојам едно со друго за да зголемам ефикасност? И тоа само за да можам да спијам 8 часа, ништо повеќе! Колку би била среќна кога би можела да готвам и пуштам машини додека учам со децата! Сигурно тука би скратила повеќе од еден час! Ама не можам, прво затоа што ако пуштам машини попладне ќе треба да продадам бубрег за да ја платам сметката за струја! И не можам да си ја погазам лекцијата која постојано им ја раскажувам на децата – дека во соба се учи, а во трпезарија се јаде.

Кога сме кај оптимизацијата (со цел да добијам некој час спиење, воопшто не се работи за некаква сексуална фантазија) мојот најголем сон е да можам да мијам садови и да вртам на орбитрек додека имам секс со сопругот! Тука како ништо се заштедуваат уште барем два часа! И со претходниот еден заштеден – ете ти ги три, колку што ми недостасуваат да се наспијам! А ако запнам уште малку, ќе извадам и половина час за читање, ама ајде да не претерувам сега, кај наспана, па уште и начитана!

Јас еманципацијата ја доживувам како осум часа на работа и сите обврски кои ги имале жените кога не оделе на работа! Признавам, немале машини што им го отежнувало животот, а немале ни скапа ни евтина струја. Се грижеле за семејството и домот, а притоа не биле изнервирани од работа.

И што ако имам право на глас, кога во последно време повеќе го сфаќам како казна отколку како привилегија!

Единствено што ме тера да се колебам дали би ја заменила еманципацијата за 3 часа спиење е прославата на 8-ми март... знаете, маса полна жени со фризури во кафана, и за секоја има цвет? Бесценето!

Можеби во иднина ќе биде подобро, но денес, кога сме заглавени меѓу традицијата наметната од минатото и обврските на современата жена, најодговорно тврдам дека да се биде вработена жена, мајка, сопруга и домаќинка е проклето тешко!

Во меѓувреме... ве оставам да ја продолжите трката со времето. Не дозволувајте да ве згази!

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 26%
  • 74%
Се испраќа...

(Вкупно: 3738 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?