Почетна » Кариера » На работното место » Стресот на работното место

Стресот на работното место

Работата ни носи поголема самоувереност, финансиска сигурност и статус. Но, работното место може да биде и причина за загриженост и појава на силен стрес, особено во денешните услови на глобална криза.

Жена под стрес
Стресот на работното место може да предизвика и физички и психички проблеми.

За стресот на работа

Сите ние треба да чувствуваме малку напрегнатост и притисок на работното место, за да можеме навреме да ги завршуваме задачите и да напредуваме во кариерата. Но, преголемиот и постојан притисок е непријатен, може да доведе до силен стрес, а сето тоа влијае негативно врз нашето здравје.

Стресот, кој се појавува на работното место, дејствува различно кај различните луѓе. Некои многу повеќе се приврзани за работата и најмалиот проблем кај нив може да предизвика голем стрес и загриженост. Во истото време, има и такви луѓе, кои воопшто не се засегнуваат од проблемите на работа. Сето тоа зависи од карактерот на лицето и неговата способност да реагира на стрес.

Симптоми

Стресот на работното место може да предизвика и физички и психички проблеми. Кога сте под стрес, вие сте посклони кон појавата на некои од следните физички симптоми:

  • Главоболка;
  • Напрегнатост во мускулите;
  • Болка во грбот или вратот;
  • Забрзан ритам на срцето;
  • Потење;
  • Умора и малаксаност;
  • Проблеми со спиењето.

Стресот е непријател на менталното здравје. Тој може да предизвика некои од следните психолошки симптоми:

  • Чувство дека не можете да издржете повеќе;
  • Промена на расположението;
  • Неможност да се концентрирате;
  • Нередовна исхрана;
  • Намалување на либидото.

Причини за појавата

Постојат многу фактори, кои придонесуваат за појавата на стрес на работното место. Лошите работни услови, долгото работно време или несигурната работа се многу честа појава во нашата држава. Поради тоа тие се и најчестите причини за појавата на интензивен стрес кај повеќето вработени.

Не е ретка и појавата на омраза и непријателство помеѓу колегите. Во таква атмосфера појавата на стрес е неизбежна.

Други причини за појавата на стрес на работното место можат да бидат: предолго патување до работното место, лош менаџмент во компанијата, премногу обврски, разминување помеѓу вашите способности и тоа што се очекува од вас, прекратки рокови за исполнување на задачите и сл.

Совети да го намалите стресот

Вие можете да научите како да го надминете стресот на работното место и да бидете порелаксирани. За да го направите тоа, не е потребно да го смените начинот на живот. Можете да правите неколку мали нешта, кои ќе го подобрат вашето расположение и ќе ви ја зголемат енергијата.

  1. Организирајте се. Анализирајте ги вашите дневни обврски и задачи. Распоредете ги рамномерно. Не се посветувајте само и единствено на работата. Обидете се да најдете баланс помеѓу работата и социјалниот живот.
  2. Излегувајте наутро 10-15 минути порано. Со тоа ќе си го намалите барем стресот кој го предизвикува брзањето, за да не задоцните.
  3. Приоретизирајте ги задачите. Направете си список од сите задачи и подредете ги по важност. Оние задачи кои се поважни за вас, исполнете ги први.
  4. Не бидете перфекционисти. Навистина е важно да давате сè од себе си на работното место, но не треба да претерувате. Ништо не е поважно од вашето здравје, па ни кариерата.
  5. Спријателете се барем со некои колеги. Ако знаете дека до вас има колеги кои би ви помогнале кога сте под стрес, многу ќе бидете порелаксирани. Не заборавајте да ја вратите услугата, кога ќе им е потребна и нив вашата помош.
  6. Внесете хумор во вашето секојдневие. Дури и на работа не можете и не треба да бидете сериозни преку целото време. Кога и да имате можност, пошегувајте се со колегите. Смеењето е најдобар лек против стрес.
  7. Движете се. Практикувајте физичка активност од 30 минути барем 2 пати неделно. Со тоа ќе имате повеќе енергија, вашето расположение ќе се подобри и вие ќе се чувствувате позадоволни и поопуштени.
  8. Консумирајте алкохол умерено и избегнувајте го никотинот. Алкохолот краткотрајно го намалува стресот и напнатоста, но кога ќе претерате вознемиреноста се зголемува. Ако пиете за да го намалите стресот на работа, може да станете зависни. Исто така и пушењето може да ве смирува кога сте вознемирени, но потоа доведува до повисоко ниво на анксиозност.
  9. Потрудете се да имате добар сон. Стресот и загриженоста може да предизвикаат инсомнија и обратно, недостатокот на сон ве прави посклони кон стрес. Кога сте поодморени, можете подобро да одржувате емоционална рамнотежа и со тоа да се борите против стресот.
  10. Разговарајте за стресот со вашите блиски. Тоа е добар начин да го намалите стресот, да погледнете на проблемите од друга перспектива и полесно да најдете нивно решение.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9508 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.