Додека смртта не нé раздели
Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Додека смртта не нé раздели
Во земјата на чудата

Додека смртта не нé раздели

Најголемиот ден за секоја девојка е нејзината свадба. Девојките најчесто ја имаат испланирано нивната свадба од соништата уште многу време пред да го сретнат „вистинскиот“. Знаат како ќе им изгледа венчаницата, која ќе им биде старосватица, со која песна ќе ја отворат свадбата, како ќе им изгледа поканата, каква торта ќе имаат и со какви цветови и во кои бои ќе им биде бидермаерот. Со внимание ги следат кажувањата за туѓите добри и лоши искуства со музиката, фотографот и камерманот, и додека влезат во дваесеттата година веќе имаат направено кратка листа на фотографи, камермани и бендови на кои би им довериле нешто толку големо, како нивната свадба.

Свадба

Свадбата е ден за кој жените сонуваат уште како мали девојчиња, додека ги слушаат приказните за Пепелашка и нејзиниот принц, за Снежана и нејзиниот принц, за Трнорушка и нејзиниот принц, за Ариел и нејзиниот принц... женските ликови се менуваат, а единствената константна функција во приказните е принцот, кој најчесто доаѓа сам и ја спасува пасивната девојка од некоја за неа неповолна ситуација, без таа да помрдне со прст. И потоа, си живеат среќно до крајот на животот. Приказните завршуваат без упатство како да се најде принцот, а нам ни преостанува сами да откриеме како и каде да го најдеме вистинскиот.

Како знаеш дека тој е вистинскиот? 

-Нема да знаеш. 

Гаранции нема. Треба да се потпреш на срцето и разумот и да донесеш одлука. Од седум милијарди жители на планетава, сигурно нема само еден кој ми одговара. Убедена сум дека има барем илјада со кои би била среќна, ако не и повеќе. Но кога ќе најдеш некој го има она кое тебе ти треба, застани. Престани да бараш и задржи го. Не мора да им се допаѓа на пријателките, колешките, не мора да ѝ се допаѓа дури ни на мајка ти – бидејќи ти ќе бидеш со него во добро и во зло, а не пријателките. Секој си знае што му е најважно. Дали е тоа почит, разбирање, пари, образование, презиме, некоја деструктивна карактерна црта – колку луѓе, толку приказни. Не се прашувај дали и колку им се допаѓа на другите, туку колку тебе ти одговара. И да е најидеален според некои општоприфатени критериуми, ако мене не ми одговара – џабе е. 

Денот на свадбата е само еден ден на кој се слави она што доаѓа на ред по неа – делењето на доброто и злото, додека смртта не нé раздели. Добрата страна е тоа што секогаш имаш некој покрај себе. Среќата е уште поголема кога ја делиш со некој, а тагата полесно се поднесува. 

Делењето на доброто и злото подразбира и обврска. Врската треба да се гради и по стапувањето во брак. Но многу парови не разбираат дека во неа треба да се инвестира исто како и на почетокот, дури и повеќе, затоа што повеќе нема да бидете заедно само кога имате време и добро сте расположени, туку ќе бидете исправени пред различни проблеми. И кога ќе се вратиш изнервирана од работа, ти доаѓа да му се истуриш, а тој не е ни крив ни должен. И кога ќе бидеш скапана од работа, а треба да правиш ручек за следниот ден. И кога ќе ти паѓаат очните капаци затоа што бебето неколку ноќи плачело, а ти преку ден треба да одиш на работа. И кога едвај ќе врзете крај со крај во месецот. Секогаш треба да најдете време еден за друг, да поразговарате, да покажете љубов и разбирање.

Не звучи како бајка?

Никој не рече дека ќе биде лесно. Но никој не рече ни дека ќе биде тешко. Така е затоа што никој не зборува за тоа. Вниманието е насочено кон најважниот ден во животот – свадбата, а не она што следува по неа. А она што следува е животот – толку несовршен, а сепак прекрасен.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Каде ќе одите/бевте на одмор ова лето?
  • 25%
  • 6%
  • 5%
  • 6%
  • 3%
  • 3%
  • 11%
  • 12%
  • 27%
Се испраќа...

(Вкупно: 6031 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?